По меѓусебните прозивиања помеѓу Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ ОК Пробиштип и Градоначалникот на Пробиштип Драган Анастасов Ладич за кои што пишувавме претходно, денеска попладнево повторно во јавноста се огласи Градоначалникот со предупредување за тужба кон опозицијата доколку не го објават демантот на Градоначалникот на нивната фејсбук страна.
Во продолжение во целост го пренесуваме известувањето на Градоначалникот Анастасов:
“Почитувани сограѓани,
бидејќи поминаа повеќе од 24 часа од моето барање за извинување и објава на мојот демант за неоснованите обвинувања од страна на огранокот на ВМРО ДПМНЕ од Пробиштип, а тие сеуште ниту се извинија, ниту го реобјавија демантот во целост со официјалната потврда издадена од Управата за заштита на културното наследство, Ве информирам дека ќе поднесам тужба за навреда и клевета.
Средствата кои ќе ги побарам во тужбата ќе бидат во висина на клеветата , односно 350.000 денари и ќе бидат донирани во хуманитарни цели.
Во продолжение го реобјавувам вчерашното барање со потврдата од Управата за заштита на културното наследство:
„Почитувани сограѓани,
Во недостиг на теми и аргументи за мое лично дискредитирање, општискиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Пробиштип, следејќи ја праксата на нивната централа за фабрикување и ширење на лажни вести, во текот на вчерашниот ден, грубо го злоуптреби моето име со обвинување за реализација на две трансакции од 300.000 денари и 50.000 денари од Управата за заштита на културното наследство, при Министерството за култура, кои наводно се исплатени на мое име и на моја трансакциска сметка.
Јас, Драган Анастасов, Ваш градоначалник, пред Вас мои сограѓани, тврдам дека не постои никаква трансакција, ниту на мое име, ниту на име на мој близок роднина или соработник која е реализирана од Управата за заштита на културното наследство.
Доаѓа период во кој очигледно е дека нема да се бираат средства и постапки од страна на ВМРО ДПМНЕ за дискредитација на своите политички противници, со цел нивна политичка девалвација.
Оваа пракса веднаш мора на да биде прекината. Ова однесување мора под итно да престане. Јас се борам и ќе се борам за јавност и транспарентност, отчетност и принципиелност.
Начинот на кој сакаат моите политички опоненти да ја водат локалната политика е целосно неприфатлив и спротивен на сите политички морални и етички норми.
Поради тоа, а со цел навремено да спречам целосно дезинформирање на јавноста, барам од општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Пробиштип, во рок од 12 часа, јавно, на истата фан страна на социјалните мрежи да го објави овој мој демант на нивната несреќна лажна вест и да ми се извини мене и на моите сограѓани за овие груби манипулации.
Во спротивно ќе поднесам соодветна тужба против општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Пробиштип и против одговорните лица во тој огранок за ширење на лажни вести и клевета и навреда на угледот и честа на мене како личност, а воедно и на иституцијата градоначалник која ја претставувам.“

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
60 годишник од Свети Николе заработи кривична пријава поради вршење јавен превоз без лиценца
Штипјанец заврши во притвор затоа што безобзирно управувал моторно возило
Градоначалник на Лозово гонет кривично за исплата на невистинито прикажани количини на бекатон во градежна книга