Министерството за дигитална трансформација денеска ја промовираше мобилната апликација „м.Услуги“, наменета за поедноставен пристап на граѓаните до електронските јавни услуги и дигиталните документи преку мобилен телефон.
Апликацијата ќе овозможи побрз и поедноставен пристап до јавните услуги за граѓаните.

„Ова ќе биде наш прв чекор кон дигиталниот паричник. Апликацијата е бесплатна за преземање и не е задолжителна, но ќе нуди многу нови погодности. Ќе го свртиме фокусот кон тоа државата да биде достапна на мобилен телефон, односно на дланка“, изјави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во пресрет на промоцијата на апликацијата.
Тој посочи дека „м.Услуги“ ќе овозможи пристап до електронска верзија на личната карта и возачката дозвола, како и до првите три дигитални услуги за граѓаните. Според Андоновски, апликацијата ќе може бесплатно да се преземе преку платформите Google Play и App Store, а корисниците преку внесување на личните податоци и бројот на личната карта ќе можат да ги повлечат своите дигитални документи.
„Пред една година на Дигиталниот самит на Западен Балкан во Скопје кажав дека сакам да дојде време кога граѓанинот нема да мора да зема слободен ден од работа за да извади документ, да чека пред шалтер или да носи хартии од една во друга институција. Дека нема да има потреба да познавате некого во администрацијата, дека нема потреба да се плаќа за побрзо да се заврши некоја работа. Денес со мобилната апликација мУслуги правиме конкретен чекор токму во таа насока“, истакна премиерот Христијан Мицкоски да денешната промоција.

Премиерот посочи дека тој како човек, кој професионално доаѓа од инжинерството, на овие процеси гледа пред се како на прашања на добро дизајниран и функционален систем.
„Суштината на дигитализацијата не е само да воведеме нова технологија, суштината е да го анализираме процесот, да ги отстраниме непотребните чекори, да ги поврземе системите и дури потоа да му понудиме на граѓанинот едноставна услуга, а мУслуги е видливиот дел од тој систем“, рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека нивната цел е во следниов период да обезбедат се повеќе услуги кои граѓаните ќе можат да ги користат едноставно, сигурно и без непотребно губење време.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Одбележан патрониот празник на ООУ „Крсте Петков Мисирков“ во Оризари
Предложен притвор за вработен во ДЗС осомничен за поткуп
Делегација на МВР учествуваше на 15. конференција на ИНТЕРПА во Доха, Катар