(Три скалила за основа на Македонската метаморфоза)
Сите оние кои посакуваат добро на самите себеси, нивните семејства, пријатели, соработници а пред се добро за нашата единствена и вечна Македонија, во контекст на придвижување на работите кон подобро утре, обезбедување на минимум сигурност и просперитет за одржлив и благопријатен живот во рамки на државата како и излегување од калта на актуелниот колапс, се исправени пред клучен избор во наредниот период:
Дали Македонија е моја и твоја татковина? Земја на сите граѓани кои сакаат да живеат овде, да создаваат свое семејство, своја иднина?
Или метастазата достигна стадиум после кој ни останува само да го прогласиме пациентот за мртов?
Не постојат добри и лоши времиња. Се чини овде на Балканот а особено во Македонија времето стои заробено во инертноста и зачмаеноста на општествените промени. Чувството на комодитет кога немаме визија и знаење за подобро, претставува кафез за сопствената слобода и перспективите на сопствениот потенцијал.
Таа лажна зона на комфор во услови на вртоглави тектонски геостратешки промени во поширокиот регион, Европа и во светот, налага градација на добро осмислен план и визија за афирмација на вредностите кон кои се стремиме како етнографска целина со сите национални диференцијалности кои го сочинуваат битието на современиот Македонец.
За тој план да биде остварен, потребно е лидерство пренесено на секој поединец во неговиот делокруг на секојдневно живеење.
Само така обединети зад принципи, цивилизациски вредности, знаење, енергија и мудрост може да го создадеме скалило по скалило идниот пат на една силна и здрава Македонска држава во која живеат просперитетни граѓани, рамо до рамо построени со целиот човечки род на планетата Земја.
Оваа идеализирачка состојба која илустрира своевидна утопија веројатно е невозможно да се оствари во еден човечки живот и затоа колку побрзо почнеме да се однесуваме со љубов, разбирање и толеранција едни кон други, толку побрзо ќе почнеме да го градиме првиот скалник на овој тежог и долг пат.
Тој скалник се нарекува единство! Обединети околу заеднички интерес да опстоиме и да создадеме темел за наредниот скалник на тој наш пат.
Сетоа ова сведено на микро акции, во секоја пора на нашето колабрирано секојдневие и загрозен егзистенцијализам подразбира промислено дејствување на секој чекор, со секоја активност да добринесеме кон што поголемо единство, со што ќе покажеме на самите себеси но и на остатокот од светот дека тука живее продуховен народ, кој дели високи цивилизациски вредности кои вреди да бидат афирмирани во глобалното семејство на народи.
Спротивставеноста на ставови, размислувања, потреби, интереси… е природна и посакувана појава во демократско општество. На темелите на таа шареноликост треба да се воплоти вистината, дискусијата, размената на аргументи базирани на знаење…
Токму овие зборови преточени во парадигми на вредносен систем го чини второто скалило од нашата државност: Вредносен систем!
Дебатата и способноста за слушање на туѓите аргументи е неопходна потреба да биде афирмирана во секојдневието на сите полиња. Разбирањето и толеранцијата исто така…
Оттука полесно ќе постигнеме обединување зад заедничкиот интерес кој ќе биде мисла водилка за нашите идни постапки.
Последните неколку години покажаа во јавност дека нема вечно спечалена слобода. Секогаш ќе постои предатор кој демне над заспаниот плен. Шумата не е доволна да не скрие во наездата на современата трка по богатство, моќ и влијание за контрола.
На тој пат малите инсекти стануваат плен на малку поголемите ловци-предатори. Кои повторно пак се плен на уште поголеми предатори.
Тој закон на џунглата предефиниран од нагонот за преживување можеме да го ставиме во соодветни рамки само со промислата на интелектот. Тука Македонскиот граѓанин треба да ја бара својата улога во глобалните гео-стратешки околности.
За да стигнеме таму Македонските граѓани мора да изградат свој автентичен вредносен систем кој ќе биде второто скалило кое што ќе служи за потпора на секоја наредна генерација Македонци кои ќе се бори за своето подобро утре.
Тој вредносен систем нема да биде најсовршениот. Спореден со вредносните системи на останатите државни ентитети во светот, ќе ја претрпи својата неминовна метаморфоза која по правило секогаш е болна до степен на породилни болки.
Тоа второ наше раѓање од ларва во пеперутка ако се случи да биде несвесно, повторно ќе биде подредено на законот на џунглата во кој недостигот на интелект значи само едно: Убавината на вашите крилја ќе биде во функција на разубавување на светот на предаторите.
Затоа таа метаморфоза мора да биде обдарена со промислата на духот на нашето заедништво-единство втемелено во првиот скалник а структурирано според вредносниот систем во вториот скалник.
На тој начин преку директна, идејна, аналитичка а потоа и синтезна генеза ќе успееме да ја создадеме сопствената иднина според имиџот на нашиот слободен избор кој ќе гарантира слобода достојна за борба и одбрана.
Пишува: Кирчо Анастасов
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Долгогодишен административен проблем е причина за доцнењето од неколку денови на платите за вработените во Министерството за култура и туризам
Судија на фудбалски натпревар во село Зрновци бил физички нападнат од струмичанец
Тешка сообраќајна несреќа на патот Кичево-Гостивар: Загинале 3 а повредени се 8 лица