БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Кирил Ковчегарски: ТЕРОРОТ ВРЗ МАКЕДОНЦИТЕ НИЗ ВЕКОВИТЕ, ЗА МАКЕДОНСКИТЕ ИЛИ ЗА ТУЃИТЕ ИНТЕРЕСИ?

HTML Image as link Имате потреба од нов веб сајт?
An image from Squarespace
Пренеси го гласот

Претходната колумна почитувани мои наместо во петок како што е вообичаено изминативе месеци од оправдани причини беше објавена во понеделникот. За да не бидам досаден со моите размислувања за актуелните политички случувања овој пат се решив да реобјавам дел од туѓ текст на кој налетав пред отприлика една година. После читањето на текстот кој ќе следува постојано размислувам на таа тема, се распрашував и кај повозрасни жители во Берово и Малешевијата, но за жал не дознав ништо поконкретно за случувањето кое ќе ви го пренесам.

Искрено да ви признаам се срамам што немам поголеми познавања за македонската историја, посебно што незнам скоро ништо за периферни настани кои имале огромно влијание врз текот на настаните низ вековите. За жал скоро ништо не знам ни за семејното минато, дури ни она поблиското. Поради одредени причини во семејството никогаш не се дискутирало на теми од минатото, па дури ни за најблиските предци. Веројатно постоеле добри причини, а можеби и страв поради нешто. Кога за прв пат го прочитав текстот кој ќе ви го пренесам тука, неможев цела недела мирно да заспијам. Во истиот се спомнуваат и личности кои имаат исто презиме како моето, иако јас незнам дали се мои блиски или подалечни предци или можеби немаат никаква врска со мене. Се среќаваат и презимиња на личности од познати беровски и малешевски фамилии за кои исто така јас незнам ништо. Апсурдот да биде поголем, настаните кои се опишани се случувале пред само стотина години што и не е толку долг период за никој да неможеш да најдеш нешто да ти објасни за овие случувања. Сум разговарал со неколку добри познавачи на историјата во овој дел од Македонија, а и се распрашував минатата година дали некој нешто знае за овие случувања, но за жал не добив никаков одговор од никој. Како е можно најрелевантниот одговор за овие случувања да биде ,,Чул сам нешчо, ама не ми е познато точно,, кога настаниве се случувале пред само сто години? Долго време се мислев и дали да се впуштам во тема за која незнам ништо, да отворам дилеми и да претпоставуввам што се случувало, но идејата ми е сосема друга. Сакам да испровоцирам реакција од некој што има познавања и што има слушнато за овој настан, а е повеќе од тоа што ќе го прочитате во текстот. Уште еднаш ќе напомнам дека е срамота и за мене и за малешевци да не знаат ништо за овие работи кои очигледно го смениле текот на историјата на овие простори и промениле многу човечки судбини. Во духот на актуелните заложби за помирувања и простувања, како што е човечки и цивилизирано да се стремиме кон истите, исто така многу добро и битно е да се знае за случувањата на овие простори во минатото, за во иднина да се внимава и да не се заборави. Да се побара и да се добие извинување, исто како што тоа некој го бара тоа сега од нас, преку уцени, а заради добрососедски односи.  

Текстот, според она што успеав да го пронајдам на интернет е објавен во книгата „Белиот терор во Југоисточна Македонија од 1910 – 1941 година„ од Димитар Галев и претставува само еден дел кој е насловен како ,,МЕРКИ НА ЗАСИЛЕН ТЕРОР ВО ЈУГОИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА ОД КРАЈОТ НА 1913 ДО СЕПТЕМВРИ 1914 ГОДИНА | Македонија под српска окупација,,  и се однесува на Берово и Малешевијата, а јас ви го пренесувам во целост:

HTML Image as link НЕТКРИЕНО БОГАТСТВО ОД ТРАДИЦИЈА, ПРИРОДА, ИСТОРИЈА...
An image from Squarespace

