БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Реална Стратегија за Локален економски развој (ЛЕР) на општина Делчево за период 2021-2025 година или список на неостварени желби?

HTML Image as link Имате потреба од нов веб сајт?
An image from Squarespace
Пренеси го гласот


Во 2020 и почетокот на 2021 година Градоначалникот на општина Длечево Горан Трајковски започна процес за донесување на Стратегија за Локален економски развој на Општина Делчево за период 2021-2025 година. Овој значаен стратешки документ е достапен на сл. интернет врска тука на веб сајтот на општина Делчево.

Влезени сме во втората половина на 2025 година, па редно е да направиме генерален пресек на зацртаните цели и реализираните резултати од тие поставени цели.

Генерални забелешки

HTML Image as link НЕТКРИЕНО БОГАТСТВО ОД ТРАДИЦИЈА, ПРИРОДА, ИСТОРИЈА...
An image from Squarespace

Во генералниот дел на Стратегијата во обраќањето на Градоначалникот Трајковски до јавноста по повод донесувањето на самиот документ вели:

“Како одговорна и лојална на граѓаните локална власт, посветени сме на локалниот економски развој на нашата општина кој треба да донесе подобар квалитет на животот на нашите граѓани. Визијата за развојот на нашето Делчево во наредните 5 години е Општина Делчево да прерасне во атрактивно место за живеење, да е иницијатор и промотор на севкупниот економски раст и да нуди добра бизнис – клима со одлични услови за одржлив социоекономски туристички и културен развој.

Оваа визија за локалниот економски развој на Делчево за периодот од 5 години, односно од 2020 до 2025 година е инкорпорирана во новиот стратешки документ со кој Општина Делчево продолжува стратешки да пристапува кон локалниот економски развој. Тоа значи дека Општина Делчево продолжува со имплементација на инструментот кој обезбедува социјално одговорен развој при тоа заштитувајќи ја базата на ресурси и животната околина во насока на корист на идните генерации.”

Овој исказ на Градоначалникот Трајковски е проблематичен од неколку аспекти:
-Визијата на градоначалникот во 2020 година била Делчево да стане атрактивно место за живеење!!!

Во рамки на мојата работа имам постојана комуникација со голем број обични граѓани на Делчево, кои речиси едногласно кажуваат дека во Делчево тешко се живее од економски аспект, но проблемите за лошиот стандард на живот се рефлектираат и преку лошите општествено-културолошко-социолошки услови кои што и тоа како се во надлежност на градоначалникот на општина Делчево и Советот на Општина Делчево.

Тука мислам пред се на
-лошата сообраќајна поврзаност;
-недостиг на паркинг места;
-недостиг на квалитетна вода за снабдување на домаќинствата во одредени населби;
-недостиг на фекална канализација во одредени населби и делови од населби и пречистителни станици за отпадни води;
-немање одржливо долгорочно решение на проблемот со комуналниот отпад,
-немање на институционално решение на проблемот со градежниот и кабаст шут,
-немање реална стратешка насока за институционално справување со предизвиците со животната средина (вода, воздух почва);
-немање на реален систем за превенција и заштита од пожари/поплави, со речиси никаков РЕАЛЕН оперативен план и активности за реализација;
-немање на решение на проблемот со урбанистичкиот хаос,
-немање на решение на проблемот со кучиња/мачиња скитници;
-немање на реално имплементирачки стратешки пристап кон развојот на културно-забавниот живот во општина Делчево како и развој на туризмот;
-недостиг на фокусиран научно-образовен систем за формално и неформално образование, во функција на локалниот економски развој од што произлегува постојаниот пад на квантитетот и квалитетот на основно и средно образование, согледано низ конкретни бројки на осип на ученици, но не само тоа, туку и фидбекот кој го добива општината од своите ученици по завршување на образованието;
-опортунистички пристап за развој на граѓанскиот сектор, поделен по идеолошка основа без реална меѓусебна соработка и ограничен фонд на финансии;
-Општината има своевиден позитивен тренд на развој на спорт и рекреативни дејности, но има простор за уште поголем развој и унапредување на оваа сфера;

Во генералниот дел на Стратегијата се наведени

“-Визија: Општина Делчево атрактивно место за живеење, иницијатаор и промотор на севкупниот економски раст и добра бизнис клима, со одлични услови за одржлив социо-економски туристички и културен развој, и

–Мисија: Општина Делчево, транспарентна општина со ефикасен и ефективен сервис за граѓаните, со услови за квалитетен и безбеден социо – економски живот”

-што како основни стратешки премиси НЕ СЕ ЗАДОВОЛЕНИ ни 10% во наведениот стратешки период на работа на општина Делчево и реализација на 4 годишни Буџети- пари одвоени во минатото од граѓаните и стопанството во Делчево, за што во продолжение ќе елаборирам.

