БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Подобрувањето на демократските вредности во медиумската сфера значи подобрување на општата демократија во Македонија

Пренеси го гласот

Конечно во Македонија почна да заживува новиот значително подобрен Закон за медиуми. По повеќе од една декада од самите почетоци на заживување на Интернет порталите на Македонската медиумска сфера, сега конечно тие имаат легитимна дејност дефинирана со закон со свои права и обврски.

Бев активен сведок на раѓањето и подемот на интернет порталите повеќе од деценија наназад, дури од времето кога блогерајот беше новитет и средство за пренесување на информации, афирмирање на став и предизвикување на општествени промени. Од самите почетоци на блог-заедницата во Македонија кон втората половина на 2008 година, 2009 и целосната експлозија во 2010 и 2011 година, Македонската публика беше исправена пред нов медиумски тренд на креирање на првите интернет портали кои денеска во 2025 година се конституираат на солидни одржливи основи за да бидат реална медиумска моќ пред која потклекнуваат силни класични медиуми како што се ТВ, радио и печатените весници.

Најдраги спомени ми се оние кога го креирав првиот блог во источна Македонија на платформата на Блогспот на Гугл кој што се уште постои онлајн на сл. линк: https://delcevodenes.blogspot.com/.

Реалната моќ блог-платформата ја тестиравме во 2009 година со конкретна општествена порака која се покажа особено успешна во политички контекст таа година.

Имав можност да го развијам првиот интернет портал на општина Делчево https://delcevo.gov.mk во 2010 година кој што претходната статична интернет страница која постоеше ја преобрази во вистинско информативно средство на граѓаните на Делчево но и пошироко во државата на ниво на интернет портал. Таму беа пласирани текстуални, фото и мултимедијални содржини кои беа особена свежина за граѓаните и реален тренд на кој се накалемија многу други општини во државата. И најинтересното беше што сето тоа го реализирав со многу малку финансиски симболични средства а ефектот на развој на медиумската сфера и култура беше огромно на ниво на држава, не само на локално ниво. Дневно на https://delcevo.gov.mk имавме тогаш во таа 2010 година во просек по 1400 посетители а таа бројка достигнуваше и до 3000 посети на ден, што за некои интернет портали и денес е мисловна именка.

На ниво на држава првите позначајни интернет портали почнаа да се јавуваат во предвечерие на локалните избори во 2013 година од кои оние со успешен бизнис модел опстојуваат и до ден денес.

Новиот Закон за медиуми е можеби најзначајното нешто што се случило во медиумската сфера во Македонија во изминатите 3 децении од многу аспекти. Најзначаен е фактот што со новиот Закон за медиуми се устоличува работата на интернет порталите на ниво на медиум со свои права и обврски а медиумските работници во интернет порталите се третираат како службени лица со соодветна заштита од останатите органи на државата во поглед на остварување на своите права.

Се сеќавам во 2018 година кога на седница на Совет на Општина Делчево беше направено драстично покачување на цената на водата од страна на менаџментот на ЈКП “Брегалница” Делчево во рамки на “развојните” политики на тогашниот и се уште актуелен градоначалник Горан Трајковски. Моето прашање кон градоначалникот беше да го образложи за јавноста неговиот став и аргументи за покачувањето на цената на водата за делчевчани по завршувањето на седницата, на што добив одговор од градоначалникот дека треба да му покажам лиценца за да му поставам такво прашање. И тогаш и сега како главен и одговорен уредник на Брегалнички Портал www.bregalnicki.mk мојата работа беше да ја пренесам вистината до пошироката јавност. Со таа разлика што денес со новиот Закон за медиуми јас го имам третманот на службено лице со свои права и обврски и сум заштитен од страна на институциите на државата во рамки на тој закон.

Овој мал пример е само илустрација на кој начин интернет порталите можат да бидат гласот на вистината а со тоа и гласот на слободата за сите граѓани во државата. Да не пишувам за сите репресии кои ги преживеав како активист на социјалните мрежи за време на бруталното и незаконско менување на името на државата во 2018 и 2019 година а потоа и во 2020, 2021, 2022 во разобличување на штетните и криминални дејствија на институциите на системот на штета на Македонските граѓани. Полицијата тогаш наместо да ја штити мојата работа и да овозможи вистинска демократија за работата на еден медиум тие беа инструменти на репресија и прогон за уништување на мојот интернет портал и воопшто моите коментари и анализи за подобрување на состојбите во општеството.

Денес на јавна сцена гледаме содржини на социјалните мрежи и интернет портали кои критикуваат (аргументирано или неаргументирано) со главна карактеристика што никој не се осудува да посегне по работата на медиумите и да го уништува нивното постоење. ТОА Е ОДЛИКА НА ЗДРАВА ПОЛИТИЧКА СВЕСТ НА ИНСТИТУЦИИТЕ НА ВЛАДАТА КОИ ШТО ЗНААТ ДЕКА МЕДИУМСКАТА СЛОБОДА Е ОСНОВЕН ПРЕДУСЛОВ ЗА ВИСТИНСКА ДЕМОКРАТИЈА А ПОТОА И ПРЕДУЗЛОВ ЗА РАЗВОЈ НА СИТЕ ОПШТЕСТВЕНИ СФЕРИ ВО ДРЖАВАТА.

Гледаме дека одредени медиуми, подкасти, портали преку злоупотреба на нивниот статус сакаат да вршат пропаганда во форма на половични вистини, на кои лепат лаги за да ги пласираат како манипулација за постигање на политички ефект во јавноста. Нивната работа е легална во рамки на новиот Закон за медиум благодарение на Владата предводена од страна на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски.

Дали е легитимна се остава на публиката т.е. граѓаните да одлучат дали ќе се информираат со медиумски манипулации или со медиумски факти и вистини.

Креирано од:


Пренеси го гласот