Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски и Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази учествуваат на Регионалната конференција на јавни обвинители за соработка во обработката на предмети за воени злосторства што се одржува во Бриони, Република Хрватска.
Форумот, организиран од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), со поддршка од ЕУ и Владата на Обединетото Кралство, го отворија хрватскиот Генерален државен обвинител Иван Турудиќ, министерот за правда, администрација и дигитална трансформација на Хрватска Дамир Хабијан, како и Главниот обвинител на Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали Серж Брамерц.
Дискусијата се фокусираше на механизмите за јакнење на регионалната соработка, заемното уважување на доказите и поддршка на жртвите и сведоците.
Во Република Северна Македонија нема активни постапки за воени злосторства, но македонското обвинителство е посветено на јакнење на каналите за меѓународна соработка кои треба да гарантираат дека ниту едно злосторство каде било во светот нема да остане неказнето, истакна јавниот обвинител Коцевски пред учесниците на форумот.
“Воените злосторства се најтешките форми на нарушување на човековите права и на хуманитарното право. Тие се санкционирани и во македонскиот Кривичен законик. Ефикасниот кривичен прогон на воените злосторства е прв чекор кон помирување и траен мир”, рече Коцевски.

СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Лишена од слобода 24 годишна жителка на Крива Паланка затоа што го нападнала својот сопруг со остар предмет
Голем успех за Македонија на светскиот избор Miss & Mister Planet 2026 во Грузија
Николоски: Преку 100 милиони денари инвестиции во инфраструктурата во Валандово. Ќе се реконструира и регионалниот пат Струмица -Валандово