,,Четниците на Јован Бабунски потпомогнати од српските жандарми и од војниците, имаат извршено повеќе злосторства и во населените места во Малеш, во Пијанец, во Кочансковиничкиот регион. Од бележникот — опомените на монахињата баба Кирикија може да се види како четниците и жандармите на Јован Бабунски крваво се пресметале со една група осомничени граѓани од Берово и од селата, во август 1914 година. Еве како е опишан овој настан: „Групата беше поголема. Во манастирските конаци беа затворени и чувани со удвоена стража. Жандармите во вечерните часови ги избираа жртвите и ги водеа во црквата „Света Богородица” каде што ги мачеле и убивале, а потоа мртвите трупови исчезнувале без трага. На неколкумина до денес не им се знаат гробовите. Неколку трупови се пронајдени подоцна, зариени под еден брег, а други беа пронајдени масакрирани дел по дел. На таков начин е погубена и попадијата Ордана Смокварска од с. Будинарци, ќерка на поп Јован од Берово. Нејзината ќерка Катерина, трагајќи по трупот на својата мајка пронашла само делови од главата, една рака и една нога. Расфрлани делови од човечки трупови, тогаш, можеа да се најдат насекаде.”
Монахињата од Берово во своите спомени се потрудила да ги забележи имињата на сите масакрирани граѓани и тоа: Нико Трендов, Ефтим Чгшлапков, Јордана (Ордана) попИванова Тренчева, сестра на Нико Тредчов, Никола Иванов Фиданков, Георги Иванов Прдлев, Јован Црцвв, Ефтим Тренчов, (Аце), син на Нико Тренчев, Софија Јов. Петрова, Султана Јантинска (веројатно се работи за жената и мајката на Ефтим Чиплаков), Георги Двојаков, Гаврил Грков, Гаврил Пецов, Јане Кофчегарски, Илија А. Кофчегаров, Јана Иванова Телеграфчиева, Елена Иванова Кофчегарска, Никола К. Манов, Атанас Иванов, Ефтим (Тимо) Ценев, Мехмедоџа, Глигор Кирачев, Никола Миличин, Михаил Кржевски, Гаврил Ников и др. вкупно 27— 30 души.

Овие затвореници биле изложени на толку морничави измачувања, кои и денес, по толку изминати години потресно дејствуваат и се пренесуваат од постарите на помладите поколенија. Имено, обвинети, како поранешни членови на Комитетот за евакуација на населението за време на П балканска војна, и како сегашни членови на Комитетот за прифаќање на воени дезертери и префрлување на бегалци во Бугарија и во Струмица, четниците и жандармите ѕверски се нафрлиле врз нив и ги парчосувале на делови, а од крвта биле флекосани скоро сите простории на црквата во Берово. Штом поминало ова зло, соседите на црквата „Света Богородица”, уште наредниот ден по масакрот, потајно проговориле за начинот на кој биле ликвидирани жртвите. Всушност, поголемиот број од нив биле испотепани уште за време на распитот. На секоја од жртвите имало по четворица до пет џелати. Ги фаќале за рацете и нозете и така замавнувајќи, им ги разбивале главите од ѕидовите на црквата. Наредниот ден по злосторството, соседите што живеат околу црквата нашле делови од истечените мозоци по подот и по ѕидовите на црквата.
Два до три дена по злосторството, од страв да не ги снајде иста судбина, во Бугарија и во Струмица пребешале: 20 души од Берово, 10 од Пехчево, 22 од Ратево, 50% од населението на с. Русиново и 10—15 семејства од селата Владимирово и Мачево.

