Игнорантскиот однос на актуелната влада во Скопје повторно го одмина Делчево на географската мапа за брзо и ефикасно меѓународно сообраќајно поврзување на оваа крајна општина на источната граница на Македонија.
Неодамна бугарскиот заменик министер Захари Христов соопшти дека во рамки на програмата за прекугранична соработка од бугарска страна ќе се реализира изградбата на новиот граничен премин “Клепало” преку кој што ќе се поврзува Берово и Малешевијата со Струмјани од другата страна на границата. Овој проект е утврден како приоритет во целиот пакет проекти кои што ќе бидат реализирани во наредните 7 години со буџет од околу 30 милиони евра.
Од македонска страна сообраќајното поврзување до граничниот премин Клепало е изградено, а останува сообраќајното поврзување од бугарската страна.
Вештачки поделениот етно-географски регион Пијанец со тоа засега останува вештачки поделен од двете страни на македонско-бугарската граница единствено поврзан со тешкатта и неефикасна сообраќајница долга 34 километри која го поврзува Делчево со Благоевград од другата страна на границата.
До градот Ќустендил, Делчево сообраќајно е поврзано преку оваа иста тешка за совладување и неефикасна сообраќајница од низок ранг која ја поминува македонско-бугарската граница кај месноста “Арнаутски гроб”, а пред влезот во Благоевград се отклонува кон север по авто магистралата “Струма” се до Ќустендил кој од Делчево е оддалечен цели 100 километри по постојните автопатишта. За патување кон Софија по најкратката постојна сообраќајница се поминуваат цели 130 километри.
Постојната сообраќајна врска на Делчево и регионот на Пијанец е преку регионалниот пат А3 до Македонско-бугарската граница во должина од 10 км. Оваа сообраќајница е со голем надолжен наклон па одвивањето на сообраќајот секојдневно се одвива во отежнати услови , а особено во зимски периоди потешкотиите во сообраќајот се повеќе од присутни.
Можна алтернативата на постојното сообраќајно поврзување на Делчево со Бугарија е преку засега забранетиот граничен премин кај месноста наречена “Црна Скала” кој што во не така далечното минато функционирал за луѓето од двете страни на границата како своевиден граничен премин. На терен се уште постојат земјани патишта кои што сведочат за сообраќајната комуникација на народот од двете страни на границата, но поради не наоѓање на разбирање (во најмала рака) кај властите во Македонија и Бугарија, овој граничен премин е затворен а изградбата на современ автопат преку кој двете држави би се поврзале сообраќајно многу поефикасно, е ставен настрана од владеачките гарнитури.

Фото: Дел од трасата на патот Делчево-Црна Скала
Се уште се свежи сеќавањата на повозрасните жители на Делчево кога се случувале т.н. погранични средби- “Свиждање” токму на месноста Црна Скала каде што роднините од двете страни на границата доаѓале на меѓусебно видување и дружење.
Овој можен алтернативен пат беше започнат со реализација во 2000 година од страна на тогашната влада на Љубчо Георгиевски на ниво на експресен пат а голем дел од имотно-правните односи на трасата беа решени и беше ззапочнато со градежни активности на ниво на земјани работи и изградба на потпорни ѕидови кои што и ден денес може да се забележат долж трасата.
Во поново време оваа сообраќајна делница беше вклучена во проектот за изградба на автопат Миладиновци-Штип-Кочани-Виница-с.Бигла-Делчево-Црна Скала кој што започна да се реализира во 2010-2011 година.
Со оглед на намерите на актуелната власт преку современо автопатско поврзување да ги поврзе Скопје и Косово, и фрлањето настрана на проектот за изградба на автопат Виница-Делчево-Црна Скала, се наметнува прашањето дали некој намерно го опструира ваквиот проект и со кои намери. Причините за побрза изградба на оваа автопатска делница се многу а пред се влегуваат во доменот на евроинтегративните процеси на Македонија како соседна држава на Бугарија која е полноправна членка на ЕУ.
Фокусот на капиталните инвестиции во политичката јавност во Македонија мора да се подигне на повисоко ниво за овој проект, порати делекусежноста за развојот на микро-регионот Пијанец-Малеш, но и развојот на цела источна Македонија.
Пишува: Кирчо Анастасов

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Прогласи на ѕидот
СВИЖДАНЕ
Последниот пишувач на љубовни писма