БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Концерт на „Чалгија саунд систем“ во Виница

Пренеси го гласот

Во петок 12 јули 2019 година со почеток од  21:30 часот, во  Домот на културата во Виница со свој концерт ќе се претстават маестралните Чалгија Саунд Систем.

Чалгијата е музичка форма и состав којшто е карактеристичен за градските средини на територијата на Македонијa и се јавува некаде во XVII-от век, својот врв го доживува кон крајот на XIX-от за во средината на XX-от век полека да почне да замира. Покрај нагласената македонска мелоритмика, чалгиската музика е богата и со ориентален призвук, меѓу другото и поради присуството на инструменти (канон и ут) коишто се карактеристични за музиката на Блискиот Исток и Средоземјето. Во текот на периодот на активното живеење на оваа музика, создадени се голем број композиции коишто биле изведувани како по градските куќи и кафеани, така и при посебни поводи, како венчавки и крштевки, за што сведочи постоењето на многу тематски песни и ора. Сето ова ја прави чалгијата, заедно со изворната и црковната музика, еден од трите столба врз кои почива македонската традиционална музика.
Создадена во 2008 год. групата Чалгија саунд систем има за цел да го одржи чалгиски израз проучувајќи го богатото наследство од мелодии и форми кои составот ги изведува доследно и верно на традицијата, а од друга страна, да го земе чалгискиот израз како основа за создавање современа музика која е во духот на чалгиската традиција, со што на одреден начин и ја продолжува традицијата.

Во 2009 година групата го сними својот прв албум кој го доби името исто како името на бендот: Чалгија саунд систем. Членовите на бендот одлучија да го наполнат со 18 песни и ора, правејќи со тоа избор од своите најдобри изведби, кои патем речено беа снимени во живо во студиото на ТВ Алфа. Токму
овој концерт стана еден од најдобрите и еден од најчесто прикажуваните концерти на оваа национална телевизија. Групата истовремено ја прикажуваше својата работа пред многубројната публика низ целата земја најчесто со живи
настапи, на многу концерти и клупски свирки. Во текот на времето, групата го издиференцира својот израз и се втемели на македонската сцена со својот специфичен индивидуален стил и пристап.Членови на бендот кои се во составот уште од неговиот почеток, без големи промени се:

Добрила Грашеска – вокал и перкусии
Александра Кузман – виолина
Доран Јовановиќ – ут
Бошко Мангаровски – канон
Филип Крстевски – тарабука, деф, тапани

Честите проби, настапи, свирки, личната естетика и музички инспирации доведоа до клучната точка: создавање авторски материјал. Членовите на групата имаа добар темел: чалгиската музика и инструментите толку типични за чалгијата како музички алатки: канон, ут, виолина, тарабука и вокал, но овој пат надградени со модерен, електронски звук. Оваа фузија доведе до еден сосема нов исчекор во македонската музика. Овој нов музички израз на групата Чалгија саунд систем направи влез во новата чалгија, направи сцена преку која го прикажува развојот на македонскиот фолклор, еден нов хромозом на македонскиот ген.


За своето второ дело – албумот со име: Тихувај, членовите се изјаснија вака:
Нашиот втор албум Тихувај е создаван во периодот од октомври 2018 до април 2019 година Албумот брои 9 композиции, односно 45 минути музика чијашто инспирација беше нашата изворна музика, но и прикажана на современ начин. Ги искористивме сите алатки на електрониката и ги вметнавме/ исплетовме во изворот од кој секогаш се вдахновуваме: македонската традиционална чалгија. Овој пат откриваме како ние лично ја сфаќаме и на кој начин ја развиваме нашата музика давајќи ѝ со тоа правец каков што мислиме дека треба да заземе. Направивме современа музика, отсвирена на традиционални инструменти, ја надградивме со електроника и напишавме современи стихови на македонски јазик. Темите се љубовни: тема за разделба, моментите на осаменост и болка, моменти на патување и промената што ја прават патувањата, темата на омудрувањето, темата ласкавците и нивните лаги и конечно смирението кое стасува во точката од каде што се тргна: од дома.

Уште на самиот нејзин почеток, групата го сврте вниманието на музичките познавачи и сладокусци на македонската музика, така што веднаш почнаа да се редат покани и настапи на фестивали и приредби ширум Македонија.

Креирано од:


Пренеси го гласот