За наредната седница на Советот на Општина Делчево од менаџментот на ЈКП “Брегалница” Делчево предлагаат ново зголемување на цените за физичките и правни лица за наплата на водовод и канализација.
Според новите предложени цени и одобрени од страна на Управниот Одбор на ЈКП “Брегалница” делчевчани за 2024 година ќе треба да плаќаат 51,45 денари по метар кубен вода а фирмите дури 81.29 денари за м3 вода.
Ова е поскапување од над 14 денари за м3 вода во споредба со цената од 37.13 денари која што граѓаните ја плаќале во 2022 година или поскапување од 19.29 денари за фирмите кои што плаќале 62 денари по м3 вода во 2022 година според претходно донесената одлука од 2022 година.
Со поскапувањето на тарифата за снабдување со вода за пиење со новиот предлог на менаџментот на ЈКП “Брегалница” Делчево драстично се поскапува и тарифата за одведување на отпадни води во споредба со минатата 2022 година.
Ова е најава за институционален грабеж на и така осиромашените граѓани на Делчево во услови кога не добиваат задоволително-квалитетна услуга од страна на ЈКП “Брегалница” Делчево за што јавноста во Делчево беше сведок во изминатите години.
Ваквото огромно поскапување на тарифите за водовод и канализација доаѓа во време на зголемена сиромаштија на граѓаните на Делчево и вртоглаво поскапување на цените за основните животни намирници за егзистенција, со што дополнително се драматизира и така алармантната состојба со семејните буџети за наредниот период во Делчево.
Од ваквата поразителна реалност со која се соочува секое делчевско домаќинство се наметнува прашањето кои се причините за ова големо поскапување на цените на комууналните услуги од страна на ЈКП “Брегалница” Делчево?
Во изминатиот период градоначалникот на Делчево Горан Трајковски во повеќе наврати особено пред избори се фалеше со изградбата на новата Филтер станица за вода за пиење па веројатно аргументот од општината и надлежните во комуналното претпријатие би бил дека функцијата на новата филтер станица би требало да ја платат граѓаните на општина Делчево. Овој аргумент “држи вода” но во услови на целосна модернизација на мрежата за водоснабдување низ општината која останува иста како и претходно со незадоволително ниво на функционалност со многу проблеми на штета на делчевчани. Така за сличен квалитет на вода и водоснабдување врз база на состојбата на дистрибутивната мрежа делчевчани ќе добијат зголемени цени на своите сметки за осиромашување на нивниот домашен буџет. Во ред е да се зголемуваат цените (иако ваквото зголемување е несразмерно големо) но граѓаните да ја добијат квалитетно услугата која ја заслужуваат, а во услови на постојан недостиг на вода, со постојани дефекти и хаварии на водоснабдителната мрежа и оние 37 денари кои биле предвидени за плаќање во 2022 година се многу!
Дополнително приходната страна на ЈКП “Брегалница” Делчево е проблематична во однос на правата и обврските на претријатието во однос на ЕЛС Делчево на штета на фактурираните и нефактурирани финансиски побарувања на претпријатието кон општина Делчево.
Од извори кои сакаат да останат анонимни до нас како интернет портал подолго време пристигаат информации според кои постои сомневање дека не се соодветно платени реализираните услуги на ЈКП “Брегалница” Делчево побарувани од страна на градоначалникот на Делчево Делчево, што паѓа на терет на комуналното претпријатие кое што го предлага ова поскапување на тарифата на водата и канализацијата. Ова прашање е релевантно за секоја наредна ревизија во комуналното претпријатие а е релевантна политичка тема која што во контекст на предвиденото поскапување е потребно да се наметне за обезбедување на финансиска стабилност на претпријатието која не треба секогаш да биде на грбот на граѓаните.
На ваквото поскапување на цената на комунални услуги се надоврзува и планот за вработување на нови 11 лица во ЈКП “Брегалница” во Делчево предвиден за истата седница чии што бруто плати повторно ќе паднат на грбот на граѓаните. Особено е сомнителен делот што овој план за вработување доаѓа пред претстојните избори кога има огромен притисок за партиско вработување и излажани голем број на делчевчани од страна на локалните власти на СДСМ.
Аргументот дека ако не се одобрат предвидените поскапувања на тарифата за вода и канализација ќе се доведе до проблеми со ликвидноста на работењето на ЈКП “Брегалница” Делчево е во најмала рака неодговорен, затоа што решение на овој проблем мора да се бара во внатрешна рационализација на работата на претпријатието и кратење на непродуктивните трошоци но не на сметка на квалитетот на услуги на граѓаните, кој што квалитет во минатото гледаме дека не е задоволителен.
Дали советниците во делчевскиот Совет од чиј што глас зависи донесувањето на овие одлуки ќе дозволат продлабочување на сиромаштијата за делчевчани за наредната 2024 година останува да проследиме на претстојната седница на Советот на општина Делчево закажана за среда 29.11.2023 година со почеток во 10.00 часот. Но едно е сигурно: Граѓаните на Делчево во 2021 година НЕ ГЛАСАА ЗА ДОНЕСУВАЊЕ НА ВАКВИ ОДЛУКИ ЗА ИНСТИТУЦИОНАЛЕН ГРАБЕЖ НА НАРОДОТ!
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Европска недела на мобилност – дебата за сообраќајните предизвици во Кочани
Програма за 33. Издание на манифестацијата „Денови на кочанскиот ориз“ 2024
Одржана традиционалната ликовна колонија „Св. Пантелејмон“ во Кочани