Во селото на баба ми и дедо ми има една стара изрека… Кога сакаш немир во брачниот кревет пушти неколку болви нека скокаат и ете ти проблеми во семејството.
На сличен начин Никола Груевски во своето “бомбастично” појавување во јавност после речиси 5 години бегство во Унгарија, пушта болви во јавноста со цел да си ги спроведе своите замисли и цели.
Во своето гостување на јутјуб-емисија Груевски помеѓу другите манипулации и полувистини највпечатлива зборовна конструкција искажа за Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и за Претседателот на опозициската Партија Христијан Мицкоски.
“Јас толку работи можам да му одговорам на Александар Николоски или на Христијан да не знаат што ги снашло, ама таа партија не е нивна, таа партија, барем јас кога бев имаше 181.000 и нешто членови. Се трудам да се воздржам за глупостите што поединци ги прават, како што знам, за да не направам штета, да не можат после со месеци да се отплеткаат”
-во овие реченици искажани од поранешниот Премиер кој кукавички власта му ја предаде на Зоран Заев за да ги спроведе сите антинародни политики кои ги спроведе, е содржана целата беда на еден истрошен политичар кој што со своите добро препознатливи методи има потреба да го тргува своето божемно влијание кај поединци за остварување на лични цели.
Ваквото пласирање на полуреченици и нецелосно искажани информации треба да внесат сомнеж кај граѓаните пред се за работата и политичкиот ангажман на споменатите челници на ВМРО-ДПМНЕ. Без конкретно да каже што е тоа што толку скандалозно има да го каже за Николоски и Мицкоски, Никкола Груевски “јава” на бранот на шпекулации а притоа се оградува дека наводно не сакал да наштети на партијата….
Ваквата крајно безобразна, крајно штетна и крајно нечовечна особина е стереотип со кој што како премиер до 2016 година успеваше да внесе раздор дури и во структури на партијата со која владееше во интерес на се она што во годините потоа видовме сите на кој начин и кој профитирал од ваквото владеење.
Времето за Никола Груевски е застанато во 2016 година кога не знаеше или не сакаше да го заштити својот народ од хаосот на Зоран Заев. Византиските игри кои што Груевски ги играше во тоа време ја втурнаа Македонија во ова дереџе во кое што е денес, за повторно овој истрошен политичар да фрла болви низ преостанатите неколкумина негови приврзаници низ државата.
Опстанокот на Македонија е пресвета обврска и должност за поединци вака да си поигруваат со нејзината иднина.
ВМРО-ДПМНЕ е единствената политичка сила која што може и ќе ја запре целокупната деструкција која СДСМ и ДУИ ја донесоа во државата. Секој обид да се руши кохезијата и сплотеноста на ВМРО-ДПМНЕ со својот народ е во прилог на опстојување на СДСМ и ДУИ на власт.
Пишува: Кирчо Анастасов


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
ВМРО-ДПМНЕ со честитка по повод денешниот празник
Честитка од Социјалистичката партија на Македонија по повод 24 Мај Денот на Св. Кирил и Методиј
Министерството за здравство ја започна постапката за донесување на нова Стратегија за сексуално и репродуктивно здравје 2026–2030