Со синоќешните подготовки во очи на големиот Православен христијански празник посветен на Св. Василиј Велики, во село Град -делчевско започна овогодинешното празнување на Православна нова година “Сурва” или Сурова Нова година.
Најмладите жители од селото заедно со повозрасните ги подготвуваа своите маски и суроваскарски реквизити за утрешниот ден.
Неколку групи поделени по возрасни категории од пред изгрејсонце утринава го крстосуваа селото низ двете маала. Најпрво маскираните групи започнаа со посета на домовите од “Горно маало” за да продолжат во “Џингали маало”.
Со себе во групите имаа мечка, мечкар, цинганка, белак, старци, невеста, поп, музичари…
Од задолжителните реквизити со себе носеа ѕвонци, тенекии, тапани, зурли, кандило, православни крстови пластични балони, стари ткаени торбиња како и најпознатата “суроваска” на која домаќините редат сланина и месо.
Исто така покрај сланината и месото домаќините од селото на сурваскарите им даруваа јаболки, ореви, ракија, сушени сливи, сушени пиперки, грав, пченка итн.
Оваа древна традиција е еден од најзначајните идентитетски белези на целиот Пијанечки регион. Во село Град оваа традиција пред повеќе од една деценија била една од најкарактеристичните културни и народни обележја која се разликувала од останатите помесни одбележувања на Стара-нова Година (Православна нова година).
Со заживување на ова село кое е едно од највиталните во регионот, оваа традиција почнува пополека да се возобновува, за што во иднина ќе бидат направени поголеми напори од месното население за издигнување на овој настан како еден од најрепрезентативните во Источна Македонија.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Најава за Јавна расправа како патоказ за затварање на Градската депонија во Кочани
Министерството за транспорт инвестира над 1,2 милиони евра за изградба и реконструкција на водоводна и канализациона мрежа за граѓаните на Штип
Со пари од амбасадорскиот фонд на САД заврши конзервацијата и реставрацијата на Споменикот на слободата во Кочани