Македонската агенција Идеа лаб – иницијатор на кодексот за одговорна употреба на AI во комуникациите
На самитот беа споделени искуства за новите начини на работа и создавање услуги, а започна и потпишувањето на Кодексот за одговорна употреба на вештачката интелигенција во комуникациите
Вештачката интелигенција не го менува само начинот на кој работат комуникациските професионалци, туку и начинот на кој се креираат услуги, се организира работата и се размислува за идниот развој на агенциите. Тоа беше еден од заклучоците од регионалниот самит на PROI Worldwide, кој вчера и денеска се одржа во Скопје, со учество на 52 претставници на независни PR и комуникациски агенции од повеќе од 30 земји од Европа, Блискиот Исток и Африка. Домаќин на самитот беше ИДЕА ЛАБ – независна македонска PR и комуникациска агенција и единствената агенција од Македонија што е дел од глобалната мрежа PROI Worldwide.

Под темата „The Independent Edge: The Human Advantage in the Age of AI“, во фокусот на дводневната програма беа промените што вештачката интелигенција ги носи во комуникациската индустрија – од новите начини на работа и развојот на креативните процеси, до создавањето нови услуги и решенија за клиентите.
Преку размена на искуства од различни пазари, учесниците разговараа и за тоа како агенциите можат да ги користат можностите што ги отвора вештачката интелигенција, без притоа да се изгуби она што ја прави комуникацијата суштински човечка – разбирањето на луѓето и контекстот, креативното размислување, искуството и способноста да се донесат вистинските одлуки.
Разговорите во Скопје ја потврдија и потребата од континуирано учење и тестирање на нови пристапи. PROI Worldwide функционира како целогодишна мрежа, со активности кои ги поврзуваат членовите и надвор од главните самити – преку глобални, регионални и специјализирани средби, Growth Week, Frank Tanks, AI Matters, Best of the Best и Innovation Lab, како и преку професионални форуми за кризна комуникација, односи со јавноста и институциите, содржини и креативност, човечки ресурси и финансии.

„Учесниците на самитот се согласија за важноста на одговорната употреба на вештачката интелигенција и го започнаа процесот на потпишување на PROI Worldwide Responsible AI Pledge – доброволниот кодекс за одговорна употреба на AI во комуникациите. Кодексот става акцент на човечката одговорност и професионалното расудување, точноста и автентичноста на информациите, заштитата на податоците и авторските права, како и на транспарентноста при користење AI кога тоа е важно за разбирањето на содржината од страна на публиката“, вели Ема Темелковска Анчевска, ко-сопственик во ИДЕА ЛАБ.

„Како иницијатори на овој кодекс, ги повикувам и другите македонски PR и комуникациски агенции да го поддржат и потпишат Кодексот, како би можеле заеднички да изградиме поодговорна и заштитена комуникациска средина – во која вештачката интелигенција ќе се користи како алатка за подобрување на креативноста и ефикасноста, а не за манипулација, ширење неточни информации или злоупотреба на довербата на јавноста“, апелира Темелковска Анчевска.
Според неа, одговорноста на комуникциските агенции е да ги заштитат потрошувачите, но и пошироко општеството, од ризиците што можат да произлезат од неодговорната употреба на AI, преку јасни професионални стандарди, транспарентност и човечко расудување.
„Верувам дека токму комуникациската индустрија треба да биде пример за тоа како новите технологии можат да се применуваат одговорно, етички и во интерес на луѓето“, додава Темелковска Анчевска.
ИДЕА ЛАБ е дел од PROI Worldwide од 2021 година и е единствената македонска агенција во мрежата. PROI Worldwide обединува повеќе од 90 независни PR и комуникациски агенции, со присуство во повеќе од 60 земји.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Градоначалникот на Делчево Гоцевски оствари средба со активисти на невладината организација “Жена” од Делчево
Тошковски на промоцијата на Националната стратегија: Значително намален бројот на жртви во сообраќајот, Македонија во конкуренција за светско признание за сообраќајна безбедност на светскиот полициски самит во Дубаи
dm повторно го отвора еко-конкурсот „Зелена иднина: од градинка до училиште“ – пријавете го вашиот двор за раззеленување!