БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

За него Македонскиот народ испеал многу песни: На денешен ден во 1906 година загинал Ѓорѓи Сугаре

Портрет на Ѓорѓи Сугаре

Пренеси го гласот

На 23 март 1906 година загинува војводата Георги Сугарев. По претходна одлука на Битолскиот револуционерен округ Ѓорѓи Сугаре со неговата чета биле упатени да се борат против грѓките андартски чети кои што започнале со делување на потегот меѓу Битола и Лерин. На чело на четата Сугаре се движи кон Мариово. Предаден е од битолскиот секретар на ВМОРО и личен противник на Сугарев, Петар Лигушев четата запаѓа во заседа.

Четата е обиколена над Параловскиот манастир крај височината “Чукарите” од многуброен турски аскер од Леринско и Битолско, како и албански арнаутски чети и после тешка и нерамна битка четата на Сугарев е целосно уништена а самиот тој со куршум си го одзема животот да не падне жив во рацете на непријателите.

Бог да ги прости !!

-Ѓорѓи Сугарев е роден во Битола во 1879 година. Израснал во сиромашно семејство. Мизеријата со која се соочувала неговото семејство, потоа нееднаквоста и несправедливоста кон македонскиот народ од страна на турската администрација, кај него предизвикува револт кон отоманскиот режим.

Се образува во Битола и ќе ја заврши егзархиската гимназија во Битола. Недостаток на средства ќе го принуди Сугарев да прекине со неговото понатамошно образование и да се одаде на учителската кариера. Учителствувал во Битола, Битолската и  Кичевската околија, што ќе му овозможи покрај учителската работа да го буди слободарскиот дух на македонскиот народ.

Немирен по дух и незадоволен од актуелната состојба за која негледал дека може да се промени без преземање на вооружени акции, битолски учител Сугарев во 1901 година се приклучува на демирхисарската чета на војводата Никола Русински. Истата година бил избран за член Битолскиот револуционерен округ, а по наредба на организацијата продолжува со учителската работа во Битола. Сепак битолскиот учител  и револуционер не го исполнува градскиот живот кој го ограничува во неговите намери, по пат на вооружено востание да се промени неподносливата состојба во Отоманската империја. Со промените на насоките на делување, за потребите на организацијата тој во предилинденскиот период ќе го напушти градот и со неколку другари ќе започне организациони активности за припрема на македонското население во битолската околија.  Како војвода од 1902 година, Сугарев со својата чета оди секаде каде што има потреба од неговите организациски способности, и во овој период ќе ги посети скоро сите села во Демирхисарско, Крушевско, Кичевско, Поречието и Ресенско.

Ѓорѓи Сугарев во превечерието на Илинден учествувал како делегат на Смилевскиот конгрес во 1903 година, на кој било донесено решение за кревање на вооружено востание во Македонија. Сугарев бил назначен за горски началник во Битолско, а со почетокот на Востанието на 2 август 1903 година учествувал во заземањето на селата околу Битола. Здружените чети под команда на војводата Сугарев цели 3 месеци војувале против многубројниот турски аскер. Се воделе повеќе тешки битки, во кои со својот пример ќе се прослави челичниот војвода Сугарев. Посебно по битката кај селото Ѓавато, за неговата храброст ќе се прераскажува, а неговото име ќе стане легенда за македонскиот народ.

За разлика од  другите македонски револуционери кои по задушување на Илинденското востание пребегале во Бугарија, Сугарев останал во својата Македонија. Останал со својот народ сочуствувајќи со неговата болка и како еден од првите следбеници на Даме Груев се спротивставил на барањето за распуштање на Битолскиот револуционерен округ. Зачувувањето на организацијата му овозможува да се спротивстави на грчката и српската пропаганда во Македонија. Во неколку акции успешно се спротивставил на гркомански и грчки чети во Битолско, а по барање на Велешката организација и Даме Груев заминал во Велес за да се спротивстави на српската пропаганда.

