БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Интервју со Драган Ковачки- кандидат за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија (ПРВ ДЕЛ)

Пренеси го гласот

Полковник Драган Ковачки кој на јавноста и’ е познат како врвен професионалец од областа на безбедноста, човек со исклучително богата кариера во службата каде што работел и е кандидат за пратеник од третата изборна единица од ВМРО-ДПМНЕ за претстојните парламентарни избори, го запознаваме во едно поинакво светло преку неговиот приватен живот.

*Брегалнички.мк: – Поради работата живеете во Скопје заедно со семејството, но родени сте и израснати во Делчево. Како Драган Ковачки се чувствува, повеќе како Делчевец или Скопјанец?

**Драган Ковачки: – Најнапред благодарам за поканата, Ви благодарам што најдовте време да го посетите овој живописен источно- Македонски крај.

-Јас сум роден во Делчево, до својата 18-та година практично израснав тука во Делчево, моето детство го поминав во Делчево. Дел од детството поминав и во Македонска Каменица каде што живееја моите покојни баба и дедо. Инаку потеклото ми е од Малешевијата од селото Митрашинци, па татко ми од таму се сели во село Тработивиште, па во Делчево.

-На 18 години јас заминувам на Воената Академија во Скопје и практично од тогаш веќе сум во служба на Армијата на Република Македонија, во служба на народот и секаде каде штом имаше потреба имам одговорено соодветно и професионално.

Моите родители живеат тука во Делчево а јас со своето семејство живеам во Скопје. Женет сум и татко сум на две деца од кои што едноте веќе е полнолетно.

-Старите велат: Каде ви е срцето- таму ви е и домот. Мојот дом е со моето семејство.


*Брегалнички.мк: – Поголем дел од својата стручна и професионална надградба како професионалец сте го поминале во странство. Колку темелните вредности на тие странски западни системи се компатибилни со Балканските и Македонските? Има ли простор за споделување на исти вредности кои се од стратешки интерес за унапредување на целокупната Македонската демократија и политички систем?

**Драган Ковачки: – Дел од својата професионална кариера, посебно делот на усовршувањето го имам поминато во странски држави претежно во западниот свет во членки на ЕУ и НАТО. Одговорот на ова прашање би бил дека ние мораме да ги имплементираме тие вредности ако сакаме да одиме кон тој свет. Ние таму сме тргнале и таму мораме да стигнеме. Се работи за вредности кои што го тангираат најобичниот граѓанин. Тука пред се би кажал дека станува збор за солидарноста, за трпението, толерантноста едни кон други. Ние во нашето општество (ова нека не звучи напад) меѓутоа мислам дека премногу сме нетрпеливи еден кон друг, премногу сме завидливи еден кон друг. Мислам дека толеранцијата не ни’ е на соодветно ниво. Мнозинството не го толерира малцинството и тука не мислам само на етничкото туку мислам на сите видови малцинства кои што постојат, па дури и политички малцинства. Ние мораме да најдеме начин кај што ќе покажеме дека сме созреани, дека го заслужуваме тоа ниво. И тоа треба да го покажеме пред се на терен, помеѓу нашите граѓани, не пред нашите странски партнери. Нашите граѓани мораат да увидат дека ние сме поразлични. Дека ние не сме исти, како досега, дека нешто се сменило. Во спротивно ако не покажеме дека нешто се сменило, јас би го довел во прашање и самото постоење на нас како држава.

Ние триесет години сме во одредена транзиција која што го уништи нашето општество. Ние мора да најдеме начин како да излеземе од оваа ситуација. А тоа може да се најде само на овој начин кој што го кажав: Да бидеме потолерантни, еден кон друг да се однесуваме со одговорност.

И тука во тој контекст се надоврзани сите делови на владеење на правото, еднаквоста на граѓаните пред законите итн. Тоа се веќе политички теми во кои што треба да навлеземе, кои што за жал не се доволно адресирани во нашата јавност, односно не наоѓаме сила да ги надминеме.

*Брегалнички.мк: – Има ли надеж и перспектива Македонскиот граѓанин во Република Македонија после сите понижувања да се исправи конечно рамо до рамо- рамноправен како еден Американец, Французин, Германец, Британец… на светско и европско ниво?

**Драган Ковачки: – Има начин, има и можности. Тој начин е само преку обединување. Доколку ние Македонците по род не се обединиме и не покажеме дека сме подготвени да застанеме за сопствената држава, за сопствениот народ, се плашам дека не само што нема да ги достигнеме тие висини, да кажам кои што ги имаат жителите на останатите западно-европски држави, туку напротив, се плашам дека во прашање ќе си ја доведемe и државноста на Република Македонија.

-Обединувањето е клучниот збор. Ние мора да покажеме дека сме толерантни еден кон друг и мора да покажеме дека сме созреани. Ние триесет години се мачиме со истите проблеми. Доколку не се обединиме се плашам дека во прашање ќе ни’ биде доведена и државата.

Македонија е во срцето на Балканот. Ние се наоѓаме на една геополитичка крстосница. Тука од времето се сечеле разни интереси, различни култури и тие култури оставиле свој белег на нашиот народ. За да ги достигнеме тие вредности на западниот систем ние мораме пред се да вложиме во образованието, оти образованието не е само знаење за нашиот народ туку тоа е и воспитување. Мислам дека се почнува од воспитувањето на нашиот млад кадар.


