БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Кирил Ковчегарски: ЗНАЕТЕ ЛИ КОЈА Е РАЗЛИКАТА МЕЃУ ВАС (сдсовците) И НАС (вмровците)?

Пренеси го гласот

Блескаме и оваа недела драги мои, блескаме толку силно што незнае човек од каде да почне да пишува, а да не е предолго и да не им е досаднo на тие што ќе посветат дел од своето време да прочитаат. Навистина е тешко во времето на сите овие блескави случувања и при толку многу колумнисти да се напише нешто што ќе го привлече вниманието, а притоа да се задржи достоинството, нивото на култура и добро домашно воспитување.

Се решив да почнам од последицата која денес владее со нас, а која е директен производ на еден закон кој во времето на “режимот” беше доволно демократски за да дозволи овие “луѓенца” кои и припаѓат на последицата да можат слободно и непречено од никого да протестираат низ целата држава која тогаш ја викаа Република Македонија, плус да ја испоганат и исфарбаат сета нејзина убавина во боите на нивната демек Шарена Револуција. Токму таа последица од овие протести деновиве се обиде на најкукавички начин, молчешкум да протне измени во Законот за јавни собири со кои правото на протест ќе беше остварливо само на некоја ливада или можеби планински врв. За да биде целата оваа работа уште подрска и безобразна морам да напоменам дека истата оваа партија и нивните сопартијци слични вакви измени правеле и во 1995 година и во 2006 година кога чуствувале исто како и сега, дека ја губат власта, па на тој начин се обидувале да си ја спасат позицијата. За жал на тогашните и на оваа денешнта власт која е директна последица на демократските одредби во постојниот закон, Уставниот суд, тогашните вакви решенија ги укинувал како неуставни. Истото ќе беше случај и со овие измени доколку поминеа, но на краток рок ќе им завршеа работа на “луѓенцата” од власта непречено да вршат терор врз неистомислениците во овој предизборен период. Човекови права и демократија до бескрај. И после немало датум за преговори со ЕУ, ВМРО и Мицкоски не давале и спречиле. Е нема, и нема ни да има со вакви севернокорејски закони и со ваква омраза кон политичкиот противник, особено кога се нема аргументи за да се одбрани сопствената неспособност! А кога човек малку ќе подразмисли и ви личи на ова името што си го туривте.

Како втор мој интерес решив да го земам Предлог буџетот за 2020 година бидејќи како што гледам деновиве околу тоа се крена најголема прашина. Безмалку 4 милијарди евра ќе изнесува истиот. Богато нема што. Веднаш ми текна на “црниот понеделник” од 2012 година кој беше последица на според тогашната опозиција, а сегашна власт која жестоко се спротистави на донесување на тогашниот буџет од помалку од 3 милијарди евра бидејќи сме сиромашна земја која таквиот буџет уште повеќе ќе ја осиромаши и уништи. Рипаа тогашните опозиционери врз обезбедувањето во Собранието, ги кубеа за коси, паѓаа во несвест, кукаа низ салата како недај Боже да им умрел некој близок само за да го спречат носењето на ,,уништувачкиот,,, мегаломански буџет. Во сето ова од надвор добија силна логистика меѓу другото и од нивниот сегашен лидер чија што слика како храбро се крие со рацете позади Бранко, а потоа избуткан од толпата паѓа врз полицајците, многу често се врти на интернет. Истиот тој сега после само неколку години беше принуден да брани скор дупло поголем буџет од оној против кој протестираше во 2012 година. Лицемерно, зарем не? Во тоа сесрдно сакаше да му помогне групер министерката, која поради своите слаби ораторско-манипулаторски способности за разлика од првиов, повеќе беше принудена да се смешка и да паѓа во транс додека тој блескаше во објаснувањата. Дознавме и некои нови терминологии, па така место во конкретни развојни категории и капитални инвестиции разбравме дека преку ваквиот буџет ќе се вложувало во “човечки капитал”!? Во превод ова би значело дека ќе се вложува во уште поголема армија на партиски војници кои ќе се вдомуваат во администрацијата за да земаат плата и на тој начин да се врбуваат да гласаат за власта. На вложување во човечки капитал веројатно се мисли и на најавеното накачување на пензиите за 700 денари месечно. Мерка донесена исклучиво со цел да се залажат пензионерите пред изборите, особено ако се има в предвид дека тие за овие три години сдсмовска власт, испуштија накачување од 1800 денари месечно, ако се продолжеше со трендот на зголемување на пензиите од 600 денари кој го практикуваше поранешната власт. Неизбежно со свои коментари беа и да се јават “твитер луѓенцата” на власта со злобни коментари, како ВМРО е против зголемена плата, против зголемени пензии, не сака да се накачи социјалната помош, па сме биле ние вмровците дно, несреќа која ја кочи земјава да не оди напред, заостанати, смрдливи и што ли уште не, злоба и омраза од оваа армија на властодршците насекаде.