По овој настан, црквата „Св. Богородица” во Берово не ја посетувале верниците, се до летото 1924 година, кога по втор пат била осветена. Српските четници и жандармите со посебна жед за одмазда се пресметувале особено со свештевиците и учителите кои живееле во пограничните краеви спрема Бугарија. За потврда на тоа зборуваат неколку изворни документи. Иако куси по содржина, тие даваат јасна слика на мачителите и на мачениците. Еве што е забележано во еден од нив: „И во с. Бладимирово во 1914 г. еден крвав настан е познат под името „клање на поповите”. Имено, во 1914 г. е заклан поп Јован Мирчев. Тој е сечен на парчиња, а деловите се собрани во вреќа и така е погребан. На ист начин е убиен и поп Јован Зрлев и питропите Лазар Бакалски и Наце Крстев, потоа Мите Кушов (Кушето) и Мите Крланоки.  И овој настан се одиграл во пролетта 1914година”.

Додека во врска со масакрирањето на свештениците: поп Димитри (поп Ефтнм) од с. Мачево, поп Георги Чепарков, Петре Поп — Георгиев, поп Атанас Пантев од с. Митрашинци, поп Костадин Ковачев, поп Манасие, Илија Георгиев, Коста Поп — Ефтимов (Жежовски), Иван Христов, Коле Христов, Стојан Митев и Спиро Митев, сведокот баба Господинка Ковачева (Ковачка) раскажала: „Откако ги затворија не можев ниту да спијам ниту да јадам. Седев и размислував, што толку згрешиле за така да им прават. Писоци и офкање како од под земјата слушав до доцна во ноќта. По едно време ги извлежоа од црквата во дворот и ги натераа да копаат дупка. Сфатив оти гробот си го копаат, самите тие морници ми го зафатија целото тело и почнав да се молам на Бога за нивните души. Копаа, копаа, копаа и пак (ги внесоа во црквата, па си помислив, сигурно се наситија и ќе ги остават. Но пак писоците се слушаа од внатре, некаде по полноќ гледав како пак ги влечат во дворот, но веке никој од нив не можеше да стои на нозе. Од нивното последно офкање се исплашив. Како вреќи полни со нешто ги фрлија во дупката (тробницата) што самите си ја ископаа, и фрлаа земја врз нив. Ги напрегнав ушите колку што можам повеќе, но веќе и офкањето не го слушав. Душа куртули
само поп Јован на кого му помогна Ирина Кушовска. Тој се беше преправил во жена и со скривна пушка под фустанот побегна. Гробницата ја отворивме по две недели, кога нивните унакажани тела се уште беа цели. Паралелно со убивањето на свештениците, двајцата клисари, младинците Илија, Иван и Коле во селото Разловци поради масовното дезертирање од српската војска и бегањето во Бугарија, до смрт биле тепани и жените Спасуна Георгиева и Петра Чолачка, како и свештениците поп Јован и поп Манасие,,.

Се надевам дека прочитаното ќе биде доволен предизвик за сите малку повеќе да се заинтересираме за сопстввената историја и за овој настан кој е опишан во текстов. Можеби ќе се најде и некој кој ќе напише нешто повеќе, нешто што тука не е спомнато, некој кој ќе ни овозможи да имаме појасна слика за случувањата. Овој текст според мене докажува дека сите што доаѓале на овие простори и владееле со населението се бореле за своите интереси и идеали, многу често потпомогнати и од домашните предавници. Нашиот народ обидувајќи се да опстане и преживее во големите игри на соседните држави, несакајќи бил вовлекуван во нивните игри и заради остварување на нивните интереси. Заклучокот, според мене, е во тоа дека без разлика на се што се трпело, Македонецот до крај останал Македонец кој се борел за своја сопствена држава. Затоа во денешното време на висока технологија, сегашните генерации мораме подобро да си го знаеме и почитуваме минатото и да не се откажуваме толку лесно од него, затоа што некој за ова што го имаме денес има пролеано многу крв и солзи.

Пишува: Кирил Ковчегарски,

Адвокат и член во Комисијата за правни работи, политички систем и антикорупција при ВМРО-ДПМНЕ

Креирано од:


Пренеси го гласот
HTML Image as link Интернет портал за афирмација на земјоделието
An image from Squarespace