БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Наше интервју со Јана Јосифоска- Новинар: Новинарството е борба и љубов, а не его и себепромоција

HTML Image as link Имате потреба од нов веб сајт?
An image from Squarespace
Пренеси го гласот

Помеѓу чеканот и наковалната. Помеѓу идеалите и реалноста… Само така може да се окарактеризира новинарската работа во Македонскиот медиумски простор. Од една страна стои новинарот со неговите морални принципи, знаење, минато искуство и потреба од нај човечка природа да ја пренесе вистината во јавност. А од друга страна….

Нејзе ја гледаме на телевизиските екрани на најпопуларната дебатна емисија на националната телевизија Канал 5, во ударен термин со најголема одговорност пред гледачите и граѓаните. Секој нејзин збор е одмерен, внимателно обмислен кој “гаѓа” директно во целта со највисоко ниво на професионалност и достоинство со една спокојна и релаксирана атмосфера, што е своевиден предизвик во политички дебатни емисии во Македонија. Нејзе не и’ недостига дрскост, не и недостига храброст да се фати во костец со едни од најмоќните (по функции) луѓе во државата за прашања кои што се од особена важност за јавноста и граѓаните. Но таа знае и да ја модерира емисијата во клучни моменти за да не премине во непосакуван правец.

Јана Јосифоска е новинарка од релативно помладата генерација на Македонски новинари. И токму затоа таа е необременета од агенди надвор од новинарската етика и стандарди, што е нејзина огромна предност наспроти мноштво поединци кои се декларираат за новинари а во суштина одработуваат нечии агенди, обременети со своето минато.

HTML Image as link НЕТКРИЕНО БОГАТСТВО ОД ТРАДИЦИЈА, ПРИРОДА, ИСТОРИЈА...
An image from Squarespace

Нејзиното единствено оружје е вистината но и рафинираниот новинарски речник и стил на изразување. Иако е врвен професионалец во новинарската работа, нејзе не и’ недостига милозвучен народен стил на изразување близок и разбирлив за сите слоеви од општеството. Не случајно емисијата “Само вистина” е најпопуларната дебатна емисија што е заслуга на нејзе и се разбира и останатите колеги кои што како да се надополнуваат еден со друг во начинот на комуникација со своите гости и со јавноста давајки богата шареноликост на “Само вистина”, што не е случај со други дебатни емисии.

Строгата и високо стандардизирана уредувачка политика за овие луѓе не е рамка, туку силен простор за изразување на строги и концизни прашања за добивање на вистинските одговори од најголема важност понекогаш и од егзистенцијална природа на граѓаните. Но Јана Јосифоска некако е поразлична по својот лирски израз што дава еден посебен народен призвук на својот новинарски наратив. Нејзината љубов од најмлада возраст кон пишаниот збор сигурно си има свој удел во оваа нејзина карактеристика која дава убава димензија на дебатните емисии во кои настапува.

Силно ги почитува своите колеги со кои преферира комуникација без лицемерие се’ во интерес на добрата колегијална средина за работа и успеси, што е како појава реткост во вршењето на јавни дејности во последните години.

Нејзината временски ограничена агенда исполнета со работни обврски не наштети на брзината на одговор на нашите поставени прашања и високото ниво на професионалност и елоквентност… баш напротив… за што искрено благодариме.

Во повеќе одговори на Јана на нашите прашања може да сретнеме термини како идеали, професионалност, вистина, правичност, независност…

Па така сите оние кои ги вреднуваат овие вредности добро би било да го прочитаат ова интервју повеќе пати.

Прашања:

1. Брегалнички Портал: Дали новинарите имаат право на личен став пренесен во јавноста, во кој обем/начин и со каква цел?

