За време на Втората светска војна (поточно, во 1941 год.) Орвел го објавува есејот „Лав и еднорог.“ Во него, уште на самиот почеток, пишува: „Додека пишувам, високо цивилизирани луѓе летаат на небото над мене, со намера да ме убијат. Немаат ништо против мене како поединец, не чувствуваат никакви непријателства, ниту јас против нив. Тие, како што убаво се вели, само ја ‘извршуваат својата обврска.’ Повеќето се, несомнено, мирољубиви луѓе, со добри срца, на кои никогаш, во нивниот приватен живот, не би им текнало некого да убијат. Од друга страна, ако некому од нив му успее со бомба да ме разнесе на делови, нема да го загуби својот мирен сон. Во служба на татковината сите гревови се дозволени“ – додава иронично Орвел.
Значи ли тоа дека Орвел бил против татковината или нацијата? Дали бил против тоа да се бранат, кога се загрозени? Привидно, одговорот е: „И да и не.“ Од една страна, како може да се говори за своја татковина или нација – на пример, за англиската нација – кога е составена од четириесет и пет милиони луѓе? Можат ли сите тие луѓе/индивидуи да се сведат на ист именител (Англија или англиска нација) кога некои од нив имаат годишен приход од 100.000 фунти, а други само една фунта во седмицата? Дали е тоа иста Англија и иста нација? – се прашува Орвел. Но, од друга страна, сеедно на сите разлики што можат да се констатираат помеѓу припадниците на една нација, постојат определени карактеристики, кои не само што ги поврзуваат, туку и ги дистанцираат/разликуваат од другите нации и ги прават да бидат тоа што се. Англичаните, на пример, не умеат толку убаво да пеат како Италијаните или да вреват како нив. Имаат и поинаков јазик, култура, традиција. Сѐ на сѐ, поентира Орвел: „… што имате заедничко со детето, чија слика Вашата мајка ја чува на полицата од каминот? Баш ништо, освен што се работи за една иста личност.“
Проблемот не е во постоењето на патриотските или националните чувства, смета Орвел. Проблемот настанува оној момент кога тие ќе се пренагласат, кога ќе се хипостазираат како засебни ентитети/сили, независни од индивидуата, а андивидуата се третира/редуцира само на нивен случаен дел. И притоа, да биде уште пострашно, се забораваат како к л а с н и о т, така и социјалниот момент. Затоа и треба да се чита Орвел, бидејќи тој не е само „1984“ или „Животинска фарма.“ Тој е тоа, но и многу повеќе од тоа. Притоа, ретко кој ја знае неговата изворна мисла. Најчесто, Орвел се знае посредно – прераскажан од другите. Но, тоа не е оригиналниот, автентичниот Орвел. Тоа е посредуваниот, поедноставениот Орвел.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Градоначалникот на Делчево Гоцевски оствари средба со активисти на невладината организација “Жена” од Делчево
Тошковски на промоцијата на Националната стратегија: Значително намален бројот на жртви во сообраќајот, Македонија во конкуренција за светско признание за сообраќајна безбедност на светскиот полициски самит во Дубаи
dm повторно го отвора еко-конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“ – пријавете го вашиот двор за раззеленување!