Денешните минимални врнежи на снег и екстремно студеното време предизвикаа заледување на коловозните ленти ширум Брегалничкиот регион. Регионалниот пат Делчево-Македонска Каменица-Кочани е во екстремно лоша состојба а на повеќе места попладнево се забележани застои на сообраќајот.
Наши читатели на лице место на оваа патна делница јавуваат за неподвижни возила кои се туркани од страна на човечка сила и за недоволна ефикасност на оперативата на Јавното претпријатие за државни патишта. Револтирани граѓани соопштуваат дека воопшто на коловозот нема нанесување на ризла и сол а заледениот коловоз е директна закана за безбедноста на патниците.
Неповолната состојба на оваа главна сообраќајна артерија на Источна Македонија најмногу се одразува на тешките товарни возила и автобусите кои беа затекнати парализирани долж регионалниот пат.
