На денешната прес конференција од партиското седиште, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски ги образложи трите принципи за кои се залага партијата во контекст на донесувањето на новиот закон за јавното обвинителство.
Во продолжение во целост ја пренесуваме оваа прес конференција:
Трите принципи предложени од ВМРО-ДПМНЕ имаат цел да ја вратат правдата и правната држава во Република Македонија. Почитувањето на меѓународното право, почитувањето на основните човекови права и принципот за независно и професионално јавно обвинителство, треба да ја вратат довербата на граѓаните во системот и да бидат сигурни дека органите на прогонот нема да бидат продолжена рака на извршната власт, туку пред се ќе ги штитат интересите на државата и на граѓаните.
Jавноста мора да знае од која од трите принципи власта е подготвена да ја жртвува? Кои од бараните принципи врз кои треба да се изгради новиот закон за јавно обвинителство Зоран Заев и Рената Треневска Десковска сакаат да отстапат? Дали е тоа принципот за следење на меѓународното право и имплементација на меѓународните препораки, дали е помалку важен за Заев и Треневска Десковска принципот на почитување на основните човекови права кои ќе доведат до Јавно обвинителство кое ќе ги следи меѓународниот суд за човекови права, или Заев и Треневска Десковска сакаат да тргуваат со принципот за независно непартиско отчетно и транспарентно јавно обвинителство кое што ќе ги штити интересите на граѓаните наместо интересите на власта?
Што се’ се волни да прескокнат од меѓународните препораки во законскиот текст, за Зоран Заев и Рената Треневска Десковска да избегаат од комисија која ќе го испитува работењето на овој тим на СЈО? Што се’ треба да биде жртва на желбата на Заев и Треневска Десковска за да го избегнат Јавно обвинителство кое што нема да работи под стеги и прислушувања? Заев и Треневска Десковска посакуваат Јавно обвинителство кое што со месеци ќе молчи за трговијата со правото и правдата, за поткуп во изборни цели, посакуваат обвинителство кое ќе им служи за политички прогон и заштита на криминал на власта.
Трговија со правото и правдата, трговија со основни принципи кон реформи и заштита на демократијата, трговија со човековите права е не дозволена во демократијата. А токму тоа го прават и го посакуваат Заев и Треневска Десковска.
Залудни се обидите за притисок врз опозицијата и таа да се претстави како кочничар на наводни реформи. Ваков законски текст каков што е доставен е антиреформа, со оглед на тоа што не содржи огромна низа на релевантни препораки кои што ќе доведат до право и правда, до правна држава, до Јавно обвинителство во име на граѓаните, до Јавно обвинителство кое нема да се плаши да ги истражи криминалите на власта, а тоа се и основните принципи за постоење на Јавно обвинителство. Барањето амандмани во оваа фаза, е токму тоа, обид за трговија со основните принципи. Демократијата точно определува кога и каде се поднесуваат амандмани, тоа се прави во Собранието, во собраниска процедура, а не во министерствата во владата.
Почитувани, европската иднина не зависи од брзината на носење на закони, туку од нивниот квалитет и практикување. Доколку не се почитуваат основните принципи, Македонија повторно ќе има нефункционално јавно обвинителски систем. Консензус не значи земи или остави во 5 минути, не значи поддршка на неквалитетни решенија.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Организираниот енергетски пазар во подем: Министерката Божиновска во посета на МЕМО
Николоски: Во 2025 г Македонија ќе биде прва по економски раст во регионот
Средба Тошковски- Памер: Македонија и Австрија имаат многу заеднички точки за соработка на поле на безбедноста