(инспириран од критиките на оние што завзеле цврст став врз троседот пред ТВ екранот кон луѓето кои побараа амнестија)
За храброста и за личноста, наместо психијатриски анализи, ќе ви понудам две животни приказни.
Едната се случува во Катманду, Непал, во 1985 година, за време нашата извидничка мисија пред искачувањето на Мт. Еверест.
Со Анг Замбу Шерпа, разговараме за неговото искуство во искачувањето на Мт. Еверест. Ми раскажува за искачувањето со двајца Германци, алпски водичи. Ги фатило невреме, враќањето било екстремно напорно и после 17 часа напор, на 30 минути од логорот, тие двајцата рекле дека не можат повеќе и дека ќе преноќат на отворено. Анг Замбу им рекол дека ќе замрзнат. Тој продолжил, тие останале и утредента биле мртви.
Јас му викам: „…Зарем не можеле да продолжат уште САМО 30 минути?“
Анг Замбу, покажувајќи кон хималајските врвови ми вика:
„…Еј, Док, Док, додека седиме под ова сонце, на оваа зелена трева и пиеме Кока Кола, со погледот за час сме до врвот на планината и долу. Но таму, таму горе, сè е различно“.
Точно, само поединецот знае, како му е нему, таму горе над 8000 метри, или во неговиот живот, во неговата ситуација. И само тој знае дали е храброст да зборува или да молчи, и само тој знае која е цена што ја плаќа, било на молчењето, било на зборувањето.
Втората приказна е од времето кога бев гимназијалец.
Кај вујко ми, поетот Венко Марковски, во куќата во Банки покрај Софија, дојде една мајка. Нејзиниот син растел во домот на вујко ми, кој му бил интелектуален и духовен татко. Но, „синот“ се свртел против духовниот татко како сведок на судењето после кое Венко Марковски беше испратен 5 години на Голи Оток за напишана поема („Современи парадокси“), во која го критикува не само системот туку и Тито.
Мајката беше дојдена да го моли вујко ми да му прости на нејзиниот син, во основа за предавството или за татко убиството како што јас размислував. Тројцата седевме во дневната соба. Вујко ми, без колебање и без подолго размислување и рече да му пренесе дека му простува. Јас бев буквално шокиран.
Тогаш светот го доживував во црно бела боја. Црните требаше да бидат јавно обесени на плоштад, а не да им се простува.
Кога си отиде мајката го прашав вујко ми: „…Вујче Вени, како можеш да му простиш?“
Тој ми одговори: „Горазде, има луѓе кои можат да издржат притисок, има луѓе кои не можат, има луѓе кои издржуваат ќотек, има кои не издржуваат, има луѓе кои не подлегнуваат на уцена, има кои подлегнуваат. Но нивното однесување во такви ситуации, под специфични околности, не треба да го бркаш со другите квалитети на нивната личност.“
Ако тој му прости, кој бев јас да го осудувам? Така почнав да размислувам за луѓето и да ги прифаќам заради позитивното во нив.
Денес можам да кажам дека никој никогаш не ме купил и никој никогаш не успеал да ме уцени, но не затоа што мислам за себе дека сум храбар, туку (можеби) затоа што никој никогаш не успеал да најде или да ми понуди нешто толку вредно или толку застрашувачко, како замена за моето чувство на достоинство.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Организираниот енергетски пазар во подем: Министерката Божиновска во посета на МЕМО
Николоски: Во 2025 г Македонија ќе биде прва по економски раст во регионот
Средба Тошковски- Памер: Македонија и Австрија имаат многу заеднички точки за соработка на поле на безбедноста