Изложбата на плакати ,,IMposter 2”, е дел од манифестацијата ,,Нов културен бран” и ќе биде отворена во сабота, 22 септември во изложбениот салон при Дом на култура ,,Тошо Арсов‘‘ – Виница во 19:00 ч.
Изложбата опфаќа 40 плакати со кои авторката на изложбата, Маријана Иванова, има земано учество на бројни престижни интернационални конкурси и изложби во 20 земји во светот. Дел од нив се плакати изработени за време на магистарските студии во Националната Ликовна Академија во Софија, Бугарија, под менторство на проф. Иван Газдов и асистент Ненко Атанасов. “Плакатите на Маријана се смели, искрени и ја поттикнуваат публиката да сочувствува. Оставаат впечаток со своите влијателни пораки и јасниот авторски став. Преку нив гледачот станува сомисленик со глобалните социјални, културни, политички и универзални проблеми и емоционално ги споделува гледните точки на авторката. Творбите на Маријана се доживување кое останува во сознанието на публиката, а во нив е вложена творечка енергија способна да го промени светот на подобро.
Општовалидна константа е дека денешната цивилизација има потреба од плакатот како социјален феномен, а тој како универзална уметност има потреба од уметник како Маријана Иванова. Современа, образована и веќе просветена во овој вид уметност, таа не само што решително поставува глобални прашања туку и се осмелува да понуди неедноставни одговори, притоа со една атрактивна и свежа младешка објективност. За Маријана плакатот е визуелна панацеја од која нашето општество има забележителна потреба, или како што таа умешно ја посочува неговата основна дијагноза – незнаењето.
Шпалирот од меѓународни учевства и награди на еминентни фестивали и конкурси, публикациите во престижни каталози и селекциите на кои авторката дефилира, убедливо го потврдуваат горенапишаното. Сепак, има нешто што е поважно од постигнатите успеси и признанија, а тоа е љубовта на Маријана кон плакатот и нејзината длабока вера во неговата уникатна сила да ги остварува мечтите и да го поттикнува човештвото кон подем.”
-изјави д-р Ненко Атанасов од катедра ,,Плакат и визуелна комуникација” Национална Ликовна Академија Софија.
Маријана Иванова е уметник и графички дизајнер, родена на 14.06.1994г. Завршува гимназија во СОУ,,Ванчо Прке’’ – Виница во 2013 година. Го завршува своето високо образование во Националната Ликовна Академија во Софија, Бугарија, отсек – плакат и визуелни комуникации (2017) во класата на професор Георги Јанков. Во моментот е на магистарски студии – отсек плакат во истата институција во класата на истакнатиот бугарски уметник проф. Иван Газдов. Работи во областа на графичкиот и рекламниот дизајн, дизајн на плакати, книги, лого, илустрации, цртање, сликање…
САМОСТОЈНИ ИЗЛОЖБИ:
2018 (31 Август) – Алтернативен настан ,,Реанимација‘‘ – Виница, Македонија 2018 (2 Март) – ,,IMposter” во НУЦК ,,Бели Мугри‘‘ – Кочани, Македонија 2017 (4 Ноември) – ,,IMposter” во Дом на култура ,,Тошо Арсов’’ – Виница, Македонија.
Има учествувано на 66 групни изложби во 20 земји во светот, од кои 28 се интернационални изложби од конкурси за плакат, селектирани од врвни светски плакатисти и графички дизајнери. | Македонија | Бугарија | Турција | Италија | ВеликаБританија |Иран | Лихтенштајн | Австрија | Русија | Полска | Мексико |Мичиген, САД | Јамајка | Тајван | Украина | Казахстан | Германија | Орегон, САД | Кина | Словачка.
Добитник е на 4 награди: 2012 – ВТОРА НАГРАДА на„V МЛАДИНСКИ ПРОЛЕТЕН САЛОН“ – (Национална Галерија на Македонија, Чифте Амам), Скопје, Македонија 2017 – ВТОРА НАГРАДА на конкурсот за плакат на тема ,,70 години Димитровград. Првите 70 како почеток.‘‘ – Димитровград, Бугарија 2018 – ПРВА НАГРАДА конкурсот за плакат ,,Работа во 2030г.” – Потсдам, Германија 2018 – Пофална награда на конкурсот ,,Идентичност на симболи и бои‘‘ соработка меѓу НХА – Софија и Академијата за убави уметности Брера – Милано, Италија – Софија, Бугарија
Има соработувано со многу локални институции и здруженија по повод изработка на рекламни дизајни за настани, меѓу кои: Дом на култура ,,Тошо Арсов‘‘ – Виница, Музеј ,,Теракота‘‘ – Виница, Мултимедијален фестивал ,,Слободна зона‘‘ , Здружение на уметници ,,УМ‘‘ – Виница, Општина Виница, Студио “Space & I”, Здружение ,,Психеско‘‘…


СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Миџкалис Рохас се сретна со невладини организации за да го презентира Извештајот на Европската Комисија за напредокот на Македонија
Обвинение за организација на борби со кучиња
Лишена од слобода радовишанка поради лажна дојава за бомба во училиште во Радовиш, поднесена е кривична пријава