Се наближува денот за формирање на техничката влада која ќе раководи со земјата до одржувањето на парламентарните избори на 12-ти Април. Немилосрдно и истекува времето на оваа одродена и неспособна власт, која потпомогната од разно-разни домашни и странски квислингзи ја урниса оваа мала напатена држава која пред нив беше поставена на релативно стабилни темели и полека, но сигурно, чекореше напред. Заминува оваа власт заедно со нејзините ,,железни опинци,, кои ги испокинаа слугувајќи им на туѓите интереси, а со цел тотално да се разнебити и да го снема чуството на гордост и чест да се биде припадник на македонската нација. Да се биде Македонец, патриот, кој со крената глава се гордее со минатото и сегашноста и со нетрпение ги очекува следните победи и порази низ историјата беше врежано во кодот на најголемиот дел од нас граѓаните на Република Македонија. За жал, после овој ураган кој не владееше изминативе години, многумина уште долго од срам ќе одат со искривена кичма и свиткана опашка. Запаметете ми го зборот, и оние што ме поддржувате во ова што го пишувам, но и оние што сега ми се смеете и си правите мајтап на моја сметка! После 12-ти Април ќе се пее друга песна во Република Македонија.
Но, ова што го напишав како вовед нема никаква врска со насловот на колумната, оти за тоа што го направија со ,,продажбата,, на името и идентитетот, не е неопходно нешто посебно да ве бива. За тоа е доволно да се има или нема нешто друго во главата, срцето или кај некои единки во џебот, и таквиот вид на ,,успех,, на меѓународен план без проблем ќе дојде. Идејата за колумната ми беше сосема друга. Овие неколку години откако владее хунтата, на сите со кои сум разговарал на тема политика, секогаш им истакнував дека оваа одродена власт нема да падне поради предавството и вазалскиот однос кој го има, туку ќе падне затоа што за ништо не ги бива, од економија, преку урбанизам и градежништво, па се до спорт и култура. Овој трпелив и мирен народ докажа дека е разумен и не дозволува да биде вовлечен во туѓите игри за на крајот тој да плаќа за нивните грешки. Овде секако мора да се напомене и стравот и уцените со кои беспрекорно се служат цело време за да опстојат на власт. Оттука, сосема е разбирлива апатијата која го има зафатено секој обичен човек, кој гледајќи дека со вакви властодршци неможе да се излезе на крај, одлучи мудро да молчи и да ја чека својата шанса на избори толку силно да ги казни, што со месеци нема да може да им текне кои се и што се. Да сме живи и здрави за брзо ќе се увериме!
Ќе ве казни народот за се што ги излажавте, а им ветивте дека ќе исполните кога ќе бидете на власт. Додуша ја укинавте РДТ од 180 денари, ама за возврат на нас во Скопје од последната сметка ни воведовте 230 денари за одржување на паркови во кои зеленилото ова лето толку се исуши што веќе тешко дека ќе може да се опорави. На економски план вистинско цунами. Стопанските комори објавија дека ова е најлошата година за водење на бизнис од осамостојувањето на државата, со прогресивниот данок ја утнавте скроз и се избрукавте максимално, а кога само ќе се сетам колку самоуверено го воведовте. Ова со скенирање на фискалните и поврат на ДДВ толку им ги наполни џебовите на луѓево што еве тргнаа по предновогодишни одмори и прослави за да си ги испразнат. Дополнително го пониживте овој и онака понижен народ да собрира фискални кај ќе стигне, да може да дојде до некој денар плус за да преживее, додека истовремено вашите подржувачи кои си ги вработивте низ администрацијата се мезат со лешници, бадеми, индиски и бразилски оревчиња, а на крајот од годината за тешката мака ги наградувате со по 30-40 илјади евра, веројатно поради ризикот да не се задават при јадењето или евентуално да не им припадне од големата калоричност на апетисаните. За странските инвестиции нема што да се каже од проста причина што воопшто и ги нема. Го гледам Влатко Ѓорчев на неколку емисии ги прашува претставниците од хунтата да му набројат 1(една) странска инвестиција со 1000 вработени и сите, почнувајќи од онаа несреќна министерка за странски инвестиции на која новинар и беше крив за поставеното прашање, па се до министерката за финансии, само вртат со очите, се препотуваат, зборуваат за се и сешто, ама никако да им текне на одговорот за инвестицијата. Паметен си е Анѓушев, виде колку е часот и на време почна да си ги пакува куферите и да бега од бродот што забрзано тоне. Сидрото на Заев толку немилосрдно го влече тој брод надолу со себе затоа што сите до еден што сте качени на него за економија ама ич не ве бива.