Не можам, а да не одбележам и еден настан кој така тивко се провлече без многу да се крене прашина, а на кој исто така беа истресени одредени тези што апсолутно немаат врска со реалноста. На свеченост во врска со македонскиот јазик премиерот во говорот ги советува присутните: “во 2016 бев покровител на ваков настан и оп следната година станав премиер, затоа сакајте го и почитувајте го македонскиот јазик како што јас го сакам и почитувам, па може и вие еден ден ќе станете премиери”!? Со вакво “мрчење” во стилот “мало сутра” ако тераме и ние обичните (нормалните) граѓани ,,ево ти га на,, што ќе го сочуваме и одбраниме јазикот, а за да стануваме премиери како него ,,нека хвала лепо, такви не сакамо да бидеме,, и така да го браниме јазикот, па макар вие да се чукате “у градима својима од мука”.

На дебатна емисија гледам еден од главните советници на Заев неколку пати повторува дека ВМРО-ДПМНЕ е најголемото зло на Македонија. И не е прв, вакви изјави и многу други истакнати членови на оваа партија давале. Ај ова да го кажува некој локален активист или некој од “луѓенцава” по социјалните мрежи некако и да разберам, ама од човек кој претендира да биде амбасадор на оваа држава, во која веќе сосема извесно, во периодот додека тој ќе амбасадорува, ќе владее токму ова според него зло, навистина е несфатливо. Зошто толкава исфрустрираност и толку голема лична нетрпеливост и омраза? Толку ли многу тие 11 години ви фалеа удобствијата на власта, фотељите, привилегиите, репрезентациите по кафеаните и патувањата на државна сметка, па сте спремни свои браќа по род да ги нарекувате зло? Не сме малку, константно сме над 400.000 илјади. Свесни ли сте со каква сила си имате работа и дека таа сила непотребно ја навредувате? Дали знаете каква поделба правите со таквото ваше поведение, додека во исто време се фалите со релаксирање на состојбите? Очигледно не.

Да го потврдам ова последното, а и да си останам верен на досадувањето со мое Берово ќе го поткрепам кажаното и со еден практичен локален пример. Деновове сите Општински Комитети излегоа со анализи за работењето, односно неработењето на градоначалниците во изминатиот двегодишен период. Така беше и во Берово.

