Во текот на вчерашниот ден градоначалникот на општина Виница Митко Костадиновски се сретна со претставници на Амбасадата на САД во Република Македонија.
На средбата градоначалникот Костадиновски ги запознал претставниците на дипломатијата на САД во нашата земја со можностите за развој на општината и потенцијалот за меѓусебна идна соработка.
“Денес, заедно со пратеничката во Собрание на Македонија Даниела Христова, и секретарот на Општина Виница Дарко Јангелов, остваривме работна средба со Кели МекКејлеб, политички офицер во Стејт департментот на САД, и д-р Јордан Дамчвески, виш економист во Амбасадата на САД во Скопје.
На средбата ги запознавме нашите соговорници со Општина Виница, нејзините основни карактеристики, потенцијали и предизвици, разговаравме за проектите и активностите што ги реализираме како локална самоуправа.
Посебен акцент ставивме на подобрувањето на патната инфраструктура, реализацијата на капитални проекти, создавањето подобри услови за економски развој и поттикнувањето на инвестициите во општината.
Особено ни значи интересот што Кели МекКејлеб го покажа за Виница и за состојбите и потенцијалите на нашата општина. Во отворен и конструктивен разговор таа се интересираше за повеќе значајни области – од образованието и здравството, до економскиот развој, инвестициите и индустријата.
Ваквите средби се можност Виница директно да ги претстави своите потенцијали, но и да отвори нови перспективи за соработка и поддршка.
Верувам дека оваа средба е уште еден чекор кон градење и продлабочување на соработката со Амбасадата на САД, со цел создавање нови можности за развој на Виница и подобар квалитет на живот за нашите граѓани.
Виница има потенцијал, а наша обврска е тој потенцијал да го претвориме во нови можности и развој”
-напиша на социјалните мрежи градоначалникот Митко Костадиновски во врска со оваа средба

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Здружението на пензионери – Кочани одбележа 54 години од основањето
Стручна работилница на тема „Дигитални решенија за одржливо земјоделско производство“
ВИНИЦА РЕЦИКЛИРА – 169.350 ПЛАСТИЧНИ ШИШИЊА ЗА ТРИ МЕСЕЦИ!