Во пријатен училиштен амбиент Основното училиште „Св. Кирил и Методиј“ од Кочани денеска претстави дел од активностите и научените вештини од спроведената неколкудневна едукација во рамките на проектот „Вештини – клучот на зелената економија“, во чии рамки се спроведуваат обуки за собирачи на билки и шумски плодови и за дизајн на билни градини.
На промотивниот настан присуствуваа градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов и амбасадорот на Република Словенија Грегор Прескер.
– Воодушевен сум од интересот на учениците за едукацијата за природата, билките, можноста за нивна употреба и изработка на производи. Им благодарам на сите што со својата посветеност им помогнаа на учениците да научат многу работи. Со тоа сметам дека нашата цел е остварена, да ја приближиме природата до учениците и дека можеме да бидеме успешни кога сме поврзани со неа – изјави словенечкиот амбасадор Прескер.
Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов се заблагодари за поддршката од Амбасадата на Словенија и на ОУ „Св. Кирил и Методиј“ за нивниот ангажман во реализацијата на овој проект.
– Кочани одамна е билкарски град, за жал сега во стагнација, но постарите генерации ги знаат придобивките од зелената економија, кога во Кочани имаше откупен центар за билки. Кога бев студент на Медицинскиот факултет, пред 25 години имаше билка на Осоговските Планини што ја открија моите професори и по направените повеќегодишни истражувања, мило ми е да кажам дека таа билка денес се употребува како состојка во лек, таблети против дијабетес. Овој проект е одлична можност децата да се поврзат со природата, да учат и понатаму да собираат билки, кои се од непроценливо значење, да научат да создаваат производи од билки и да ги пласираат и во Словенија, која, како што знаеме, е во европскиот врв на производство на лекови – додаде градоначалникот Грозданов.
Од името на ООУ „Свети Кирил и Методиј“, Марија Величкова го поздрави проектот „Вештини – клучот на зелената економија“ и го истакна значењето на врската на учениците со природата и враќањето кон традиционалните вредности, особено за младите, кои во денешно време сѐ повеќе се поврзани со еден друг, виртуелен свет.Проектот „Вештини – клучот на зелената економија“ е поддржан од Амбасадата на Словенија, Министерството за надворешни и европски работи на Словенија, МРК Дијалог / Центар за истражување на природата и културата NATURE EXPEDITION и Општина Кочани.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Истрага за Претседател на суд и Судски администратор
Претставени придобивките од билкарството преку проектот „Вештини – клучот на зелената економија“
Велковски во посета на Центарот за социјална работа во Велес: Помошта да стигне до оние на кои им е најпотребна