Брегалнички Портал

Вести од Багалничкиот регион.

71 година од смртта на Македонскиот револуционер Панко Брашнаров

Пренеси го гласот

На денешен ден во 1951 година умира Македонскиот револуционер и учесник на Првото заседание на АСНОМ, Панко Брашнаров.

Станува збор за грандиозен Македонски лик на револуционер кој што е учесник во двата историски Илиндена-оној од 1903 година и тој од 1944 година со активно учество во работата на Македонската револуционерна организација во периодот помеѓу двете светски војни.

Панко Брашнаров е роден на 27 Јули во 1883 година во Велес.

По завршување на учителската школа во Скопје станува народен учител во 1901 година. Бил активен учесник и во случувањата околу Младотурската револуција во 1908 година, се спротивставил на Балканските војни во 1912 година.

По Првата светска војна Панко се враќа во Велес. Србите му нудат да работи како учител по српски, тој ги одбива. Менува повеќе професии. Работи како воденичар, бавчанџија, бакал. На крај за да преживее работи и во кафеана која станува центар на комунистичкото движење во градот.

Следува период на прогони и затварања на Панко Брашнаров под диктат на српските власти во СХС во чиј дел била и Вардарска Македонија. Одлежал повеќе години затвор поради неговите идеи за национално ослободување на МАкедонците.

По извесната пасивизација со почетокот на Втората Светска војна повторно се активирал крстосувајќи ги селата во Македонија и анимирајки ги селаните да се приклучат кон Народноослободителното движење. Бил учесник во Пролетната офанзива како активен борец и пример за останатите помлади партизани во ПОМ.

Како највозрасен делегат и учесник на Првото заседание на АСНОМ тој ја имал честа да го отвори заседанието на кое се удрени темелите на Современата Македонска држава.

Во продолжение го пренесуваме текстуално говорот на Панко Брашнаров кој го имал на 2-ри Август Илинден 1944 готина на Првото заседание на АСНОМ:

Во овој момент, во ова историско место Св. Отец Прохор Пчински и на овој историски ден – Илинден, кога објавувам дека е отворено првото Антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, душава ми е преполна со радодост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња до Вардар до Места и до Бистрица, заплискувајќи ја целата македонска земја, сакајќи од македонскиот народ да го измијат десетвековниот ропски срам од пропаста на Самоиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава.

Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројни народни херои, кои што паднаа и ги посеаа коските по цела Македонија, им станува полесна и тие во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, ја гледаат идеалната дружба старите илинденци – на Гоце Делчев и на денешните илинденци – младата македонска војска, и поставените темели за остварувањето на идеалот, на две поколенија, на две епохи- слободна, обединета Македонија.

Во знак на почит кон паднатите јунаци, ве поканувам да им ја изразиме со едноминутно молчење нашата вечна, бескрајна благодарност. Вечна слава на паднатите херои за слободата на Македонија!

Другари народни претставници, жив сведок сум на два Илиндена 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илинденската народна епопеја за Крушевската република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жедта за слобода, борбата го дарува со слободна Кришевска република. Но, разјарениот башибузук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаа оазисот на слободна Македонија-Крушевската република, го задушија востанието и го стегнаа искрвавениот народ во ново ропство.

Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се сменија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаа против денешниот непријател на целото човештво- фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таа борба. Тој во неа виде можност да ја помогне општата борба, на сите поробени народи и на целото слободољубиво човештво и да го оствари својот вековен национален идеал.

И ете, како резултат на тригодишните крвави борби, македонскиот народ ја врза својата судбина со судбината на сите југословенски народи, помогна, со крв и со борба, да дојде до нова братска, демократска и федеративна Југославија. Денес на вториот славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се ставаат темелите на македонската држава, во која што нашиот народ ќе се обедини и ќе заживее онаков среќен живот каков што заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби.

Да е жива нашата мила македонска федерална држава!…

Панко Брашнаров починал на Голи Оток откако бил затворен од страна на безбедносните сили на ФНРЈ поради неговите идеи за независност на Македонија.

Неговиот гроб не се знае, но многу добро се знае неговото дело неговата борба кои остануваат да бидат светол патоказ за денешните и идните генерации.

Креирано од:


Пренеси го гласот