БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Тиквешкото востание во 1913 е дело на тиквешкото население помогнато од четите на ВМРО против српската окупаторска власт

Пренеси го гласот

На 19 јуни во 1913 година жители на тиквешијата неможејки да ги трпат репресалиите на српските окупаторски власти а потпомогнати од четите на Внатрешната Македонска револуционерна организација, го кренаа Тиквешко востание. Ова востание е едно од низата на вооружани востанија за ослободување на народот од туѓите окупаторски власти и е израз на револт против насилствата, теророт, убиствата и силувањата што ги извршиле српските воено-административни власти врз населението во Тиквешијата

Тиквешкото востание е прв организиран масовен народен вооружен отпор против српската власт којашто ја окупирала Вардарска Македонија по повлекувањето на турските сили по Првата балканска војна.

Востанието започнало синхронизирано насекаде во Тиквешијата и траело седум дена. Тиквешкото востание е самостојно дело на тиквешкото население, спонтано организирано и раководено од месните дејци, револуционери и војводи на Организацијата, а потпомогнато од четите на ВМОРО.

Востанието е предизвикано од насилствата вршени од српските окупаторски власти врз населението при напорите за асимилација и посрбување. Српските власти упатуваат јавна закана до населението дека секој оној којшто ќе се спротивстави на новата власт ќе биде погубен.

Процесот на асимилација започнува со протерување и апсење на сите дотогашни учители и свештеници, а како замена се доведени учители и попови од Србија. Во црквите и училиштата е воведен српскиот јазик. Теророт на власта се засилува, а со тоа и револтот на населението од ден во ден расте сè повеќе, не само кај првенците, туку и кај обичните жители. На востанието му претходат неколку настани коишто особено го зголемуваат револтот. Имено, едно момче, по има Александар Видов, е убиено само поради тоа што изјавува дека не се чувствува како Србин. Една млада невеста од Ваташа, веднаш по нејзината свадба е силувана од страна на српскиот поручник Милан Крековиќ. Била убиена и цела турска фамилија од педесетина члена, меѓу кои и деца.

Востанието започнало со вооружени престрелки врз чиновниците, офицерите, жандармите и другите претставници на српската власт во Кавадарци. За кратко време биле ослободени Кавадарци, Неготино, Ваташа, Криволак и уште педесетина населени места во Тиквеш. Еден од организаторите на востанието бил Михаил Шкартов. Востаниците имале свој штаб кој го сочинувале војводи и револуционери од времето на Илинденското востание. На востаниците им пристапиле и четите на Васил Чакаларов, Петар Чаулев, Милан Ѓурлуков, Христо Чернопеев, Ѓакон Евсатиј и други и нивниот број изнесувал повеќе од 1000 борци, вели Камчевски како хроничар на Кавадарци и Тиквешијата.

Во Кавадарци било симнато српското знаме и било поставено Револуционерното тиквешко знаме од 1903 година на кое пишувало „Слобода или смрт”, а под него, „Тиквешки револуционерен округ”.

Знамето на Тиквешкото востание било однесено во Белград, кога при обид да биде вратено во Кавадарци во 1949 година, од страна на тогашните комунистички власти било соопштено дека знамето изгорело во пожар во 1941 година предизвикан од граната на нацистичките војски.

По 7 дена, на 25 јуни, голема српска војска предводена од Василие Трбиќ, а во чиј состав имало и неколку башибозучки дружини како на Јаја Ага Малиќ, Јован Долгачот, Јован Бабунски и други, успеале по големи борби да ги потиснат востаниците од Кавадарци, Неготино, Ваташа, а овие заедно со голем збег од народ морале да се повлечат кон селата под планината Кожув. Српските воени власти жестоко се справиле со населението, биле убиени 545 луѓе според извештајот на Карнегиевата комисија, 1000 куќи и дуќани биле запалени, 2700 луѓе биле затворени, а повеќе од 10000 биле приморани да ги напуштат своите домови и да емигрираат во Бугарија.

Српските воени власти жестоко се справиле со населението, биле убиени 545 луѓе според извештајот на Карнегиевата комисија, 1.000 куќи и дуќани биле запалени, 2.700 луѓе биле затворени, а повеќе од 10.000 биле приморани да ги напуштат своите домови и да емигрираат во Бугарија.

Најмогу жртви имало во Неготино – 117, Бохула – 44, Ваташа – 37, Кавадарци – 25, Прждево – 35 и други.

Тиквешкото востание и последиците од него претставуваат најголемиот злостор врз народот од овој крај во поновата историја на овој крај. Како последица на овој настан, за неколку дена биле убиени повеќе луѓе отколку за време на Втората светска војна во целата Тиквешија

Креирано од:


Пренеси го гласот