Во подножјето на преубавата планина Голак на двата брега на реката Брегалница е распослан градот Делчево (Царево Село). Градот на војводата, го носи името на великанот и апостолот на македонската револуционерна борба, на даскалот Гоце Делчев. Пијанец е регион со богата историја, одлична местоположба која што била вреднува низ историјата од страна на сите империи и држави на овој простор, но регион со ужасна инфраструктурна поврзаност. Поради лошата инфраструктурна поврзаност и оддалеченоста од Скопје и другите големи градови, Делчево стагнира со години.
Но јас нема да пишувам за богатата историја на Делчево, ќе пишувам за сегашноста и за иднината, за проблемите, предностите и предизвиците пред кои што е исправен мојот роден град и регион.
За жал Делчево е град во изумирање, како и голем број на други мали градови во Македонија, ширум Балканот а и ширум Источна Европа. Шетајќи по улиците на градот, тоа може да го забележи секој жител на регионот, па и посетител од друго место. Иднината на Делчево не е радосна, Делчево полека се претвора во град на пензионери, град каде што младите не можат да се пронајдат и да се реализираат. Повеќе од 70% од младите не ја гледаат својата иднина во својот роден град, и наоѓаат разни начини како да емигрираат од Делчево и регионот, претежно во Европа, а мал дел во САД и во Австралија. Делчево не им нуди на младите можности и перспективи за останување и давање на својот потенцијал и енергија во развојот и животот на градот. Општината наместо да шири демагогија за „враќање“ на младите од странство, треба да работи како да задржи барем 50% од младите кои што живеат во Делчево, но со мислите се надвор од регионот и работат на изнаоѓање на начини за емиграција. Образованието и здравството во регионот деградираат, во болницата се затвараат оделенија, во блиска иднина ќе нема интернисти, специјалисти како и друг медицински кадар. Културниот и општествениот живот се на ниско ниво, а научен живот практично и да нема.
Делчево денес е град без енергија, без визија за иднината. Проблемите пред кои што е исправен градот се ставаат под тепих. Иако опкружен со преубава природа, регионот е еден од најдепресивните во Македонија, за тоа зборуваат и многубројните истражувања. Јавна тајна е дека регионот е при самиот врв кога се работи за игрите на среќа. Денес голем број на луѓе, претежно млади се навлечени на игрите на среќа во надеж дека по лесен пат ќе имаат лагоден живот. Но тие млади се повеќе тонат и се задолжуваат, бидејќи игрите на среќа ретко кога ги оправдуваат нивните надежи. Јавна тајна исто е дека во пораст е и употребата на наркотични средства и психотропни супстанци, и дека нема систематска борба против оваа девијантна појава.
Според неофицијални информации, бројките од последниот попис покажуваат дека во општина Делчево сега живеат нешто повеќе од 13 000 жители, за разлика од пописот во 2002 година кога општина Делчево броеше 17.505 жители. Овој статистички податок најдобро говори дека Делчево и регионот како последица на „Белата чума“ изумираат. Пијанец е печалбарски регион, но доколку пред 20 години заминувал само еден член од фамилијата на печалба во странство, денес трајно заминуваат цели фамилии. Факт е дека „Белата чума“ е проблем на целата држава, и дека општина Делчево сама не може да го реши проблемот. За тоа е потребно специјална државна стратегија, политика проследена со различни мерки за поддршка на младите и на младите брачни парови, да останат во Делчево а и во државата. Како резултат на морталитетот и иселувањето, годишно Делчево губи по околу 250 жители, и таа тенденција за жал продолжува со зголемен интензитет. Од година во година се намалува бројот на новородени деца, како и на децата во предшколска и школска возраст. Како резултат на тоа, најверојатно во наредните 10 години, една од основните школи ќе биде затворена, а иста судбина ги очекува и подрачните школи. Во минатото во една генерација имало повеќе деца, отколку што има денес во цело основно училиште или гимназија. Доколку продолжи таа негативна тенденција, на наредниот попис за 10 години Делчево ќе има околу 9 000 жители, а може и помалку. И најголем дел од тие жители ќе бидат пензионери, и луѓе на возраст од 40 до 65 години.
Доколку во времето на Југославија Делчево бил развиен индустриски град, во чија што индустрија работеле илјадници луѓе, денес фабриките, комбинатите се само бледа сенка на нивното славно минато. Индустријата во Делчево е во изумирање. Според некои информации, денес соодносот вработени и пензионери во Делчево е 60-40%, што е поразително. Лесната индустрија во Делчево, пред се текстилот е во изумирање. За најмалку 5 до 10 години, како резултат на тоа што голем дел од работничките ќе заминат во пензија, а нови работнички нема, оваа гранка ќе се најде на работ на исчезнување. Без соодветна владина помош и поддршка, автоматизација и роботизација, голем број компании ќе мораат да стават клуч на врата. Но текстилството е најголемата економска гранка во Делчево, која што има огромен импакт врз целата економија на регионот. Факт е дека како последица на епидемијата, оваа гранка работи на работ на оддржливоста. Но голем број на мали бизниси и објекти за трговија, како резултат на епидемијата, иселувањето и намалувањето на куповната моќ на населението ги затворија своите бизниси, а голем дел од оние кои што не ги затворија, тешко опстануваат.
