Интегрален текст на реакција до јавноста на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Пробиштип:
“Дали тоа Заев нѐ води на корона избори?
Ако се почитува волјата на најголемите политички партии изразена на лидерските средби – на кои, да се потсетиме, прво падна договор на 12 април да се одржат предвремени избори, а потоа заедничката одлука беше суспендирана и се прогласи вонредна состојба – нема разумна причина за повторно свикување на веќе распуштениот парламент.
Оттаму, инсистирањето на СДСМ и на неговите политички сојузници парламентот сепак да заседава не е поврзано со причини од формално-правен карактер. Во Македонија е прогласена вонредна состојба. Два пати. Ако постои потреба и договор меѓу клучните актери на политичката сцена, претседателот Стево Пендаровски може и по трет пат да прогласи вонредна состојба. Сѐ додека е потребно и легитимно.
Во услови на вонредна состојба, владата, која сега случајно е техничка, но владее со полн легитимитет и капацитет, донесува уредби со законска сила. Спикерот Талат Џафери со право укажува дека владините уредби ќе ги одобри (или нема да ги одобри) следниот парламентарен состав. И тука не постои никаков правен јазол што треба да го расплетува распуштениот парламент.
Со еден збор, не постојат причини од формално-правна природа што ја поткрепуваат инциjативата на СДСМ. Но, Уставот дава можност распуштениот парламент да заседава во услови на вонредна или воена состојба и таа уставна одредба ја „покрива“ смислената операција. Сосема друго прашање е кои се вистинските причини и каква е намерата.
Всушност, дури и тоа може да се насети. Иако сѐ уште се приближуваме кон моментот што ќе биде означен како пик на епидемијата на ковид-19 во Македонија (веројатно тоа ќе биде некаде од почетокот до средината на мај), поранешниот премиер Зоран Заев очигледно интензивно размислува за итно одржување на одложените предвремени парламентарни избори. Во јавноста веќе се спомнува јуни, како месец во кој сдсмовците би сакале да истрчаат на теренот, во надеж дека силно ќе ги поразат своите конкуренти.
Во медиумите под контрола на агитпропот, некаде отворено а некаде само меѓу редови, може да се прочита зошто му се брза на Заев. Факт е дека коронакризата целосно ги покри очекуваните пропагандни ефекти од приемот на Македонија во НАТО и од одлуката за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Од друга страна, иако веќе се гледаат првите знаци на голем пад на македонската економија, експертите предвидуваат дека вистинскиот потрес треба да се очекува во втората половина од годината, кога ќе попушти кондицијата на економските субјекти. Од трета страна, пак, по нормализирањето на животот во земјата, кога нема да бидеме опседнати со епидемијата како што сме сега, вниманието на јавноста неминово повторно ќе се сврти кон темите од времето пред короната: хибриден режим, недооформени демократски институции и практики, високо ниво на корупција, скандали, проблеми во правосудниот систем, проблеми во медиумите, проблеми насекаде…
Кога сѐ ќе се собере и одземе, јасно е дека резултатот на СДСМ на изборите што би се одржале во јуни секако ќе биде подобар од резултатот ако изборите се одржат во септември, а септемврискиот резултат би бил подобар од оној што владејачката партија ќе го постигне на првиот следен термин, а тоа веќе би бил терминот на редовните избори. Затоа на Заев му се брза.”
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
„Да ги заштитиме шумите од пожари“, превентивна активност на РЦГР Исток и ПС Делчево
Решение на деценискиот проблем на село Габрово, делчевско. Владата започна со проширување и целосна реконструкција на патот кон селото
Кривична пријава за жител на село Тработивиште затоа што упатувал закани кон неговиот чичко