Аргументи зошто?
Булевар Македонија моментално е главната артерија која што овозможува транзиција на луѓе и стоки низ општина Делчево. Протокот на патници и стоки од Кочани, Виница, Македонска Каменица кон Пехчево и Берово како и кон Република Бугарија се одвива по овој булевар кој што е најзначајна сообраќајница за општина Делчево. Напомена: Долгот на Општина Делчево поради кој е блокирана сметката на општинската администрација првично потекнува токму од доизградбата на дел од овој булевар на потегот од Скопјанка до клучката со регионалниот пат кон Берово. Изградбата на оваа делница заедно со потпорниот ѕид од страната на стариот Монопол и фабриката Витекс ја чинело општина Делчево првични околу 17 милиони денари за подоцна со прифаќање на анекс договор овој долг да порасне на 32 милиони денари. Поради овој долг денеска општината должи околу 180 милиони денари заедно со камати кои што секојдневно растат. Важноста на оваа сообраќајница несомнено е реален факт, но начинот на финансирање на нејзината изградба во 1998 година е проблематичен до таа мера што денес претставува камен на тежина врз грбот на општинскиот буџет.
Булевар Македонија поминува низ дел од градот каде што има густо население, има значајни институции чија што пристапност и мобилност на сообраќајна комуникација е повеќе од важна (МВР, ТППЕ, ЈО, Основен Суд, Регионален центар за вработување, ЈП Национални шуми Голак Делчево). Дополнително на оваа сообраќајница излегуваат директно три бензински пумпи, дива автомеханичарска работилница/вулканизер, неколку текстилни фабрики и повеќе други помали трговски и останати стопански објекти. Сообраќајното оптеретување на оваа сообраќајница е големо за што веројатно во општината наделжните служби поседуваат соодветни бројчани параметри. Проблемот од аспект на граѓаните кои што живеат на овој Булевар (неколку стамбени објекти и 100-тина семејни куќи) е постојаната бучава и загадување од прашина како и од издувни гасови од моторните возила кои гравитираат по оваа сообраќајница од возилата кои што транзитираат низ Делчево.
>>Тешките товарни возила се реален проблем за квалитетен живот на овие наши сограѓани, со оглед на постојната бучава и тресоци на металните зглобови на товарните возила.
>>Недостигот на паркинг места околу Булевар Македонија создава метеж од непрописно паркирани возила кои што сообраќајната полиција во континуитет ги толерира, со што е оневозможен брз и квалитетен пристап до споменатите институции,
>>Безбедноста и квалитетот на живот на жителите на село Ѕвегор,
>>Регулацијата на сообраќајот со семафори претставува застарено решение кое треба да се тргне настрана, но за да се направи тоа потребно е да се изгради кружен тек. Во сегашните рамки на ГУП на Делчево (кој што е застарен-и во огромна мера нефункционален) реализација на кружен тек на оваа раскрсница на Бул. Македонија со Бул ММ Брицо не е оправдано поради категоријата на сообраќајницата Бул. Македонија која што е дел од регионалниот/меѓународен пат А3.
Само поради овие четири причини редно време е надлежните во општина Делчево и соодветните институции на централно ниво (пред се ЈП Државни патишта и Министерството за транспорт и врски) да почнат да работат на имплементација на проект за изградба на ОБИКОЛНИЦА НА ГРАД ДЕЛЧЕВО. Но овие четири причини не се единствени за да се влезе во реализација на еден ваков капитален инфраструктурен проект од огромно значење како за Делчево, така и за државата.
Можности за градежна експанзија, развој на Делчево, подобар стандард на живеење на делчевчани
Изградбата на Обиколница на Град Делчево како проект за првпат на политичо ниво се спомнува во предизборната програма на Градоначалникот Горан Малешевски. Потоа проектот како нереализиран беше превземан од кандидатите за градоначалници и градоначалници во нивните програми, вклучително и во програмата на актуелниот градоначалник Горан Трајковски во 2017 година. До ден денес реализацијата на овој (според мене) еден од најзначајните проекти за делчево стои само на хартија како предлог идеја.
Со изградбата на Обиколница на град Делчево ќе се решат погоре споменатите проблеми но главното значење на оваа нова сообраќајница ќе биде тоа што ќе овозможи развој на Делчево за наредните 50-100 години. Обиколницата на Делчево според конфигурацијата на теренот и локализирањето на фиксни постојни градби може единствено да се реализира на траса која ќе се протега на правец северозапад-југоисток помеѓу населбата Милово Брдо и село Габрово, почнувајки од клучка на регионалниот пат А3 во близина на населба Басарица па се до над излезот од село Ѕвегор на меѓународниот пат кон соседна Бугарија. Станува збор за изградба на нова автопатска делница во должина од околу 6 км (груба процена) која што ќе се поврзе со
>>постојниот пат А3 на две точки (кај населба Басарица, село очипала и над село Ѕвегор)
>>ТИРЗ Делчево
>>Можна Нова општинска индустриска развојна зона до ТИРЗ Делчево,
>> Новиот автопат/ експресен пат преку Калиманско поле кој што е најголема потреба за Делчево а според досега познатиот проект се вкрстува со патот А3 во непосредна близина на Басарица каде што исто така ќе се вкрсти идната обиколница на Делчево
>>Село Габрово
>>Село Полето, село Киселица и село Вратиславци,
>>Потенцијални нови приватни или јавни паркинг плацеви со мотели за товарни возила.
Вака проектираната обилколница на Делчево покрај решавање на актуелните (погоре спомнати) проблеми ќе овозможи жесток развој на Делчево за наредните 50-100 години заедно со реализацијата на проектот за изградба на ТИРЗ, Новата општинска индустриска зона, новиот регионален/магистрален пат преку село Бигла и Калиманско поле како и заживување на напуштените села по т.н. долен терен.
За реализација на проектот за изградба на ОБИКОЛНИЦА НА ДЕЛЧЕВО е потребен меѓупартиски консензус и општ граѓански консензус за истиот да биде успешно и ефикасно реализиран. Секаква дебата за истиот е добредојдена!
Финансиите за реализација на овој капитален проект се големи а изворите за финансирање ќе мора да бидат од Светска Банка преку постојните кредитни развојни програми. Општина Делчево претставувана од било кој градоначалник (сегашен и идни) треба да ги искористи сите можности, знаења, луѓе, ресурси за да започне реализацијата на овој проект првенствено со изработка на социо-економска студија за утврдување на приоритетен капитален инфраструктурен проект, преку студии за заштита на животната средина, сообраќаен проект, проектирање на техничка документација Основен проект за изградба заедно со основни проекти за потенцијални сообраќајни клучки и објекти на обиколницата.
Визионерството и стратешкиот пристап кон планирање на иднината на Делчево се повеќе од неопходни во контекст на динамичноста на модерните општествени трендови и потреби на граѓаните на Делчево. Само со сопствени сили делчевчани можат да се изборат за подобро утре, но развојот и перспективите зависат од подготвеноста на политичките елити да ги надминат своите теснопартиски интереси и да застанат сите заедно зад реализацијата на еден ваков проект.
Пишува: Кирчо Анастасов
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Силен финансиски импут за локалните самоуправи како никогаш до сега! Дали ЕЛС имаат капацитет со овие пари да обезбедат соодветен одржлив развој на локалните заедници?
Канцерот во Македонското мочуриште што со децении не дозволува народот да види бело видело
СДСМ преку Трендафилов со наметнување на минимална плата од 500 евра на стопанството, сакаат да ја урнисаат државата