Првите неколку реченици од химната на Република Македонија ја опишуваат целата ситуација на Македонија и македонците низ вековите. “Македонците се борат за своите правдини…”
Македонците се бореле во минатото, се борат во сегашноста и ќе се борат и во иднина. Борбата за Македонија никогаш нема да заврши, тоа е проклетство кое трае со векови. Да си вистински македонец е чест и света работа но и проклетство кое го носиш со себе од раѓање. Историјата ни е сведок за македонските јунаци запишани со златни букви, но и на предавниците на својот народ запишани со црно мастило на мртва хартија.
Зошто велам дека борбата продолжува и ден денес? Можеби не се бориме за Македонија како во 1903 или како 1944, со пушки и пиштоли но се бориме правно и фактички да ја зачуваме унитарноста и суверенитетот на државата.
Да ја направиме паралелата со ситуацијата сега. Важноста на овој втор круг од претседателските избори што ќе се одржат на 5ти мај е една од најважните битки на сегашните генерации, битката во која треба да победи правото и правдата.
“Македонскиот народ е пиреј, не го ништи ни една војска…”
-рекол Петре М. Андреевски.
Бојкотот не е во генот на македонецот, бојкотот е капитулација, предавање без борба, подигнување бело знаме. Вистинската борба почнува после 5ти мај.
Борбата за враќање на нашето вистинско име, без никакви придавки, додавки, фусноти, чисто и јасно, РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!
Македонецот никогаш не бил задоен со мед и млеко. Низ историјата е познато дека со една рака сме ја бранеле, а со друга сме ја работеле нашата земја. Ќе се обратам до бојкотирачите. Зарем без борба ли ќе се предадете? Зарем дотолку ослепевте и заборавивте како се води вистинска македонска борба? Чуму ни е видот во очите кога ќе останеме слепи? Чуму ни е бојкотот на оваа борба ако не ја делегитимираме оваа ненародна власт? Да ја погледнеме реалноста браќа и сестри, вашиот глас сега е најбитен, вашиот глас е вашето оружје против оваа власт, ако само така неиспукано го фрлите Вие не може да прогласите победа. Замислете комитските чети да бојкотирале 1903, дали би имале прва Република на Балканот? Ајде сите заедно да земеме учество во оваа борба, а ќе земеме учество ако излеземе и гласаме за враќање на правото и правдата во Македонија.
Би упатил порака и до албанскиот електорат. Мои сограѓани албанци, ист воздух дишиме, иста вода пиеме, исти проблеми делиме. Зарем сакате и понатаму да продолжат маките кои сега ги имаме? Зарем сакате и понатаму децата да Ви одат во туѓина далеку од Вас за да заработатат за пристоен живот? Зарем сакате криминалци да ви продаваат приказни за подобар живот а ни пат ни канализација не се способни да направат? Зарем ќе дозволите криминалците од власта да бидат слика за албанците во Македонија?
Македонскиот народ никогаш во историјата не бил вака поделен. Македонци, зарем и после се што оваа власт направи уште ли ќе чекаме за да се обединиме за интересите на Македонија? Зарем ќе затвориме очи пред промената на името, Преспанскиот договор, штетниот договор со Бугарија, Тиранската платформа? Никогаш во Македонија се немаше случено да се забрани книга, да се забрани филм, да не се интонира македонската химна на официјална посета на делегација од друга држава. И тоа се случи.
Зарем уште ќе ја одложуваме казната за оваа ненародна власт?
Доста беше владеење на криминалите на оваа власт на СДСМ и ДУИ, време е за промени. Македонци, Албанци, Турци , Власи, Роми, Срби, Бошњаци, време е да ги запечатиме ПРАВОТО И ПРАВДАТА во оваа држава. Сите заедно во борбата за подобар живот.
Пишува: Илија Маринковски