БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Комплетиран и подготвен за забава Фестивалот “СЛОБОДНА ЗОНА 7” во Виница

Пренеси го гласот

По повод 75 години од ослободувањето на градот Виница од фашизмот, а во рамките на повеќедневната манифестација ВИНИЦА – СЛОБОДЕН ГРАД, на 30.08.2019 година, петок, со почеток од 20:00 часот, во градскиот парк во Виница ќе се одржи музичкиот фестивал СЛОБОДНА ЗОНА на кој ќе настапат следниве музички групи:

Александар Велики – Скопје
Дактили – Струмица
КИ – Куманово
ПМГ Колектив – Скопје
Пука козметика – Скопје
Роботек – Скопје

Истиот ден, во склоп на фестивалот, во 17:30 часот во градскиот парк ќе бидат промовирани книгите „Македонска дискографија – Винили (1958 – 2019)“ и „Македонска рок енциклопедија (1963 – 2018)“, енциклопедиски дела на авторот Тошо Филиповски, а во издание на Corpus delicti records.

 Ова е седмо по ред издание на фестивалот, чија идејна и организациона изведба е на група млади ентузијасти, а по неколку годишна пауза,  се обновува со намера да стане традиција која би оставила траен белег на културното живеење на градот.

1. АЛЕКСАНДАР ВЕЛИКИ
Активен е на скопската независна музичка сцена повеќе од две децении на повеќе полиња. Како музички новинар пишувал за Млад Борец, Студентски збор и Урбан магазин каде што бил главен и одговорен уредник. Се уште може да се слушне во препознатливата улога на радио-водител на Канал 103, а со малку среќа и да се види како диск-џокеј во Скопје. Свири бас гитара во ПМГ Колектив.

Првиот Македонец во вселената L.P. е целосен game changer во неговата кариера. Излезен од сенката и застанат пред главното светло, сега имаме уникатна можност да го запознаеме овој господин и како целосен автор и вокалист. Првиот Македонец во вселената L.P. (Балкан Велики, 2018) за многумина беше едно од најдобрите домашни изданија за минатата година. Девет поп песни за живот и смрт кои би морале да ги преслушате.

2. ДАКТИЛИ е бенд составен од членовите
Сватре Ангелаков (гитара), Столе Велков (Бас гитара), Душко Манушев (тапани), и Милан Анастасов (вокал).
Сите четворица членови се од Струмица.
Во периодот кога се формираат, функционираат како инструментално трио, и како такво настапуват неколку пати низ струмички локали, освојуваат второ место на Лузерфест (прво од жири), како и на неколку други настани (како промоција на списание за уметност, и на протест против рудниците на смртта).
Во тој период , го снимаат нивното прво издание – Вентана де Пасиљо, кое е всушност лајв ЕП од настапот на Лузерфест.
Милан Анастасов, прво како гостин настапува неколку пати со нив, и откако сфаќаат дека нивните енергии кохезираат, станува и официјален член – вокал на Дактили.
Музиката што ја свират со Милан, е доста различна од онаа во првата фаза на бендот.
Моментално работат на нивното второ издание во студиото Алшар во Скопје.
Најдоцна до средината на Октомври годинава планираат издавање на сингл со спот.

3. КИ е електро рок бенд од Куманово, Македонија. Бендот се оформи во почетокот на 2016 година и го сочинуваат Александар Краљевски ( вокал и гитара ), Милош Краљевски ( бубањ ), Стефан Илиевски ( клавијатура ) и Стефан Стојчев ( бас гитара ).
Несекојдневен звук, експериментирање и играње со различни музички стилови и жанрови пропратени со автентични текстови е главна карактеристика на овој бенд. Еден од нивните први запазени настапи е оној на Демо Фест во Бања Лука во 2016 година, каде што Ки, иако не го освои победничкото прво место, успеа да собере бројни позитивни критики од страна на балканските медиуми.

Следната година, како победници на Мини гитаријада во Врање, бендот настапува и воедно победува на 51 Зајечарска Гитаријада во Зајечар, Србија. Истата година следат нивни настапи на Норт Фест во Колашин, Црна Гора, Џој фест во Крива Паланка, Македонија и Позитивни концерт во Нови Сад, Србија. 2017 година бендот ја заокружува со победа на РМФ Фестивал во Ровињ, Хрватска, каде што како победници и следната година настапуваат во ревијалниот дел.

4. ПМГ Колектив
Во оваа форма, започнуват со работа во 2003та година и набргу стануваат еден од бендовите предводници на новата македонска музичка сцена. Произлезени од ПМГ Колективот, кој точно две децении активно делува на нашата културна сцена, тие прават длабок музички засек во светското музичко искуство и го пресликуваат во македонската музичка реалност, давајќи му современ, динамичен и оригинален призвук. Звучното искуство би го локализирале некаде помеѓу креативната пост-панк мелодичност и сировиот танцов пристап. Една од најсилните карактеристики на бендот е нивниот жив настап кој не остава рамнодушни во публиката, а многу лесно преминува и во вистинска журка. Инаку ПМГ Колектив е еден од нашите концертно најактивни бендови (околу 300 концерти во последниве 14 години), а редовно настапуваат и вон границите на Македонија, за што потврда се неколкуте европски турнеи и настапите на голем број фестивали во соседството.

ПМГ Колектив настапува во живо, во следниот состав:
Мирко Попов (машина, вокали)
Синиша Евтимов (гитари)
Александар Гавровски (бас)

5. Пука козметика е една од пионерските рап групи од Македонија, формирани 31.12.1995 од близнаците Дарко и Жарко Масларковски, Мартин Ѓепргиевски и Видо Андреевски (подоцна Поинаков Стил). Започнуваат со снимање на демо албум кај Деко(Скопје виа Софија/Клан Исток) на ритам машината на Чиста Околина. Првата студиска песна ја снимаат кај Аго во Долината на Сенките. Првиот албум”Да ви го на..пука” го издаваат 2006 година за Арена рекордс, потоа следуваат уште неколку проекти со Токсикологија каде се основачи на Токсикологија Мјузик.

6. Кога зборуваме за автентична, современа македонска електронска сцена, зборуваме за РОБОТЕК. Тоа е човекот кој прв се искристализира како препознатлив артист и продуцент, не само на домашната, туку и регионална сцена. Од неговите Atari почетоци во средината на 90тите, па се до софистицираната продукција 25 години подоцна, тој секогаш е оригинален и свој, безмалку легендарен бренд. Со 4 албума и безброј е.п. и сингл изданија, тој е водечки артист на електронската сцена кај нас. Освен со неговата музика, тој е еден и од најбараните диџеи во регионот.

Креирано од:


Пренеси го гласот