Во изминатите неколку денови нашиот портал доби кредибилни информации од извори на Брегалнички Портал кои сакаат да останат анонимни а кои зборуваат дека службеници од Управата за финансиска полиција од Скопје ги посетиле службените простории на ЈКП “Брегалница” Делчево при што вршеле увид на поголем фонд на службена документација на претпријатието која се однесува на различни сегменти на неговата работа. Во присуство на Директорот на претпријатието Стојче Стојковски биле направени копии и документација била преземена за понатамошна анализа.
Со оглед дека во изминатиот период ЈКП “Брегалница” Делчево се соочува со забележителни и алармантни проблеми во своето работење што се манифестираат преку редица на информации за кои што како портал ја известуваме во континуитет јавноста во Делчево, а имајки ја во предвид високиот степен на значење на јавна дејност на ова комунално претпријатие што се рефлектира во животот на сите граѓани на Делчево, со повеќе прашања упатени кон Управата за финансиска полиција се обидовме да дојдеме до одговор за тоа за каков тип на документација станува збор, што била контролирана и била земена за понатамошно анализирање.
Од Управата добивме повратен одговор на нашите прашања во кој што стои дека:
“Управата за финансиска полиција превзема мерки и активности кои се однесуваат на утврдување на сомненија за сторени кривични дела во нејзина надлежност, согласно член 12 од Законот за финансиска полиција.
Управата за финансиска полиција согласно Законот за финансиска полиција и Законот за кривична постапка, за добиените пријави и сознанија со соодветен писмен поднесок го известува надлежниот јавен обвинител, од каде се добиваат насоки за понатамошно постапување за утврдување на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на одговорни лица во правните субјекти,”
-стои во одговор на нашето Барање за информации кои што се од интерес на граѓаните.
Притоа од Управата за Финансиска полиција нагласуваат дека треба да го имаме во предвид и членот 289 од Законот за кривична постапка, согласно кој сите дејствија преземени во предистражната постапка, се сметаат за тајна, а за добиените пријави и сознанија на евентуално сторени инкриминирани дејствија од страна на физички и правни лица, се известуваат надлежните јавни обвинителства во Република Северна Македонија, и се известува јавноста преку официјални соопштенија до медиумите.
Во текот на вчерашниот ден МВР информираше дека подесе кривична пријава против Градоначалникот на општина Делчево во врска со член 353 од Казнениот законик што се однесува на злоупотреба на службена положба и овластувања.


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Кампања „16 дена активизам против родово базирано и семејно насилство“ – промоција на книгата „Азбука на семејното насилство“ во Кочани
Активности од кампањата „16 дена активизам против родово базирано и семејно насилство“ во Кочани
Пронајдени над 4300 парчиња пиротехнички средства во Штип, лишено од слобода едно лице, следува пријава