На 30-ти јуни, со почеток во 20 часот, свечено ќе биде отворено јубилејното 35-то издание од Интернационалната Ликовната Колонија „Дебрца 2019“.
Интернационалната Уметничка колонија „Дебрца”-Белчишта, преставува најмасовна културна манифестација во општината Дебрца. Активно постои 35 години и редовно се одржува во летниот период јуни/јули.
Ликовната колонија “Дебрца” не е обичен културен настан, туку олицетворение на уметноста и културата на Дебрца каде уметноста и културата не се создаваат само во урбаните центри, туку и во руралните средини и на секое место каде што има креативен творечки потенцијал.
Уметничките дела создадени на Ликовната колонија не се само наследство на Дебрца и Македонија, туку се светско културно наследство. Уметниците инспирацијата за создавање на нови уметнички дела, во Дебрца ја имаат во изобилство, бидејќи како што Белчишките “Сини Вирој” се непресушен извор на питка вода , така Дебрца е непресушен извор на творечка инспирација.
На колонијата досега зеле учество преку 200 уметници, од Македонија, Србија, Хрватска, Словенија, Бугарија, Грција, Полска, САД, Канада, Герамнија, Малезија, Русија, Узбекистан, Украина, Кипар, Монголија и други земји. Создадени се преку 500 уметнички дела кои се изложени во Музејот на уметноста во општината Дебрца. Организирани се 115 изложби во Република Македонија, и Албанија со изготвени современи каталози.
Колонијата соработува со повеќе колонии од Македонија и другите земји, како и Факултетот за ликовна уметност во Скопје. Големиот интерес за учесници од целиот свет најдобро зборува за реномето кое го има колонијата, како и посетеноста на изложбите.
Годинава, во рамки на отварањето, предвидено е доделување на признанија за сите досегашни соработници на колонијата кои дале свој допринос во формирањето, нејзиното претставување и афирмација во земјата и странство.
“Уметноста е долга, животот е краток”