Иако не сум љубител на социјалните мрежи и не ги користам, моите роднини, пријатели и сопартијци често пати и несакајќи ме известуваат за она што се случува на истите, а многу пати ваквите писанија и видео настапи од политичари се пренесувани и на порталите. Не можев, а да не забележам и да не бидам револтиран од тоа што на еден сосема коректен и пред се цивилизиран политички настап од претседателот на општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Берово во кој беа наброени проектите кои биле ветени и се до денес незавршени и проекти кои ги започнала претходната локална власт, а кои сегашната ги присвојува како сопствени, беше одговорено на еден крајно примитивен и злобен начин и тоа на официјален профил на градоначалникот (кој искрено се надевам и сум слушнал дека не го пополнува тој лично, бидејќи од тоа колку го познавам навистина не очекувам лично тој да се симне на толку ниско ниво). Со употреба на “финти” и лични навреди во пишувањето за да биде интересно и читано, наместо обраќање со почит кон противникот и во истото да се раскажуваат приказни за “мали Ѓокица” кој сакал да стане принц и за бегалецот во Будимешта кој веќе неколку години нема апсолутна врска со приказнава, само за да се привлече уште поголемо внимание е прилично патетично и веќе по малку досадно. Притоа обавезно се заборава дека тој бегалец не осуден за кражба, туку за купување на службен Мерцедес од кој изминативе години не излегува нивниот лидер. Доколку некој и нечие тврдење неможеш да го побиеш со факти и поради своја интелектуална немоќ, не значи дека треба да се спушти нивото на пристојна комуникација, оти така е најлесно, па ако почнеме со таков вид на напади, каде ќе ни биде крајот? Да се впуштаат во дискусија и да се потсмеваат за туѓа неписменост, личности за кои е непознато дали и какво образование имаат, или лица кои кога читаат напишан тескт си покажуваат со прстот за случајно да не изгубат до кај стигнале, е во најмала рака небулозно. И во тие настапи повторно омраза, цинизам, нетрпеливост кон противникот, без апсолутно никаква потреба. Затоа, да не го спуштаме нивото, зошто ако играме по тие правила кои сакате да ги наметнете, нема да ни биде воопшто пријатно и на едните и на другите! И внимавајте, во едно друго време некој ни се фалеше дека ќе не гази како шлепер жаба, за на крај истиот тој шлепер да го прегази него, а си мислеше дека е многу силен. Вас како сте тргнале безглаво да сее фалите по овие новите патишта од по еден сантиметар асвалт, може и обична кола да ве прегази на овие избори.

И сосема на крајот, за патиштава преасфалтирани кога веќе ги спомнав, јас да ви кажам мое лаичко размислување:

-Кога ќе нема секој ден одрони и блокади на патот Кочани-Делчево, кога ќе направите трета лента на патот Виница-Берово и Берово-Струмица, кога ќе го направите оној од Берово до Радовиш што 30 години го ветувате и кога ќе почне да работи граничниот премин Клепало или Црна скала, тогаш фалете се! Вака е смешно, знаат луѓето веќе, неможете да ги манипулирате со истите “ЌЕ финти”. И да, ќе заборавев:

-Да не беше Груевски и Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2014 година “мало сутра” ќе беше предвиден, проектиран, започнат и скоро завршен автопатот од Миладиновци до Штип. Зошто? Епа распрашајте се малку кај некој експерт за исплатливоста и оправданоста на овој автопат кој за нас од истокот значи премногу. Можеби тогаш ќе ви се разјасни дека тоа е само затоа што Груевски, кој беше приврзан кон овој регион, сакаше на некој начин да му се оддолжи на “верниот Исток” за големата поддршка која ја добиваше на сите избори. Вие пак да си го мразите и него и ВМРО-ДПМНЕ, а ние од април по преземањето на власта ќе ви докажеме дека и без омраза кон некого можеме успешно да ја водиме државата.

СЕГА ЗНАЕТЕ ЛИ КОЈА Е РАЗЛИКАТА МЕЃУ ВАС (сдсовците) И НАС (вмровците)?

ВИЕ НАС НЕ МРАЗИТЕ ОД ДНОТО НА ДУШАТА, А НИЕ ВАС САМО ВЕ ЖАЛИМЕ.

ОТИ НАВИСТИНА СТЕ ВЕЌЕ ЗА ЖАЛЕЊЕ.

Пишува Кирил Ковчегарски,

Адвокат и член во Комисијата за правни работи, политички систем и антикорупција при ВМРО-ДПМНЕ

Креирано од:


Пренеси го гласот