*Брегалнички.мк: – Човек од Ваш професионален калибар кој има постигнато многу за себе, веројатно поминал низ многу премрежја но и убави моменти досега во животот. Кои се тие моменти/настани/ситуации кои Вас ве дефинираат како личност? Кои се луѓето кои што оставиле траен белег, од кои имате научено нешто што претставува дел од вашата животна филозофија и пракса?

**Драган Ковачки: – Пред се би рекол дека семејството е првиот момент кој ве дефинира како личност. Понатаму би рекол основното и средното образование во родниот крај. За да на крај добијам едно сосема ново животно искуство во војската односно во АРМ.

И веднаш потоа тука морам да се надоврзам на воените дејства односно на несреќниот воен конфликт од 2001 година. Тука веќе добивате други перспективи за вашиот живот. Добивате одговорност, многу побрзо созревате и сваќате дека во еден момент се што имате може да го изгубите. Во тие моменти најважни ви се другарите околу вас, затоа што од нив зависите. И тие зависат од вас.

Велат дека војната го дефинира човекот и таа од него го вади најдоброто и најлошото. Ние треба да се фoкусираме на најдобрите работи што се произлезени од нас. Секој човек има и лоши работи има и добри работи во него. Секогаш треба да се фокусираме на добрите работи.

Само така може да ни оди државата и општеството напред.

*Брегалнички.мк: – Можете ли да пренесете ваши сеќавања од Вашата младост, случувања и луѓе кои што биле или се уште се дел од вашиот приватен живот? Има ли време Полковник Ковачки за свој приватен живот?.

**Драган Ковачки: – Секако сменет е начинот на живот дефинитивно. Порано кога бевме помлади во тинејџерски години, ете во тоа време немаше многу кафулиња како денес. Тогаш имавме една дискотека и таму сите се собиравме. Цел град одеше во неа. Имавме 2-3 кафулиња: “Амадеус”, “Петсто кец” и подоцна се отвори “Џинкс” во Милково Брдо. Исто така би го споменал “Бонд”. Тие веќе практично сега не постојат.

Тука се собиравме, целата младина од Делчево и околните села се собираше на тие места. Тука практично растевме, тука созревавме.

Кога ќе се исцрпеа сите можности во Делчево, ние ги посетувавме и кафулињата во соседните градови. Се сеќавам доста често го посетувавме градот Берово. Таму имаше една дискотека Калипсо. Па и во меани сме оделе, “МИС СТОН” итн.

Се трудам да наоѓам време за приватниот живот. Се трудам секогаш кога можам да не ја спојувам професијата со семејството, да ги држам на паралелни линии, меѓутоа мислам дека тоа е невозможно. Колку и да се трудите тоа знаете некако си го пронаоѓа патот и доаѓаме до една симбиотичка врска, каде што и семејството е вклучено во делот на вашиот развој и помага.

Оти знаете без стабилно семејство, без поддршка од домашните тешко дека ќе успеете и на професионален план.

Од музика предежно слушав хеви метал, со таа музика израснав и ден денеска сакам да слушнам добра музика од тој жанр, кога сум сам претежно во возило кога возам претежно таква музика слушам. Затоа што моите деца се друга генерација, слушаат друг вид на музика, нешто што пак мене не ми е приемчиво за уво.

*Брегалнички.мк: – Кога веќе ги споменавте вашите деца дали можеби и тие сакаат да тргнат по вашите стапки да бидат дел од АРМ или пак некој од вашите блиски роднини и пријатели, дали ве прашуваат за совет како е да се биде дел од АРМ, што ги советувате најчесто?

**Драган Ковачки: – Моите деца не би се вклучиле во АРМ, си имаат други патеки на животот и јас ќе ги поддржувам на тие патеки. Меѓутоа имам пријатели, имам роднини кои што често се јавуваат и прашуваат за искуства како е да се биде припадник на армијата, дали би било добро да го запишаат своето дете на воено образование, дали да го пратат како професионален војник во армијата. Тие родители, тие пријатели што ме прашуваат, јас се трудам да бидам максимално искрен, не сакам да ги лажам луѓето, им ја кажувам вистината дека пред нивните деца нема да претстои само физички туку ќе претстои и психички предизвик. Знаете тоа е една сосема нова средина. Меѓутоа би рекол средина што го дефинира човекот.

*Брегалнички.мк: – Која е професијата со која би се занимавале доколку не бевте воено лице? Со што би се занимавале?

**Драган Ковачки: – Па можеби би бил правник. Би се обидел да бидам правник, некој адвокат, можеби потоа судија итн. Меѓутоа кога повторно би бирал, јас повторно би ја одбрал воената професија.

-Не се каам воопшто за ниеден дел од животот поминат во Армијата на Република Македонија. Јас се уште припаѓам таму со тие луѓе.

Продолжува….

Пореди обемноста на материјалот интервјуто со Полковник Драган Ковачки го продолжуваме утре (петок 26.06.2020 година) во пладневниот термин од 16.30 часот.

Во продолжението од интервјуто Полковник Ковачки зборува за своето искуство во меѓународните мисии, како е да се биде Македонски волк, дали е позитивно или негативно политичкото влијание во армискиот живот, кои се неговите мотиви да се вклучи во политиката како кандидат за пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Обнова на Македонија итн.

Следете не!

Креирано од:


Пренеси го гласот