Здружението на наставници по Македонски јазик во светот “Учиме Македонски” во чии состав се голем броj наставници и професори од целиот свет активно го пренесуваат македонскиот јазик на своите ученици, веќе неколку години. Здружението посветено работи на промовирање на македонскиот јазик и култура во светот, во Австралија преку Европа се до Северна Америка во континуитет веќе неколку години.
За таа цел, во пресрет на 24 мај – Денот на сесловенските просветители,
Св. Кирил и Методиј под мотото:
,, Вашата мисија е сонце кое не огрева сите , мисијата ваша – наш залог за иднината“
членови на здружението подготвија видео запис со најубави стихови посветени на светите браќа Кирил и Методиј, кои ги изведуваат учениците кои учат македонски јазик ширум светот.
Mисијата на нашите просветители Св. Кирил и Методиј е од големо значење . Токму со таа мисија создадоа светлина во мракот, ги создадоа буквите, го описменија народот да може лесно да пишува, чита, комуницира на разбирлив јазик. Свети Кирил го создаде автентичното писмо, првото словенско писмо, глаголицата, што одговарало на гласовниот систем на словенските македонски говори кои влегле во основа на старословенскиот јазик. Писмото е обединувачко, се темели на повеќе претходни, но претставува авторско дело на Кирил, кој, како искусен филолог, можел до детаљ да ги разликува сите гласови во овие говори и за сите да направи посебен знак. Употребата на глаголицата била пренесена во Моравија, а ова писмо како почит кон прво-учителите и продолжување на традицијата, го користел и Климент Охридски, главниот следбеник на кирило-методиевската дејност во Македонија, во Охридската книжевна школа.
Ги слави целиот свет, нивните дела се важни за целата цивилизација. За нив се напишани десетици илјади книги и тие се најсветли обрасци на македонската историја и идентитет. Свети Кирил и Методиј го зацртаа патот на развој на православието, ја раширија писменоста и несомнено нивните дела се трајна вредност во светската културна ризница.
„ Зар не паѓа дожд од Бога на сите подеднакво? Или сонцето не свети за сите, исто така? Зар не го дишеме воздухот сите еднакво? Како тогаш не се срамите да признаете само три јазика, а за сите други народи и племиња сакате да бидат слепи и глуви? Дали Господ го сметате толку бессилен тоа да не може да го даде, или завидлив, па тоа да не го сака?“
Со овие зборови Константин филозоф, подоцна прославен со калуѓерското име Кирил, во 9 век го бранел словенскиот јазик пред т.н. тријазичници кои тврделе дека само латинскиот, грчкиот и еврејскиот се свети јазици со кои може да се богослужи. Го обвинувале за ерес зашто го вовел словенскиот јазик меѓу привилегираните, кои тој статус го заслужиле зашто биле испишани на крстот на Исус.
И ние денес ја продолжуваме нивната мисија, нивната борба за зачувување на нашиот македонски јазик. Јазикот е нашиот најпрепознатлив белег преку кој се идентификуваме како посебен народ во светот. И нашите ученици кои земаат учество во овој проект се како сончеви зраци кои отвораат светла патека со порака да се сака, негува и чува мајчиниот македонски јазик. Јазикот треба да е нишка на меѓусебно поврзување, почит кон она што го оставиле нашите предци.
На сите Македонци ширум светот им го честитаме овој светол празник и посакуваме уште многу нови ученици кои со голема љубов ќе го учат и на тој начин чуваат македонскиот јазик како аманет.
Во името на Здружението на наставници по Македонски јазик во светот,
од тимот кој учествуваше во креирањето на ова видео:
Гордана Димовска од Австралија,
Вeсна Дамчевска од Австралија,
Анастасија Нејман Гашко од С.Р. Германија,
Ана Тимовска – Митрева од Швајцарија
Бранкица Богатинов од Хрватска,
Ивана Брезовец од Хрватска и
Кирчо Анастасов од Македонија
Честит 24 мај, Денот на македонските и сесловенски просветители Свети Кирил и Методиј.
1161 година од создавањето на глаголицата.
СЛИЧНИ ОБЈАВИ
Силвестер Сталоне го спореди Доналд Трамп со ликот на Џорџ Вашингтон неодамна во својот говор во Мара Лаго
Оваа наставничка е расадник на Македонизмот во Хрватска: Води настава со десетици дечиња од Хрватска и Македонија каде се изучува Македонскиот јазик
Обединетите Арабски Емирати со драстични контра мерки против Франција за апсењето на Павел Дуров