БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Фељтон во 4 дела: БАЛКАНСКИ ВОЈНИ (дел 1)

Пренеси го гласот

Овој термин Балкански војни се однесува на две војни, што се случиле во Југоисточна Европа во 1912 и 1913 година. Првата балканска војна започнала на 8 октомври 1912 година кога Бугарија, Грција, Црна Гора и Србија формирале балкански сојуз против Османлиската Империја. Војната завршила со потпишување на мировен договор во Лондон.

Втората балканска војна избила на 16 јуни 1913 година кога Бугарија, незадоволна од своите придобивки, ги нападнала своите поранешни сојузници, Србија и Грција. Војната завршила со потпишување на мировен договор во Букурешт.

Балканските војни во 1912 и во 1913 година претставуваат исход на национално-ослободителната борба што македонскиот народ ја води во втората половина на XIX и во почетокот на XX век. Илинденското востание од 1903 година претставуваше врв на таа борба.

Најголемите надежи на македонскиот народ биле свртени кон Бугарија. Егзархиската црква, а потоа Врховниот македонски комитет (ВМК), односно врховистите во текот на Илинденското востание успешно ја извршиле таа задача, па македонскиот народ најмногу верувал и очекувал од Софија. Поради тоа бугарската пропаганда наоѓала плодна почва и многу длабоко ја всадувала бугарштината кај македонскиот народ. Непосредно пред Балканските војни во свеста на Македонците главно била присутна бугарската доминација.

Со залагање и со помош на Русија, е создаден Балканскиот сојуз, во чиишто рамки балканските земји дефинитивно го ослободуваат Балканот од многувековното турско владеење и практично ја протеруваат Османлиската Империја од европскиот континент, со исклучок на мал дел од Источна Тракија и Истанбул на Босфорот. Во 1912 година Албанија, со меѓународно неутврдени граници и од никого непризната, прогласува своја независност.

Основата на Балканскиот сојуз ја чинела српско-бугарската спогодба, а во преговорите што започнале кон крајот на септември 1911 година многу активно учествувале руските пратеници во Белград и во Софија, Хартвиг и Некљудов. Двете земји уживале голема поткрепа од страна на Русија. На 13 март 1912 година е потпишан Договорот за пријателство и сојуз меѓу Србија и Бугарија, придружен со таен додаток и со воена конвенција што е потпишана на 2 јуни истата година како интегрални делови на Договорот. Покрај тоа истиот ден се потпишани и две спогодби на главните генералштабови.

Со овој договор, поточно воена конвенција од 2 јуни 1912 година, било предвидено во случај на офанзивна војна против Турција, Србија и Бугарија, да удрат на противникот со 150, односно 200.000 војници, од кои најмалку 100.000 ќе упатат на Вардарското боиште.

Со воената конвенција, било предвидено Србија и Бугарија во случај на офанзивна војна против Турција, да дејствуваат со доволно сили: Бугарија со војска што не може да биде помала од 200.000, а Србија со најмалку од 150.000 војници. Со четвртиот член на воената конвенција двете страни се обврзале, доколку по претходна спогодба ја нападнат Турција, од својата војска да одвојат најмалку 100.000 луѓе и да ги упатат на Вардарското боиште, ако поинаку не биде утврдено со специјален договор. Во случај Австро-Унгарија да ја нападне Србија, Бугарија се обврзувала да ѝ помогне на Србија со најмалку 200.000 војници. Ако Романија или Турција ја нападнат Бугарија, Србија се обврзала дека ќе ѝ помогне со најмалку 100.000 војници. Ако Турција ја нападне Србија, Бугарија би упатила најмалку 100.000 војници на Вардарското боиште, а ако ја нападне Романија, Бугарија ќе ѝ даде помош на Србија. Ако и Србија и Бугарија ја нападнат Турција, двете биле должни да упатат по 100.000 војници на Вардарското боиште, но, ако ја нападне само една без претходен договор, другата била обврзана само на пријателска неутралност.

Врз основа на воената конвенција, истиот ден, т.е. на 2 јуни 1912 година била потпишана Спогодбата за воените планови, правците на дејствувањето и операциите против Турција. Поради некои несогласувања во оценката на значењето на Вардарското и на Маричкото боиште во септември 1912 година била потпишана спогодба со која биле намалени обврските на бугарската војска кон Вардарското боиште.

bregalnickimarketing

Бугарско-грчките преговори започнале, исто така, во 1911 година и биле набрзо прекинати поради спорот околу поделбата на Македонија. На иницијатива на грчката влада преговорите биле обновени во март, а договорот бил склучен во мај 1912 година. Тој бил одбранбен сојуз за меѓусебни помагања и заеднички настапувања спрема Турција и големите сили. Покрај договорот Грција и Бугарија потпишале и декларација со која се предвидувала неутралност на Бугарија спрема Грција ако таа, поради Крит, се најде во воена состојба со Турција. Воената конвенција што ја потпишале истата година предвидувала заедничко ангажирање на воени сили на Вардарското и на Маричкото боиште: Бугарија да ангажира најмалку 300.000, а Грција најмалку 120.000 војници. Грчката флота имала задача да го спречи сообраќајот во Егејското Море меѓу Мала Азија и европскиот дел на Турција.

Бугарската војска била претежно насочена кон Маричкото војувалиште, односно во Тракија. Царот Фердинанд жестоко се спротивставувал да го потпише членот 2 од Договорот, односно членот 3 од Воената конвенција што биле насочени против Австро-Унгарија, но под притисок на руската влада и од кабинетот на Иван Гешов, царот го потпишал Договорот. Два месеца по потпишувањето на Договорот, при своите посети на Берлин и на Виена, Фердинанд ја застапувал тезата дека Бугарија не може да се откаже од своите претензии за обединување со Македонија и со Тракија, но дека, во последен момент, откако ќе биде создадена голема Бугарија ќе се пресмета со Србија и ќе му пристапи на Балканскиот сојуз.

Бугарската влада во време на интензивната пропаганда и подготовките на Балканската војна максимално ги користела условите за потпишување на српско-бугарската спогодба, особено договорот со кој Бугарија се откажала од решенијата на прелиминарниот Санстефански договор и алтернативата дека на Македонија ќе ѝ се даде автономија. Тоа било решавачко за македонската емиграција, интелигенцијата и речиси сето население, да се определи во Балканската војна да учествува на страната на Бугарија.
(Продолжува)

Извори:
1. „THE BALKAN WARS“. US Library of Congress. 2007. конс. 2008-04-15

Креирано од:


Пренеси го гласот