Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска се обрати на настанот „Соларен ден – чиста енергија во пракса“, организиран од Агенцијата за иновации и научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, по повод 26 јануари – Меѓународниот ден на чистата енергија.
Во своето обраќање, министерката Божиновска истакна дека одбележувањето на Меѓународниот ден на чистата енергија претставува силен потсетник за заедничката одговорност, но и за стратешката можност што ја има државата во процесот на енергетската транзиција кон одржлив, сигурен и модерен енергетски систем.
„Соларната енергија денес е еден од најважните столбови на националната енергетска транзиција. Македонија има сериозен сончев потенцијал и наша јасна стратешка определба е тој потенцијал да го искористиме максимално – преку стабилна регулаторна рамка, поддршка на инвестициите и активна улога на државата“, нагласи Божиновска.

Таа посочи дека изминатата година е забележан значителен раст на фотоволтаичните капацитети, како резултат на зголемениот интерес и од инвеститорите и од граѓаните, што ја потврдува довербата во соларната енергија како исплатливо и одржливо решение. Министерката нагласи дека Министерството не е само регулатор, туку активен двигател на процесите, со фокус на државни инвестиции во соларни капацитети, системи за складирање на енергија и стратешко планирање на декарбонизацијата.
Во обраќањето беше истакната и важноста на партнерството со приватниот сектор, академската заедница и граѓаните, како неопходен предуслов за успешна и праведна енергетска транзиција.
„Енергетската транзиција не е проект на една институција. Таа е заеднички процес кој бара соработка, знаење и визија. Само така можеме да изградиме модерен, сигурен и одржлив енергетски систем кој ќе обезбеди подобар квалитет на живот и почиста животна средина“, порача министерката Божиновска.
Настанот „Соларен ден – чиста енергија во пракса“, кој се одржа во Europe House, вклучи едукативна сесија и панел-дискусија за можностите и предизвиците на соларната енергија во Македонија, со учество на претставници од институции, академската заедница и компании од енергетскиот сектор.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Јавен повик за проектни апликации наменет за правни и физички лица од редовите на дијаспората, за 2026
Мециновиќ порача дека назначувањето на вмровецот Ацо Ристов за претседател на РКЕ ќе го оспори пред Енергетската заедница
Уставниот суд го поништи Законот за изменување на Законот за платите на судиите донесен во февруари 2026 година во Собранието