ЈЈ: Новинарите, како и сите други луѓе, имаат свои убедувања и мислења. Но ставовите и мислењата на новинарите не смеат да влијаат врз објективното информирање на публиката. Постојат одредени новинарски производи каде што тој може да биде изразен, со нагласување дека е личен став за одредена тема – уреднички или новинарски коментар, репортажа и слично. Секако, многумина од новинарите ги пренесуваат своите лични ставови на социјалните мрежи. Но новинарските извештаи треба да бидат ослободени од лични мисења, само факти. Задача на новинарите е да ја бараат вистината, да отвораат прашања и бараат одговори за општествени теми и политики, да се коректори во општеството, а не ширачи на пропаганда за свои или туѓи цели.

2. Брегалнички Портал: Според твое досегашно искуство и впечаток дали во Македонскиот медиумски етер постои рециклирање на нечии агенди со цел за да бидат пласирани во форма на новинарски ставови и анализи во јавност?

     ЈЈ: Секогаш имало и ќе има вакви обиди од различни поединци или структури, за жал. Поентата е тоа да се препознае и да се отфрли, да се остане професионален и отпорен.

3. Брегалнички Портал: Дали професионалното новинарство е под закана на појавата на самоцензира на новинарите во Македонија па и во пошироки рамки? Поради кои причини се појавува потребата за самоцензира кај новинарите? На кој начин да се бориме против оваа појава?

ЈЈ: Тоа е константна борба. Живееме во тешки времиња, бројни извештаи и дома и од меѓународни институции покажуваат дека насилството, заканите и притисокот врз новинарите често доведуваат до самоцензура, ограничувајќи го просторот за професионално известување. Потребно е да се зголеми безбедноста на новинарите и медиумските работници која им овозможува да ја вршат својата работа, ја штити слободата на изразување, а во исто време поттикнува разновидно и балансирано известување за прашања од јавен интерес. Секако и подигање на свеста за улогата на новинарите во едно демократско општество и зголемување на медиумската писменост.

4. Брегалнички Портал: Како граѓаните да препознаат автентичен новинарски текст наспроти медиумска пропаганда?

ЈЈ: Извештаите треба да бидат непристрасни, балансирани, со златното правило – да се застапени сите инволвирани страни од приказната. Изворите на информации треба точно да се именувани, заедно со функцијата или местото од каде што доаѓаат. Во автентичните новинарски производи нема намерно наведување на публиката во погрешна насока или навивачки наратив. Да се направи проценка од каде и со која цел доаѓа информацијата. Да се понудат различни гледишта, а не само еден аспект. Во случајот на ТВ новинарството аудиовизуелни техники кои ќе ја поткрепат информација, а не да ја манипулираат публиката.

5. Брегалнички Портал: Верувате ли во вистинска слобода и независност на новинарството во Македонија и зошто? На кој начин тоа може да се постигне?

ЈЈ:  Надежта последна умира, нели. За ова прашање има многу фактори, покрај поривот на новинарот, уредувачката политика на медиумите, финансирањето, вклученоста на новинарските здруженија. Доколку се сака се` се може, со волја и истрајност, а не само различни бизнис интереси.

6. Брегалнички Портал: Има ли новинарот право да се брани медиумски доколку е нападнат од одреден општествен чинител или поединец?

ЈЈ: Апсолутно. Особено ако станува збор за напади од партии, политичари или моќни поединци кои сакаат да ги заплашат или замолчат новинарите со различни уцени, закани или тужби. Има случаи кога колеги неосновано се малтретирале по судови, само затоа што си ја работеле својата работа, но и кога колеги меѓусебно се напаѓаат. Тоа мора да запре.

7. Брегалнички Портал: Кажи ни нешто повеќе за себеси. Како дојде до решеноста да се занимаваш со новинарство/првични мотиви, предиспозиции?

