Малите и средни претпријатија имаат клучна улога во економскиот раст, иновациите и социјалната стабилност, како држава даваме поддршка и креираме политики за нивен поголем раст и развој, порача заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески на Конференцијата „Лансирање на Индексот на политики за мали и средни претпријатија 2026 за Западен Балкан и Турција“, која што деновиве се одржува во Будва.
Во рамки на Конференцијата заменик-министерот Ристески учествуваше на панел-дискусија на тема „Одржливост и отпорност на малите и средните претпријатија“ со фокус на политиките кои ја поддржуваат зелената транзиција, ефикасното користење на ресурсите, пристапот до одржливото финансирање и соработката на науката со бизнисот за раст и развој на малите и средните претпријатија.
– Научното истражување и бизнисот не треба да се третираат како одвоени категории, тие мораат да имаат поголема соработка, а истражувањето мора да се користи како директна алатка за правење постабилни, попаметни, поконкурентни и позелени бизниси. Најголемата можност за посилна соработка помеѓу истражувањето и бизнисот е трансформирање на постојното знаење и стратегии во реална, практична иновација што малите и средните претпријатија навистина можат да ја користат – кажа Ристески.
Тој додаде дека Владата формира стратешката рамка како основа, која се состои од Националната развојна стратегија, Стратегијата за МСП, Стратегијата за паметна специјализација и Патоказот за циркуларна економија развиен со ОЕЦД, и дека токму оваа основа рамка е патоказот на идните политики за развој на малите и средните претпријатија во Македонија.
– Во рамки на министерството за економија и труд ја изготвивме Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025-2030 година, стратегија која ги поврзува сите области – конкурентноста, иновациите, зелената транзиција, вештините и отпорноста. Ова обезбедува сите наши планови и инструменти за поддршка на развојот на малите и средните претпријатија да не бидат изолирани, туку дел од координиран политички систем – додаде Ристески.
Конференцијата „Лансирање на Индексот на политики за мали и средни претпријатија 2026 за Западен Балкан и Турција“ е организирана од Организацијата за економска соработка и развој (OECD), а на истата учество зедоа министрите одговорни за развој на бизнисот, конкурентност и економски прашања на земјите од Западен Балкан и Турција, земјите-членки на ОЕЦД и ЕУ, Европската комисија, како и претставници од меѓународни и регионални партнерски организации.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Одржан онлајн состанок со претставници на Европската комисија за Реформската агенда и Планот за раст
Николоски: Воена болница станува најмодерна во државата, целосно ја реконструиравме болницата “8-ми Септември”
Јавна расправа по Предлог-текстот на Националната стратегија за развој на културата за периодот 2026–2030 година