БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Кирил Ковчегарски: БЛЕСКАВИЦИ

Пренеси го гласот

Деновиве и партиите од власта тргнаа во контра офанзива. Откако увидоа дека нема ништо од најавуваните датум за преговори со ЕУ и брз прием во НАТО уште на Самитот во декември, свесни дека рејтингот вртоглаво им паѓа, а оној на ВМРО-ДПМНЕ е во нагорна линија се пуштија по градчињата и селата низ Република Македонија да спасуваат она што може да се спасува и да го убедуваат народот дека се на Прав пат..

Истите луѓе што пред три години во кампањата, дрско и безобразно ветуваа се и сешто за подобрување на животниот стандард, за запирање на исселувањето на младите, за свеж воздух, истите што тогаш се колнеа дека името на државата и уставот нема шанса да се чепкаат и менуваат, што се мајтапеа со предупредувањата од ВМРО-ДПМНЕ дека сето тоа се подготвува, сега тргнале да ги убедуваат граѓаните дека блескаме. “Блескавици” на сите полиња, чиниш Македонија и нејзините граѓани се пред портите на рајот. Целата кампања е зачинета со една според нивното однесување хумористична нота, веројатно за да биде блескањето поубедливо. Мене лично, а како слушам и на најголемиот број на луѓе со кои комуницирам, сето тоа, најблаго кажано ми звучи и изгледа блесаво. За среќа и поголемиот дел од граѓаните кои останаа во државата сеуште на ги дофатил блесокот за до толку да облесават и да поверуваат во овие шарени приказни од устите на претставниците на власта и многу добро им е јасно какво цунами ни се случува на сите полиња. Незнам од кај да почнам да набројувам. На една трибина слушавме за изедената баклава и празна тепсија што “стоо”, па за тоа дека никој неможе да им ја украде македонштината, на друга кажаа за граничен премин што како сонце блеска, патишта кои се преасфалтирале, стечајци кои ги згрижиле. “Блескавица” до “блескавица,”. Само никако неможам да разберам, зошто не се изразуваат до крај, па не им објаснат и на граѓаните кој ја изел баклавата и ја оставил тепсијата празна да ,,стоо,,. Можеле и Мицкоски да го прашаат да излезе и да им каже. Па после тоа да им подобјаснат дека таква македонштина за која зборуваат веќе не постои оти го сменија името на Македонија. Да потсетат дека тој граничен премин кој на ним сега многу им блеска и ги грее, тоа го прави веќе триесет години од истото место и тоа за џабе оти никој фајде нема од блесокот. Да им текнеше да стават фотоволтаици, па да произведуваат струја таму, да се користат ,,блескавиците,, од преминот, барем за тоа имаат експерти во своите редови. Така може и ќе имавме некакво фајде од него кога веќе нема шанси да се користи за премин на луѓе и стока меѓу двете страни за што обично служат нормалните гранични премини во светот. Ако продолжи вака да блеска преминот Клепало како во изминативе години, нема да ме чуди Боро-малборо да го префрли бизнисот на овој дел и онака му е во комшии, а и таму доле кај него веќе добро го знаат и може да му го растурат. Згрижените стечајци се посебна приказна. Море роман да се напише за тоа ќе биде малку. Врската помеѓу Сдс(СМ) и овие луѓе е навистина долгогодишна и нераскинлива, па откако пред повеќе од дваесет години ја создадоа оваа категорија, сега беше редно да се погрижат за нив, чисто за да не ги гризе совеста по старост. За оние кои изумреа и немаа што да јадат изминативе години не е важно, битно они сега донеле закон за по 5-6 души во секоја општина кои се на крај од својот животен пат. Околу стечајците само неможам да сфатам зошто пуштаат некомпетентни луѓе да зборуваат за тоа кога во своите редови и меѓу коалиционите партнери имаат директни учесници во целата таа работа. Негде спомнаа и за оној несреќен проект со поврат на пари од фискални сметки кој иако ветен како 13-та плата или како пари доволни за одишен одмор, сега се претвори во максимални 600 денари месечно и тоа само за најголемите трошаџии секако со објаснување во нивен стил ,,боље ишта, него ништа,,. Секако за глупоста со прогресивниот данок што го воведоа и сега го укинуваат и за штетата што ја предизвикаа не слушнавме ништо. Чекам гласноговорникот на мајка да излезе деновиве и за оваа работа да го праша Мицкоски да каже: зошто Сдс прво го воведе, а после го укина овој нивен блесок во економијата?

На сето ова се надоврзува и приказната со предвремените избори на 12-ти Април 2020 година и за промената на изборниот модел за што пишував пред две недели. Де ќе има избори, де ќе нема, ту ќе се менува моделот, ту ќе остане ист. Алиби до алиби пред дебаклот што им следува, а за што овие перјаници од власта се повеќе од свесни. Останува само овие неколку месеци добро да не изблескаат од сите страни и да пробаат со сите можни дозволени и недозволени средства да си ја спасат кожичката која претходно скапо ја наплатија. Најавите за невидени зголемувања на пензии и плати кои ги подготвуваат пред изборите, претставуваа класичен поткуп на гласачите, а сето тоа ќе има несогледливи последици по економијата во Република Македонија. Не постои некој кој не би сакал да зголеми плата доколку за тоа постојат услови, но тоа да се прави вештачки и строго наменски како што се најавува е блесаво, а не блескаво затоа што краткотрајниот ефект кој ќе се постигне, нема да биде ништо во споредба со амбисот во кој поради тоа тие мерки, многу набргу потоа ќе пропаднеме. По ова прашање сметам дека попаметно би ни било на сите да се држиме до онаа погоре споменатата “Боље ишта, него ништа”.

Сосема на крајот мора да им пишам некој збор и на сите оние функционерчиња и партиски војничиња кои за да се додворуваат малку повеќе претеруваат со ,,блескавиците,, и повторувањето на она ним омиленото Северна. Па не морате бре на пресс конференции кои се однесуваат на благосостојбата на кукурекот и слични растенија во земјава или за отстрелот на свињите по сто пати да го повторувате тој блескав збор кој го додадовте во името на државата. Блесаво е!

Пишува: Кирил Ковчегарски, адвокат и член во Комисијата за правни работи, политички систем и антикорупција при ВМРО-ДПМНЕ

Креирано од:


Пренеси го гласот