БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Единствена брана против катастрофалните ефекти на земјотресите се градежните инжинери

Во современието единствена одбрана против негативните ефекти на катастрофата наречена земјотрес се независни и добро платени градежни инжинери во сите фази на проектирање и изградба на градежни објекти.
Пренеси го гласот

Се друго е само бесцелно кукање, ситнодневни обиди за добивање на нечии симпатии, претставување како некакви хуманитарци и луѓе кои многу им е било жал за потенцијалните несакани жртви….

Грижата и очекувањата треба да бидат свртени кон инжинерската фела, за да нема после…. -“леле колку ми е жал…”

Само добро едуциран градежен инжинер може да спаси животи од ефектите на оечкуван земјотрес во едно нормално општество кое се грижи за своите граѓани.
Точно се дефинирани т.н. трусни подрачја на светската мапа со точно дефиниран интензитет и амплитуда на очекувани земјотреси.

Македонија е едно такво трусно подрачје каде е очекувано да се појави потенцијален земјотрес.
Македонија има (се уште) одлични градежни инжинери кои што би можеле да гарантираат изградба на асеизмички градежни објекти од високоградбата.

Но дали реалноста во Македонија во тој домен е сјајна?

Јас би рекол- далеку од сјајна….

Градежните инжинери во Македонија се едни од најпотценетите инжинерски профили во државата! Оваа констатација се базира на повеќе искуствени факти и аргументи:

-Немање на ефикасен систем за практикување на позитивни инжинерски трендови и решенија во градежната пракса во Македонија

Распадот на системските вредности на државата има свој удел во оваа дејност. Неспроведувањето на законската регулатива во пракса која го опфаќа процесот на производство на градежни објекти е јавна тајна во државата. Позитивниот тренд наметнат во изминатите 10-15 години во однос на проектирањето и ревизијата на техничката документација како и добивањето на одобрение за градење не значи дека граѓаните добиваат квалитетни градежни објекти. Квалитетот на изградба на еден градежен објект се дефинира врз основа на повеќе параметри од кои се доминантни квалитетот на материјалите и квалитет на изведба. Во овие два параметри кои се предмет на работа на градежните инжинери е содржана причината за катастрофални последици на еден земјотрес. А токму тука е проблемот кој што е присутен во Македонската градежна пракса. Во Македонија широко се распространети градежни објекти кои што немаат соодветна употребна дозвола или пак дозвола за вршење на соодветна стопанска дејност.

Така диви објекти се претворени во хотели, ресторани, сали за прослава, објекти за колективно (масовно) домување се со цел да се дојде до поголема заработувачка а притоа надлежните органи гласно молчат за целокупната ваква состојба која е од загрижувачки размери присутна во државата. Токму ваквите објекти кои што служат за висок профит од нивната дејност се дел од објектите со повисоко општествено значење и со самото тоа со повисок коефициент на сигурност при проектирањето.

Поради општиот хаос на спроведување на законите во државата, најмногу сива зона за изигрување и неспроведување на законите има во градежниот сектор. и сето тоа иницирано од умислата за незаконски и брз профит на сметка на квалитетот и безбедноста на еден градежен објект.

Егзактноста на градежното инжинерство претпоставува силно контролиран систем на правила и прописи кои се спроведуваат делумно во пракса поради што може да дојде до несакани катастрофални последици по животот на граѓаните во услови на земјотрес, поголема поплава, пожар или некоја друга поголема несреќа. Регулациски систем во Македонија од областа на градежништвото на хартија можеби постои, но во пракса истиот многу тешко се имплементира. Надзорот во изградбата на објектите е сведен на формалност а целиот товар на градењето е фокусиран кај изведувачот и неговата посветеност и добра волја. Процесот на изградба на градежни објекти е затворен и крајно нетранспарентен како за надлежните институции и органи, така и за граѓаните како потенцијални корисници на потоа изградениот простор. Ваквиот феудализам во оббласта на градежништвото во Македонија е на штета на поединци-корисници на услугите на градежниот сектор но и на цела држава.

Во Македонија во градежниот сектор циркулираат голем број на градежни компании кои вршат изведба на градежни објекти. Колку и дали има доволно квалитетен кадар во постојните градежни фирми низ државата кој што доследно и до крај ги имплементира стандардите на својот “занает”, не смее да биде прашање кое ќе го дефинира пазарот. Тоа треба да биде клучно прашање за постапување на надлежните органи на државата поради неповратните негативни ефекти на долг рок од штетните последици на неквалитетната изведба на градежните објекти.

Понатаму проблемот прогресира и со нелојалната конкуренција која што во услови на општа трка по профит доминира во градежниот сектор. На тој начин капацитетот на градежништвото на долг рок драстично опаѓа а граѓаните не го добиваат тоа што им следува по закон.

bregalnickimarketing

-Одливот на способни и високопрофесионални едуцирани кадри

Како и во сите сфери на општествено живеење во Македонија и во градежниот сектор е присутен своевиден егзодус на кадри. На таков начин градежништвото во Македонија е сведено на импровизација и “Господ да чува” психологија.

Неможноста на еден инжинерски кадар да егзистира од плодовите на својата работа во услови на општо безредие, сива економија и силна нелојална конкуренциа доведе во изминатите децении Македонија да избледне на мапата на држави чие што градежништво беше едно од понапредните општествени дејности. Можеби инаетот понесен од клупите во Градежниот факултет тук-таму оставил одредени светли точки во градежниот сектор во Македонија, но ситуацијата со расположиви одлични инжинерски кадри во дејноста е алармантна и пред клиничка смрт.

Убавината на градежното инжинерство е длабоко потисната од суровиот штетен општествен систем присутен во економските односи во државата, така што кај градежните инжинери останува само личното чувство на сатисфакција што се дел од една благородна професија која освен тежината на едукација не може да се исплати за еден нормален и стабилен живот во Македонија.

-Партизацијата на градежниот сектор

Како и се друго во Македонија свое штетно влијание во градежниот сектор има партизираноста на општеството, фирмите, луѓето кои се дел од него.

Партизацијата овозможува не секогаш најдобрите компании да ја добијат работата па тоа наоѓа своја рефлексија и во нелојалната конкуренција а потоа и неминовно во квалитетот на изведба на градежните објекти. Во огромна мера партизацијата а слетствено и останатите видови на протекционизам и непотизам во градежниот сектор се рак рана која е во терминална фаза да ја умртви целокупната градежна дејност.

Во Македонија институциите одговорни за контролата на квалитетот на изградба и функционалност на градежните објекти се најбрутално партизирани. Во вака партизираните институции влегуваат кадри кои што се со низок капацитет на професонализам а под ударот на политиката се прават компромиски кои што го сведуваат градежништвото на алатка за постигање на краткорочен политички бенефит.

Од централната власт како најодговорна, преку регионалните инспекциски служби, до единиците на локална самоуправа партизираниот државен апарат го девастира градежништвото на секој чекор низ Македонија. Дополнително во оваа сфера работите ги комплицираат и имотно правните односи кои силно се испреплетени со судско-обвинителската сфера. Па така во Македонија градежништво на високо ниво како општествена дејност е само пуста желба на неколкумина ентузијасти кои што се уште се надеваат дека еден ден ќе стане достојна професија за работа и за живеење.

Пишува: Кирчо Анастасов

Креирано од:


Пренеси го гласот