Огромен импакт врз вкупната економија на Делчево и на регионот имаат дознаките од странство, од нашинците на печалба. Најголем импакт имаат приливите од возачите на камиони од регинот на Пијанец ширум Европа и САД. Повеќе од 400 наши сограѓани се возачи на камиони, и месечно во градот се влеваат повеќе од 400 000 евра само по тој основ. Според неофицијални информации, Делчево е трет град во Македонија по приливот на средства како резултат на дознаките од странство. Тоа е одличен успех, но проблемот е што тие средства се чуваат на банкарските сметки, наместо истите да се искористат за започнување на нови бизниси (по примерот на западна Македонија). Општинската администрација мора да најде начин, преку разни поволности, програми заедно со владата, да изнајдат начин како овие средства да се искористат за започнување на нови бизниси, поддршка на постојните, за да може градот да се развива, а не да стагнира.
Светла точка во последно време е отворањето на мали бизниси кои што работат за странските пазари, пред се во диспеч секторот (Европа и САД), вработувањето на голем број на возачи на камиони за европскиот пазар, како и трговијата (увоз од Кина), плус во секторот на дрвната индустрија. Овие сектори имаат одлични перспективи за раст и развој, и истите на своите вработени им даваат плати повисоки од македонскиот стандард. Општина Делчево треба и мора да најде начин да им помогне на овие мали бизниси, дали преку даночни олеснувања, или давање на општински објекти за канцеларии на истите по минимална цена. Ширум светот има успешни луѓе во сите сектори и гранки, кои што го сакаат својот роден крај. Во Општината треба да има вработен кој што ќе комуницира со тие луѓе, и да се најде начин како тие луѓе преку своето искуство, знаење, финансии да помогнат регионот да расте и да се развива, а не да стагнира. Добро би било општината да помага и во обуката на младите кои што се заинтересирани да работат во тој сектор или да отворат свој бизнис. Факт е дека во Делчево нема да дојдат крупни инвеститори и фабрики, бидејќи регионот веќе нема кадар за нив, плус лошата инфраструктурна поврзаност. Поради тоа целата енергија и помош треба да се насочи кон малите бизниси, кон овоштарството, сточарството, одгледувањето на пчели, како и кон туризмот. Евентуалното отворање на рудник за површински коп на јаглен како и изградба на термоцентрала, би имал голем удел и импакт за заживување на градот и зголемување на економската активност, но истиот би имал негативен ефект врз животната средина и врз овоштарството.
Делчево и регионот како погранично место не ги користат можностите кои што ги даваат разните ЕУ програми и фондови. Во последните неколку години општина Делчево нема земено голем ЕУ фонд, за разлика од соседните општини. Потребно е во рамките на општината да се создаде тим од млади но и од искусни вработени од општината, кои што ќе работат на пишување на разни ЕУ проекти, тим кој што ќе им помага на младите да ги користат можностите кои што ги нуди „Еразмус“ програмата на ЕУ, тим кој што ќе им помага на земјоделците, сточарите, малите бизниси во пишувањето и изработката на планови за ИПАРД фондовите од ЕУ, како и за другите ЕУ фондови. Општината мора да им помогне на земјоделците и сточарите да создадат кооперативи, и на тој начин да го зголемат и модернизираат производството. Факт е дека во последните години се намалуваат земјоделските површни кои што се обработуваат, како и сточниот фонд во регионот. Треба да се работи на создавање на нови производи и на нивно брендирање, за да можат истите да се продаваат и низ разните трговски синџири на маркети. Во секторот на овоштарството треба да се работи на изградба на ладилници за складирање, сушари за сушење, како и на преработувачки центри. Потребно е во овоштарството да се создаде препознатлив бренд под името Пијанец. Во моментот регионот пред се продава суровини по ниска цена, а не готови производи со додадена вредност кои што имаат повисока цена.
Делчево има огромен потенцијал во секторот туризам, но факт е дека туризмот во Делчево е на ниско ниво, и се работи за туризам од 20 век. Нема модерна понуда како и сместувачки капацитети кои што се во тек со времето, а и они капацитети нови кои што задоволуваат некои стандарди, не работат цела година. Потребно е да се најде начин по секоја цена да заживее планината Голак, да се обезбеди вода за истата, и да се изградат разни туристички капацитети на Голак, но и во градот. Регионот не ја користи можноста за привлекување на туристи не само од Македонија и од Бугарија, туку и од Турција, пред се од Измир и Истанбул, каде што живеат голем број на луѓе кои што потекнуваат или се на некој начин поврзани со регионот Пијанец. Делчево истовремено мора да фати приклучок со развојот на технологиите за да не биде прегазено од времето. Во Европа а и ширум светот во тренд се „Умните градови“. Делчево нема направено никакви чекори во тој сектор. Но без поддршка од државата, а пред се без квалитетна стратегија и план за работа нема да има ништо од тоа. Како некој што е роден и живеел во Делчево, и кој што го сака својот роден крај, јас сакам Делчево да биде модерно мало иновативно градче, со младешка енергија и детски џагор, градче со одлична инфраструктурна поврзаност, и градче кое што ќе биде зелено и чисто и кое што ќе им нуди на своите жители а пред се на младите современи услови за живот и за развој.
Пишува: Дарко Тодоровски
Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Изместена реалност во СДСМ. Дали ова е аргумент за добивање на глас на изборите во недела?
Стравот посилен од науката, како дезинформациите ги одвраќаат родителите од вакцинирање
На кого му пречи силно ДПД Делчево????