На денешен ден, 3 мај, 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца Министерството за просвета го озакони првиот правопис на македонскиот јазик.
Развојот на денешната македонска азбука датира уште со појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилица и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем. До 10 век македонскиот јазик користел различни други писма, како што е грчкото писмо или некои сè уште недешифрирани писма, но со појавата на глаголицата се стандардизирала писменоста.
Од крајот на XVI век говорниот македонски јазик почнал да се јавува во пишана форма, иако неговата современа стандардна верзија е утврдена дури во 1945. Низ историјата македонскиот јазик се запишувал со следните писма:
Глаголица – ранохристијанска азбука,
Кирилица – или позната како старомакедонска азбука или црковномакедонска азбука,
Илинденска азбука – кирилична поупоростена верзија,
Македонска преродбеничка азбука – кирилична упоростена верзија,
Македонска абецедарска азбука – латинична македонска азбука.
Нашиот великан Блаже Конески, чијшто заслуги за создавањето на македонската азбука и кодификацијата на македонскиот јазик се огромни, во една пригода рекол дека „Јазикот е нашата најкомплетна татковина“.
Со решение на АСНОМ од 2 август 1944 година, донесено во манастирот Прохор Пчински, македонскиот јазик беше заведен како службен јазик на македонската држава.
Усовршувањето и приспособувањето на македонскиот пишан систем и постепено поедноставување на црковномакедонското писмо започнало во XIX век со појавата на поедноставната илинденска азбука, која, пак, довела до оформување на македонската преродбеничка азбука за на крај да се создаде стандардната македонска азбука.
Во XX век имало и обид за запишување на македонскиот јазик и со латинична азбука, т.н. македонска абецедарска азбука, која не зела широки размери и останала на локално ниво во Егејска Македонија.
Најбогатиот период во поглед на развојот на стандардната македонска азбука е периодот на преродбата, поточно од средината на XIX век до почетокот на XX век. Во овој период голем број македонски интелектуалци вршеле реформи за поедноставување на македонската илинденска азбука и со тоа стандардизирање на македонскиот правопис.
Современата македонска азбука се темели на кириличната азбука на Крсте Петков Мисирков, а некои ортографски знаци се преземени од азбуката на Вук Караџиќ иако Крсте Петков Мисирков користел знаци за истите тие гласови. Од азбуката на Вук Караџиќ се прифатени графовите за буквите љ, њ и џ, а сите останати специфичности се според препораките на Мисирков. Истите букви присутни се и во азбуката на Крсте Петков Мисирков, но со графички симболи л’ и н’. Важно е да се напомне дека од азбуката на Вук Караџиќ се прифатени само графовите за буквите, но не и гласовите кои на овие графови им соодветствуваат во истата азбука.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Пијанец- Малеш имаат со што да се гордеат: Богатството со квалитетна модра слива е силен предуслов за одржлив рурален развој на регионот
Црква “Св.Архангел Михаил” од село Драмче била најшарена црква во своето време
Бошко Смаќоски: Толкување на болката