Деновиве многу актуелен со своите настапи беше и Шилегов кој е најнеспособниот градоначалник во Скопје на сите времиња. Неговата несреќа да биде уште поголема, тој на ова место дојде после досега најуспешниот Коце Трајановски. Го слушам сиромашкиот како дрско се обидува да се прикаже како многу успешен, притоа бесрамно прашувајќи се:
-Дали некој градоначалник пред него воопшто нешто работел?
Во Скопје почитувани ама баш ништо не се прави, настрана и загаденоста на воздухот, кој патем ветија дека штом ќе дојдат, веднаш ќе го прочистат. Нема ништо од тоа што се најавуваше. Каде е трамвајот што требаше да биде почнат да се гради, каде е Универзалната сала, мостот кој ќе го проврзе Аеродром со Гази Баба, тунелот под Кале, булеварот Никола Карев на ,,Пластичарска,, што е со новите автобуси, продолжението на жичарата кон Водно итн, итн…. Само ЌЕ, ЌЕ, ЌЕ… Дрвјата и парковите се исушија, ѓубрето по контењерите си стои, улиците не се мијат како што беше ветено. Единствениот можен заклучок е, не ве бива, ни за водење на град и општина, затоа што слична ваква слика имаме и во секоја општина низ државата, секако со чесни исклучоци. За ,,успесите,, на градоначалникот во општината Аеродром во која живеам, ако почнам да ви пишувам ќе ми прегори компјутеро. До толку многу не го бива човекот што незнам од кај да почнам. Само ќе кажам дека во оваа финансиски моќна општина која ја наследи без никакви долгови, за повеќе од две години на власт, овој градоначалник не е во состојаба ниту тековното одржување на објектите и опремата кои му беа оставени од претходно да го врши редовно, камо ли да се изгради нешто ново. Е признавам, шахтите со сонцето од Кутлеш ги избрусија комплетно, дури и оние под контењерите што се наоѓаат, а Грците и да сакаа, од ѓубрето покрај нив, немаше да можат да ги најдат и видат, па да ни се налутат. Да молиме Господ само Дино Мерлин да не ни се угуши од маглата за Нова Година, оти кој ќе ги правда тогаш 100.000 Евра што му се исплатени. Ќе треба тогаш пак да маршираат вашите шарени другарчиња и да пеат за правда и мир во земјата и светот, додека во исто време за болните дечиња пак ќе се собираат телефонски донации. Ниски удари, а? Е тоа е, се користам со вашиот стил, со стилот кој го воведовте само за да дојдете на власт. Се разоткривте сами дека не ви беше гајле ниту тогаш, а и сега, ниту за загадувањето, ниту за болните дечиња, ниту за потрошените пари, туку само да се дограбите до власта и привилегиите кои ги добивте.