По доаѓањето во Велешко, Сугарев ги смирува раскараните војводи Јован Алабакот и Панче Константинов и со здружените чети се спротивставува на инфилтрираните српски четници во Азот и Поречието. Патролирајќи низ селата околу Богомила во Велешко и  Поречието(Прилепско), здружените чети под команда на Сугарев ги попречуваат активности на србоманските четници на Григор Соколовиќ, кои познавајќи ја моќта на Сугарев избегнуваат секаков близок контакт. Сугарев посетувајќи ги селата во овие делови го поткрева духот на населението, а истовремено ги ликвидира платените предавници и србофилските агенти, меѓу кои неговиот сопствен чичко, како и братот и внукот на Јован Бабунски, кој бил водач на српските четници во Велешко.

Меѓу здружените чети на Сугарев и србофилските на Соколовиќ доаѓа само до еден судир на 25 септември во 1905 година во село Ореше, кој бил прекинат по доаѓањето на турскиот аскер. Значењето на активноста на четите на Сугарев во овој дел на Македонија била голема. Тој ги попречувал српските чети да се поврзат со грчките чети во реонот на Битола, а единствената нивна чета која се пробила во Кичевскиот крај била разбиена.

Во пролета 1906 година, по наредба на Битолскиот револуционерен округ, Ѓорѓи Сугарев  познат како бескомпромисен борец против носителите на туѓите пропаганди и домашните предавници заминува да се пресмета со грчките андарти во Маривско. Но наместо тие,  тој падна во стапица, како жртва на најголемото предавство извршено во Битолско од страна на битолскиот предавник Петре Лигушо, тогашен секретар на Битолскиот окружен комитет.

Постојата неколку верзии за неговата смрт. Овде ќе ви ја преставиме една од верзиите која изгледа веродостојна а во која историчарите вака ќе ги опишат последште мигови од животот на војводата:  „Притисната од североисток од битолскиот аскер, а од југоисток од леринскиот аскер, четата со борба мораше да се пробива под Чукарите надолу кон манастирот „Св. Горѓија” каде што налета на претходно поставените заседи на Албанците од с. Долно Ореово, под чии куршуми падна речиси целата чета од 22 комити, а успеа да се спаси само еден, Тодор од с. Крстоар. Во смртоносната ситуација во која се најде четата, големиот битолски војвода отстапи од военото правило за жртвување на еден од борците заради обезбедување отстапница на четата! Ваквата улога ја презеде тој лично, правејќи на тој начин двојна саможртва: до последниот куршум тој со успех го задржуваше притисокот од аскерот, без да знае дека долу под него Албанците од заседите веќе ја ликвидираа четата! Последниот куршум од својот „нагант” тој го истрела во својата глава, од подбрадокот кон темето, заминувајќи на најхрабар можен начин во бесмртноста!“

Четата на Ѓорѓи Сугарев кој е седнат во средина

За Ѓорѓи Сугаре Македонскиот народ испеал многу песни кои со тек на времето се обнародиле.

Основно училиште во Битола го носи името на овој непоколеблив Македонски револуционер.

Во 2014 година споменик на Ѓорѓи Сугаре на коњ е подигнат во Скопје на крстосницата кај ТЦ Мавровка.

Смртта на Ѓорѓи Сугаре

(епска песна)

Заплакало е Мариово
за тој ми Горѓи Сугарев:
„Каде си, Горѓи, да дојдиш,
каде си страшен војводо,
од Грци да не куртулиш
— Грци станале шпиони!”
Викна ми Горѓи, подвикна
од Демирхисар планини:
„Слушам ве, браќа, слушам ве,
слушам ви гласот жалостен!ж
Еве сум, браќа, кај идам
со триесет одбор момчиња,
момчиња саде избрани
од цела кааза Битолска!”
Пристигна Горѓи Сугарев
со триесет одбор момчиња
— сите со пушки манлихер
и сос наган леворвери.
Проклет бил шпион Лигушот
— тој ја предаде четата.
Кога ми стигна Сугарев,
во Параловски ливади,
згрмија турски залпови
од Параловски чукари.
Извика Ѓорѓи Сугарев:
„Дружино верна, зговорна,
гуните пусија свиткајте,
зашчо се камен не најдува!
Уште ми речта не рече,
згрмија нови залпови,
Горѓија ми го удрија
и многу добри момчиња!
Глас ми се слушна жалостен:
„Жалајте, мајки, плачете,
денеска Ѓорѓи умират
со сите одбор момчиња
во Параловски долини.”

Креирано од:


Пренеси го гласот