Изминатите неколку денови во Делчево се случувала морбидна драма во режија на локални шерифи под сечие човечко достоинство и емпатија.
До редакцијата на Брегалнички Портал стигнаа шокантни информации во врска со постапување на надлежни лица од ЈКП “Брегалница” Делчево во случај со починат граѓанин на Делчево.
Имено според информациите доставени до нашата редакција пред неколку денови граѓанин со жителство во општина Делчево починал по што бил примен во градската капела во Делчево.
Овде неговото тело претстојувало неколку денови, по што по одлука на надлежни лица неговото тело било изнесено и погребано на несоодветен начин надвор од христијанските градски гробишта и тоа од страна на хумани луѓе кои што биле сведоци на нехуманото постапување на службените лица од комуналното претпријатие а кои овозможиле барем некакво погребување на мртвото тело на нашиот сограѓанин.
Претпоставките на нашите извори се дека покојното лице немало свои блиски роднини или пријатели кои ќе се погрижат за погребот, па ситуацијата довела до ваквата неповолна состојба, со која што надлежните служби се справиле на крајно нехуман и недозволив начин.
За утврдување на фактичката состојба во врска со овој немил настан за кој што нашите извори сакаат да ја алармираме јавноста како и надлежните служби, но и превенирање на идни вакви слични немили случувања, упативме по електронски пат повеќе прашања до Општина Делчево, Градоначалникот на општина Делчево и до Претседателот на Советот на Општина Делчево, за што по повеќе часови се до објавувањето на овој текст не добивме ниту потврда ниту негација за овие информации.
Доколку добиеме било каква информација во врска со овој случај од надлежните служби истите веднаш ќе ги пренесеме во јавноста.
Дополнително се наметнуваат прашања од типот, дали е издадена посмртница за покојникот и дали се извршени сите административни процедури поврзани со смртта на човекот.
Со оглед на се поизразената појава на отселување на помладите генерации во странство и останување на претежно повозрасни лица во Делчево, се наметнува и прашањето за справување со вакви случаи на повозрасни луѓе самци, за начинот на справување на надлежните служби со ваквата состојба во иднина, за што е потребно отворено да се разговара на институционално ниво со цел за најсоодветно справување со вакви или слични случаи.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Заложбите на градоначалникот на Берово Петар Ружински даваат резултати: Две нови големи инвестиции во Малешевијата за подобар стандард за сите беровчани
Нова перспектива за развој на локалната економија во Пехчево
Стоп за досегашната фушерајска изградба на градежни работи во Делчево