Специфични приоритети

Во вториот специфичен дел на Стратегијата кој се однесува на СТРАТЕШКИ ОБЛАСТИ (ЦЕЛИ) НА ОПШТИНА ДЕЛЧЕВО во кои што како прва е наведена

#ИНФРАСТРУКТУРАТА во Стратегијата се наброени следните

Клучни приоритети и проекти:

– Обезбедување на чиста вода за пиење
– Пречистителна станица за отпадни води
– Паркинг за тешки товарни возила
– Довршување на експресниот пат Кочани – Делчево
– Регулација на коритото на река Брегалница
– Решавање на проблемот со водоснабдување на Голак
– Донесување на нов ГУП
– Издвојување на атмосферската од фекалната канализација
– Проширување на ГУП и ДУП на Голак
– Нови сообраќајни решенија, со цел намалување на сообраќајните гужви
– Изградба на нов градски пазар
– Изградба на нова детска градинка
– Реконстукција на улици во стариот дел на градот
– Преадаптација на постојниот, или изградба на нов, градски музеј
– Реконструкција на основни и средни училишта
– Бараки за социјалните случаи
– Изградба на покриен базен

Врз основа на вака таксативно наброени приоритетите во делот на ИНФРАСТРУКТУРАТА можам да кажам дека

-само еден приоритет е целосно реализиран (изградба на градски пазар)

-други 5 се нецелосно реализирани или се во тек на реализација (1. Обезбедување на чиста вода за пиење; 2. Регулација на корито на река Брегалница; 3. Изградба на нова детска градинка; 4. Издвојување на фекална од атмосферска канализација- реализиран е еден таков проект кој во 2022 година предизвика огромен проблем на поплава кај Бул. Македонија); 5. Реконструкција на основни и средни училишта- реконструирана е мала сала во СОУ ММ Брицо и поткровје на ООУ Св. Климент Охридски Делчево),

-НЕ СЕ ЗАПОЧНАТИ СО РЕАЛИЗАЦИЈА дури 11 (единаесет) приоритети кои што Општина Делчево ги воспоставила како приоритети во делот на инфраструктурата за специфицираниот стратешки период 2021-2025 година, што претставува сериозно потфрлување на планираните стратешки приоритети од овој дел на инфраструктурата.

Во вториот специфичен дел на Стратегијата кој се однесува на СТРАТЕШКИ ОБЛАСТИ (ЦЕЛИ) НА ОПШТИНА ДЕЛЧЕВО како втор дел е наведена

#ЖивотнатаСредина со свои

Клучни приоритети и проекти меѓу кои во Стратегијата се наброени следните:

– Велосипедски патеки
– Паркинзи за велосипеди
– Решевање на проблемот со дивите депонии
– Селекција на отпад
– Поставување на мерна станицва за амбиеталниот воздух
– Анализа на почвата за користење на пестициди
– Тековно одржување на паркови и игралишта

Ниту една од овие приоритетни стратешки цели кои се однесуваат за делот на Животната средина НЕ Е исполнета, што сериозно претставува проблем за начинот и односот кон работата на локалната самоуправа финансирана од пари на граѓаните! Мал дел се работеше нешто во процесот на селекција на отпад од страна на поедини деловни субјекти, но процесот има можност сериозно да биде развиван. Во делот на тековното одржување на паркови и игралишта потребно е сериозна реорганизација врз основа на реални договори и финансиски импликации во функција на потребите на граѓаните.

Во вториот специфичен дел на Стратегијата кој се однесува на СТРАТЕШКИ ОБЛАСТИ (ЦЕЛИ) НА ОПШТИНА ДЕЛЧЕВО како трет дел е наведен

#Туризмот со свои Клучни приоритети и проекти:

– Поголема афирмација и промоција
– Креирање на туристичка понуда
– Овозможување на пристап до туристичките локации
– Уредување на туристичките локации

НИТУ ЕДНА ОД ОВИЕ СТРАТЕШКИ ЦЕЛИ НЕ Е РЕАЛИЗИРАНА во наведениот стратешки период 2021-2025 година.

Во вториот специфичен дел на Стратегијата кој се однесува на СТРАТЕШКИ ОБЛАСТИ (ЦЕЛИ) НА ОПШТИНА ДЕЛЧЕВО како четврти дел е наведена

#Културата каде што се наведени клучните стратешки приоритети и проекти:

-Промоција на движното и недвижно културно наследство;

-Организирање на настани и одбележување на клучни датуми поврзани со историското минато;

Овие две клучни насоки задоволуваат некаков минимум на активности и минимална поддршка од општина Делчево, наспроти можностите и потенцијалите за вистински развој кои што се огромни!

Во СТРАТЕШКИ ОБЛАСТИ (ЦЕЛИ) НА ОПШТИНА ДЕЛЧЕВО во Стратегијата за ЛЕР 2021-2025 година како петти дел е

#Образованието со следните Клучни приоритети и проекти:
-Подобрување на условите за спроведување на образовниот процес во општина Делчево
-Спроведување на истражување помеѓу младите за потреба и отварање на нови струки во средното образование
-Подготовка на програми за професионална пракса на ученици во средното образование
-Промоција на волонтерство,

каде што речиси ништо не е имплементирано ако го исклучиме првиот приоритет кој што е преопшт без мерливи индикатори на успех и реализација.

