На овој начин сакам да ве информирам за две мои трајни одлуки.
(1) Дознавам (од луѓе и медиуми) дека можеби ќе бидам иден кандидат за претседател на Државата. Точно е дека имам полни 70 години. Но, исто така, точно е дека ни час не сум поминал во политиката. Прифаќањето на евентуалната понуда за Претседател би значело израз на некритичност, бидејќи едно е да се имаат знаења од одредена област, друго е да се поседува умешност/моќ за управување со сериозни и сложени ситуации. Првото е во областа на теоријата; второтот е во областа на праксата, која напати преминува во прагма. Едно е некого да подучувате како треба да шутира, друго е да шутирате. Уште Хегел забележал дека за да се биде чевлар не е доволно да се има здрав разум и чесност, бидејќи тие се неопходни услови за секоја професија, туку потребно е да се знае и чевларскиот занает/вештина. Тоа што важи за чевларот, уште повеќе важи за политичарот; особено за претседател на Државата, освен, се разбира, ако не мисли да глуми британска кралица.
(2) Многумина ми прашуваат зошто немам ниту еден фејсбук пријател, сметајќи го тоа за израз на арогантност или асоцијалност. Меѓутоа, кога одлучив да се активирам со постови одлучив да немам ниту еден фејсбук пријател, бидејќи несериозно е, барем така мислам, да другарувате со неколку илјади луѓе, бидејќи практично е неможно. Човек не може да запамти неколку илјада имиња на конкретни луѓе/индивидуи, уште помалку активно да другарува со нив, освен ако сака да се пофали во стилот: „Види колку пријатели имам!“ Или: „А да видиш колкав е мојот (список).“ Сметам дека е почесно и попрактично да се остварува умерена пријателска комуникација (на пример, преку коментари на фејсбук) отколку човек да се кити со бројноста на фејсбук пријателите, нешто што може да премине во некритичко самопромовирање за сè и сешто и за уште понешто, како што е сè кај нас – сè е за сè и сешто и за уште понешто, а практично за ништо!
Дали моите одлуки се исправни, не е мое да судам. Мое е да се придржувам до сопствените убедувања. Дали тоа го правам, можат да оценат другите. Во случајов, вие. Пријатно и многу среќа.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
СДС и грижа за спортот?
Јаневска: Со постоење на лажните дипломи, оние кои реално се градат интелектуално во своето образование ја напуштаат државата
Средба на Македонски пратеници со Пол Мекарти и Џејмс Карафано