Брегалнички Портал

Вести од Багалничкиот регион.

Петре М. Андреевски: НЕ ДОЗВОЛУВАЈТЕ НИКОЈ ДРУГ ДА ГИ КОНТРОЛИРА И НАШАТА СВЕСТ И НАШАТА НАЦИОНАЛНА ГОРДОСТ

Пренеси го гласот

Браќа и Сестри !

Не подарувајте го идеалот на вашиот минлив живот! Не напуштајте го храмот што го носите во вас. Не напуштајте го и кога знаете дека е разурнат. Исправете ги неговите урнатини зашто само така ќе си ја вратиме и верата во себеси. Не срамете се од ништо што е наше. Ставете го во вашата љубов како порака на сите наши предци, кои пред нас биле некаде тука. Можеби на истите овие места што сега ги зафаќаме ние.

Не дозволувајте никој друг да ни ги контролира и нашата свест и нашата национална гордост. Презирајте ги оние што ни го присвојуваат името, но и црквата, јазикот и писмото што го позајмиле од нас. Сите оние кои што сакаат да ни ја предодредат нашата историска приказна што се крепи на толку многу гробови. Знајте дека во таа приказна се заложени сите наши државотворни темели и сето свое наследство. ,, Јазикот е нашата идеална татковина “, ќе рече Конески и затоа да ги обожуваме своите зборови зашто тие се лицето на нашата душа. Тие се единствените живи споменици и клучни сведоци на кои им го должиме сето нашае сеќавање.

Браќа и Сестри!

Ние сме избраниот народ што го имаше и божјиот благослов да ги отвори вратите на христијанството кон Европа и да бидеме првиот мост за премин на неговите свети пораки кон вечноста. Од оваа библиска земја Александар Македонски почна да ја оживотворува идејата и првиот образец за светска држава.. Тука е основан и првиот универзитет во Европа. Отворете ги нашите стари светилишта и ќе се уверите дека на овој духовен простор е родена и ренесансата во делата на големите ликовни мајстори на ѕидното сликарство.

Низ богатиот и разновиден фолклор е изразена и неповторливата творечка дарба на нашиот народен гениј. Тоа е златниот ковчег во кој се чува целиот македонски предзнак што ни е оставен во вечно завештание.

Сме имале и безброј буни и востанија, сме имале и многу погубени воини, но не и победени. Сме имале и многу ослепени војници, но не и слепи духовни видици. Никогаш не сме го прекинале допирот со светлината. Колку и да сме имале некаков грев кон татковината, таа сепак ни проштевала. И останувала во нашиот копнеж да умреме во неа. Таа секогаш била она избрано место на кое сме можеле, дури и мртви, непречено да сонуваме.

Браќа и Сестри!

Да ги зарамниме еднаш веќе длабоките бразди на делби и омраза. Во омразата никој нема иднина ни надеж. И вие браќа и сестри, кои судбината ве принудила да живеете заедно со нас, вклучете се во нашето единство. Зашто тоа ќе има непроценлива вредност. И за вас и за нас. Само здружени и со меѓусебна доверба ќе бидеме секаде и секогаш посилни. Но, ако не ја прифаќате нашата добронамерно подадена рака, тогаш го бараме само вашето разбирање кон нашите возвишени цели.

Историјата е еден отворен процес кој постојано се допишува. Но ние таа историја сакаме да ја пишуваме само со своето писмо и со својата вистина. Годинава славиме 100 години Илинден и 100 години македонска државност. А не се 100, туку 1100 или 2000 и неколкупати по 100 години македонска државност. Кој тоа се обидува да го замаглува нашето паметење ? Кој тоа ни го брише минатото за да ни ја одземе иднината ? Не обидувајте се никогаш вината да ја барате подалеку од нас.

Браќа и Сестри!

Слободата е наша прва икона и затоа не испуштајте ја од своите раце и од својата љубов. Таа не се освојува еднаш засекогаш, туку секој ден и постојано. Низ секој наш творечки подвиг. И низ секој изгрев што не осветлува. Само така Македонија ќе ја видиме обединета во една толку величенствена светлина. Зашто наше знаме е сонцето, а тоа е најстариот оган на кој се грееме.

Ура за Македонија, ура и за тој вечен оган по кој се препознаваме !

Петре М. Андреевски

Креирано од:


Пренеси го гласот
WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com