Управата за заштита на културното наследство изминатиов период интензивно работеше на впишување на нови нематеријални добра на национално ниво, со амбиција да ја достигне симболичната бројка на 100 впишани нематеријални добра во Главната книга (дел III) од Националниот регистар.
Во последниот циклус на впишувања на нематеријални добра Управата донесе решенија за прогласување на „Ратевските бамбурци“, „Струшкиот вез“, „Македонската чалгиска музика“ и „Традицијата и културата на правење ајвар“ како културно наследство на Република Македонија.
Во документацијата на поднесените елаборати за нематеријалното културно наследство кое потекнува од беровското село Ратево, стои:

„Ратевските бамбурци“
Машката обредна поворка „бамбурци“ од малешевското (беровско) село Ратево е специфична обредна поворка, која иако по многу нешта е слична со останатите машки обредни поворки што се одржуваат во период на т.н. „некрстени денови“ ширум Македонија, таа има и свои специфики. Најпрво, специфичното име „бамбурцѝ“ кое се доведува во корелација со некои од називите за машките обредни поворки што се одржуваат во етнографскиот простор на Пиринска Македонија (Горноџумајско/Благоевградско, Петричко, Неврокопско/Гоцеделчевско и др.) или „бабари“ во Битолско и Демирхисарско (Железник), во западниот дел од Р. Македонија.
Втората важна специфика на ратевските „бамбурци“ претставува самиот датум на одржувањето на обредната поворка, 20-ти јануари, според грегоријанскиот календар кој е во граѓанска употреба, односно 7-ми јануари според јулијанскиот календар, што значи дека се одржува по завршувањето на периодот на т.н. „некрстени денови“ (од Божик – 25.XII/7.I до Богојавление/Водици – 6.I/19.I).
Имено, во црковниот календар овој празник следува по денот посветен на крштевањето на Исус во водите на реката Јордан од страна на Свети Јован Крстител (Претеча) и се прославува како Собор на Свети Јован Крстител.
Што се однесува до самата обредна поворка, како специфика може да се издвои и облеката изработена од животински, воглавно овчи кожи и маскирањето со мошне високи, зооморфни маски со рогови, кои надминуваат една просечна човечка височина а кои не се присутни кај останатите машки обредни игри во Македонија.
Сличностите со другите машки обредни поворки кои се сретнуваат и кај ратевските бамбурци се обредните реквизити за создавање бучава – разни големини на клопотарци и ѕвонци, вообичаено прицврстени околу половината на учесниците, стаповите како обредни реквизити што ги користеле бамбурците во првите децении од минатиот век, но, во последниве неколку децении ѕвонците во поворките на „Ратевските бамбурци“ се изоставени.

































СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Манифестацијата “Пијанечки денови на сливата 2026“, познатата „Сливијада“ утре во село Град доживува нова енергија за развој
Учениците на СОУ „Миле Јаневски Џингар“ Македонска Каменица го посетија Спомен домот на Разловечкото востание во село Разловци
Ј А В Е Н П О В И К до евидентирани невработени лица за вклучување во Програмата Општинско – корисна работа