Брегалнички Портал

Вести од Багалничкиот регион.

Спомен домот на Разловечкото востание во Разловци од наградуван архитектонски проект ќе заличи на плевна покриена со пластифициран лим

Пренеси го гласот

Оригиналниот кровен покривач предвиден со проектот на едно од најграндиозните архитектонски дела на архитектот Георги Константиновски, актуелните надлежни власти имаат намера да го заменат со пластифициран лим. Националната установа центар за култура “Никола Јонков Вапцаров” Делчево во чија сопственост е Спомен домот на Разловечкото востание во Разловци на 23.04.2021 објави Јавен повик (достапен тука) за прибирање на понуди за санација на покривната конструкција со проценета вредност од 435.568,00 денари.

Во тендерската документација НУЦК “Никола Јонков Вапцаров” Делчево во делот на техничката спецификација за санацијата, одговорните лица во НУЦК “Никола Јонков Вапцаров” Делчево предвиделе набавка, транспорт и монтажа на пластифициран лим со дебелина од 5mm за покривање на 520 м2 колку што е површината на кровниот покривач. Исто така на стреите на Спомен домот е предвидена изработка на опшивка од пластифициран лим.

Извадок од тендерската документација за санација на покровната конструкција на Спомен домот на Разловечкото востание во Разловци која ја спроведува Националната установа Центар за култура “Никола Јонков Вапцаров” Делчево

Ваквата постапка за санација на кровниот покривач со пластифициран лим на овој значаен културно-историски објект не соодветствува со проектот на архитектот Георги Константиновски кој за ова негово дело во 1981 година ја има добиено најпрестижната награда за архитектура во бивша СФРЈ што ја доделувал весникот “Борба”, т.н. Борбина плакета.

Изборот на архитектонските решенија и материјалите за изградба на ова архитектонско дело неговиот автор архитектот Константиновски ги има внимателно избрано и со соодветна симболика и значење што на Спомен домот на Разловечкото востание му дава монументална вредност од национално но и уметничко значење.

Спомен домот на Разловечкото востание веќе 4 година стои без оригиналниот кровен покривач од камени плочи кои архитектот ги има проектирано и беа првобитно вградени како кровен покривач.

Во 2014 година од страна на Министерството за култура во соработка со самиот архитект Георги Константиновски беше започнат проект за целосна реконструкција на Спомен домот на Разловечкото востание. Овој проект не беше до крај реализиран поради проблеми на фирмата-изведувач за обезбедување на соодветниот материјал за изработка на камените елементи за кровниот покривач со што реконструкцијата на Спомен домот остана . незавршена. Тогаш како времено решение домот се покри со соодветна хидроизолација но поставувањето на соодветниот кровен покривач изостана.

По интензивирањето на политичката криза во државата во 2016 година и потоа и промената на власта, објектот остана незавршен.

Локалните власти во Делчево како и директорот на НУЦК НЈ Вапцаров Делчево неодамна во јавноста се пофалија дека спроведуваат тендер за санација на кривната конструкција на Спомен домот без да прецизираат во јавност дека тендерот подразбира вградување на пластифициран лим кој не соодветствува со архитектурата на самиот објект и драстично го намалува неговото значење и вредност.

Дали за спроведувањето на оваа постапка за вградување на пластифициран лим на местото на оригиналните камени плочи кои што ги има предвидено архитектот Георги Константиновски, надлежните имаат дозвола тоа да го прават е прашање кое се должни да го одговорат одговорните лица кои ја спроведуваат оваа постапка.

Само за илустрација ќе напоменеме дека со ваков лим како што е предвидено во јавната набавка во Центарот за култура во Делчево, во делчевско и пошироко се покриваат штали, плевни за складирање сено и слични земјоделски објекти.

Креирано од:


Пренеси го гласот