И во општина Берово од каде што потекнувам не е ништо поубаво, а од сработено може да се види само ,,шминка,, ништо конкретно, ништо капитално и за паметење. Преасфалтирање или асфалтирање на маалска уличка каде што жителите чесно пред многу години си платиле комуналии, не е нешто за фалење, тоа е обична тековна активност. Исто така ни прередување на павер плочи, фарбање огради или клупи, прекопување на паркови, полевање на цвеќенца, не е нешто многу за фалење. Капитален проект е потребен, за да имаат жителите фајде, а градоначалникот и власта со што да се пофалат. Такви проекти имаше со претходната власт (спортска сала, атмосферска канализација, кеј, кружен тек и реконструкција на главната улица, обезбедени средства за градски пазар итн.), а сега се е само една шарена лага и маска за пред жителите. Не ве бива луѓенца! Единствено, мора да се признае, дека во вработување по јавната администрација на роднини, пријатели, сопартијци и деца од едни исти ,,сиромашни,, фамилии сте шампиони, рамни ви нема. Тажно е само за сите оние што ве подржуваа и гласаа, а огромен дел од нив неможат ниту леб да си купат и сметките да си ги платат, ама на вас тоа секако не ви е гајле. Битно е приказна да направите и песни да им испеете на граѓаните за вашите успеси и достигнувања. И да, ќе заборавев. Одблокираната сметка на општината поради стар долг, сега во време на актуелниот градоначалник, кој за истиот воопшто не е виновен, но го направиле претходни градоначалници на Берово од СДС, и тој долг не го плаќале со децении, не е воопшто за фалење, туку за срамење.
Но, да се вратиме повторно на државно ниво! Во градежништвото, слушам кажуваат од нивната комора само загуби, стојат работите во место, нити проектната документација не сте способни со месеци да ја разгледате. Во образованието и здравството, скандали секој ден: со учебници, со директори, наставници, лекари, новоформирани скапо платени услужни компании. Правосудниот систем е одамна колабиран, што и да кажувам или објаснувам ќе испаднам смешен. Единствено што е вредно да се одбележи е дека во целост е ставен во служба на хунтата, а со цел застрашување и вршење на притисок врз секој кој мисли поинаку. Безбедноста на граѓаниите е сведена на најниско ниво и тоа во секој поглед. Во моментов додека пишувам гледам на ТВ за три девојчиња прегазени на улица во Чаир. Секој ден некаде има пукање, трки се организираат по улиците, тепачки по државни институции и на никој влакно не му фали од косата. Тоа е нашето реално секојдневие, колку и овие што за ништо не ги бива да пробуваат да го направат розов овој свет во кој живееме тука во Република Македонија.
Во културата видовме, шверцерски банди со ваш амин ги запоседнуваат културните институции, а спортистите мака мачат да ги покријат и најосновните трошоци за своите успешни настапи. Затоа пак бадмингтонот и пинг понгот ни цветаат, успеси на сите страни, ама такви за кои никој не чул, дури и оној кој им ги доделил средствата. Реномирани стогодишни клубови како ФК Малеш од Берово ни згаснуваат, иако беше ветено дека спортот во време на сдс-овската власт ќе цвета. Младите никогаш толку многу не ни се иселувале, иако беа ветувани разни поволности за нив, за земјоделците, сточарите, овоштарите и сл.
Биваше ли бе, до толку многу да не ве бива за ништо? Мора да се стави крај! За среќа часовникот немилосрдно отчукува и забрзано доаѓа денот за вистински промени, за вистинска обнова на Македонија. Да го испратиме ова невидено зло во историјата и тоа во онаа најцрната за која ќе учат следните генерации како не треба да се однесува власта со своите граѓани и својата татковина. Да не се залажуваме, тоа ќе биде можно само со убедлива победа на следните избори на ВМРО-ДПМНЕ предводена од следниот премиер на Република Македонија, Христијан Мицкоски.
Пишува: Кирил Ковчегарски,
Адвокат и член во Комисијата за правни работи, политички систем и антикорупција при ВМРО-ДПМНЕ
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Силен финансиски импут за локалните самоуправи како никогаш до сега! Дали ЕЛС имаат капацитет со овие пари да обезбедат соодветен одржлив развој на локалните заедници?
Канцерот во Македонското мочуриште што со децении не дозволува народот да види бело видело
СДСМ преку Трендафилов со наметнување на минимална плата од 500 евра на стопанството, сакаат да ја урнисаат државата