Во делот на #Економија во Стратегијата се наведени следните Клучни приоритети и проекти:
-Дефицит на одредени струки, барани на пазарот на труд
-Нови профили/паралелки во училиштата
-Стипендирање на талентирани ученици и студенти,

не е направен никаков напредок од претходно во дадениот стратешки период 2021-2025 година.

Во Стратегијата за Локален економски развој иако општина Делчево како институција нема никакви здравствени кадровски потенцијали е предвидено поглавје на приоритети како што е Здравство и социјала каде што се предвидени следните Клучни приоритети и проекти:
-Подобрување на условите за здравствена заштита (човечки и материјални)
-Преземање на мерки и активности за справување со заразни болести
-Креирање на мерки и активности за справување со социјалните предизвици и поддршка на социјално ранливите категории,

некој посебен напредок во периодот 2021-2025 не е покажан во јавноста а сферата на социјалата функционира по инерција од претходно.

Во делот за #Спорт и рекреација како клучни приоритети и проекти се наведени:

-Подготовка на среднорочна програма за стопанисување и управување со спортски објекти,
Поддршка и промоција на спортот на локално ниво,

каде што не е направен прогрес а поддршката и промоцијата се сведуваат на волунтеризам и опортунизам.

Во деветтиот дел на Стратегијата кој се однесува на СТРАТЕШКИ ОБЛАСТИ (ЦЕЛИ) НА ОПШТИНА ДЕЛЧЕВО се вклучени како цел и Јакнењето на внатрешните капацитети на ЕЛС со следните Клучни приоритети и проекти:

-Консултантски услуги од ЕЛС кон БС (колку и какви консултантски услуги обезбеди Општина Делчево за Бизнис секторот во периодот 2021-2025 година?
-Развојот на земјоделството (негово осовременување со техничка опременост и зајакнување на човечките ресурси) (Со кои мерки и проекти го помогна развојот на земјоделието Општина Длечево во изминатите 4 години?)
-Производството на слива, вишна и други овошни култури (Дали имало некаква формална комуникација со производителите на посочените овошни култури од страна на општина Делчево и кои се резултатите од таа комуникација?)
-Транзитниот, руралниот и алтернативниот туризам (што конкретно е направено за развојот на овие три сегменти на туризмот во изминатите 4 години, затоа што ништо не е прикажано во јавноста)
-Развој на прехрамбено – преработувачката индустрија (На кој начин општина Длечево ја помогна прехрамбено-преработувачката индустрија во период 2021-2025 година?)
-Развојот на лесната незагадувачка индустрија (како????)
-Развојот на малите и средните претпријатија (како ????)
-Развојот на сточарството, производство на месо, јајца, риба (како???)
-Производството на мед (Да не има експерт за производство на мед во општина Делчево кој некако помогнал во развојот на оваа стопанска дејност????),

Сите до еден вака посочени приоритети во делот на јакнењето на внатрешните капацитети на ЕЛС за ЛЕР речиси и да немаат допирни точки на влијание од страна на Локалната самоуправа во Делчево а таму каде што го има таа можност за влијание таа во најголема мера изостанува.

За делот кој се однесува на Рурален развој наративно е напишан текст каде не се дефинирани конкретни приоритети без никакви мерливи индикатори на влијание и успешност на спроведени мерки и активности од страна на општина Делчево. Посочени се институционални механизми на влијание на други институции каде што општина Делчево нема надлежност за нивна имплементација, со исклучок на развојот на патната и комуналната инфраструктура во чиј домен не е реализиран ниту една приоритетна мерка или проект во целост.

За “позитивните нагорни трендови во земјоделието” секој ден сведочат граѓаните на Делчево на полиците на маркетите и пињарите, како и новоизградениот градски пазар во Делчево, за што аргументацијата од моја страна ќе биде излишна.

Генерален заклучок

Вака донесената Стратегија за ЛЕР за општина Делчево за периодот 2021-2025 година е во најголема мера промашување, со најголем дел на нереализирани планови поради кои што општината е во незавидна социо-економска положба а граѓаните на општина Делчево со право велат дека стандардот за живеење во општината е поразителен.

За да се избегне во иднина вакво нереално планирање на Локалниот економски развој потребна е подолготрајна, и поинтензивна јавна дебата, инклузивен процес на повеќе релевантни фактори кои што можат да влијаат на имплементацијата на вака значајни стратешки документи, секако со многу поголема политичка волја, професионализам и доследност на работата на клучните локални имплементатори на самиот процес.

Секако оваа моја скромна анализа ја ставам на увид на јавноста за да биде прочитана и по однос на истата да се развие дискусија со цел подобрување на состојбите во иднина.

Креирано од:


Пренеси го гласот