ЈЈ: Пораснав во семејство во кое се читаше многу литература и весници, се дебатираше за различни општествени теми и состојби. Од мали нозе имав љубов кон пишаниот збор и секаков вид на уметност, која ми ја пренесоа моите родители, за себеизразување на некаков начин. Сакав да пишувам, читам, да направам промени на подобро, „да ми се слушне гласот“. Темпераментот и карактерот продонесоа за тоа. Никогаш немав дилеми, се запишав на студии по новинарство, па потоа магистрирав на политички науки. Мојата првична желба беше да известувам и да се бавам со култура, но животот ме однесе во сосема друга насока. Така, го избрав новинарството.

8. Брегалнички Портал: Колку беше тешко да направиш животна транзиција од Кичево во Скопје?

ЈЈ: Тешко, како и секој сосема нов почеток. Впрочем како и на секој студент од внатрешноста што на 18 години го напушта својот дом и животот што дотогаш го имал. Навикнувањето е тешко, но кај мене за среќа, беше брзо. Имав прекрасни луѓе околу мене, другарки, другари, колеги. Сепак, осамостојувањето на помлади години ми помогна многу подоцна, да станам независна, издржлива, храбра.

9. Брегалнички Портал: Дали после ова искуство кое го имаш може да заклучиш дека ти се исполнети тие првични очекувања од твојата професија?

ЈЈ: Секогаш може подобро. Има голема разлика помеѓу работа во пишан медиум или телевизија. Искрено, очекувањата и визијата за новинарството што ја учиш во книгите на студии е сосема различно од новинарството во пракса. Јас влегов со многу идеали во новинарството, па подоцна се судрив со реалноста. Искрено, имало тешки периоди, кога сериозно сум размислувала да си заминам од професијата. Но, ете ме. Основите и принципите по кои се водам остануваат исти, така што веројатно, да.

10. Брегалнички Портал: Работите во една од најголемите и најзначајни медиумски куќи во државата. Како е работната атмосфера, споделете еден ваш просечен работен ден на работното место?

ЈЈ: Секој ден е исполнет со различни предизвици. Некогаш уште рано наутро агендата со настани е полна, па согласно договореното на утрински колегиум, или претходен договор со уредник, важно е да се покријат настаните, теми кои се во интерес на јавноста и од каде може да извлечеме информација и да се сними материјал. Вестите се приоритет и постојано сме во трка со времето да се стигне навреме или со некоја ексклузивна информација пред другите. Се разбира во ТВ покрај новинарите и уредниците, во подготовката на вестите неизоставен дел, се и снимателите, монтажерите, реализаторите, колегите од режија… Има и тешки денови за известување, но важно е да се продолжи напред. Ние сме уигран тим, се помагаме и поддржуваме.

11. Брегалнички Портал: Можете ли да направите споредба на новинарска работа во голем медиум како што е Канал 5 и некој помал медиум со помал број на вработени? Кои се според вас разликите помеѓу двете овие опции? Каде еден новинар може себеси да се артикулира и етаблира подобро во фелата, во однос на заработка но и од аспект на креативна слобода и ефект на општествено влијание во јавноста?

ЈЈ: Разликата е голема, особено како дел од Канал 5 која е една од највлијателните и најгледани телевизии. Пред се одговорноста за информирањето која е огромна, токму заради публиката која ви ја дава довербата. Една сериозна грешка што отишла во етер, може да направи штета. Затоа, потребна е огромна внимателност и професионалност. Тука е и притисокот со времето или самата сериозност на темите кои ги работиме. Околу етаблирањето во фелата, сум заклучила дека секој сериозен новинар на различен начин избира како да се етаблира и во каков медиум.

Новинарството не е професија од која ќе се збогатите, но е зависност без која тешко можете.

12. Брегалнички Портал: Гледачите на тв екраните може да Ве видат во една од најпопуларните дебатни емисии во Македонија. Кој од Вашите гости Ви оставил најдобар впечаток во однос на неговите ставови, начин на изразување и дебатирање?

ЈЈ: „Само вистина“ со години е убедливо најгледана дебатна емисија кај нас. Со тоа расте и одговорноста и предизвикот. Со оглед на тоа што најмногу третираме политички прашања и теми, а кои секако се поврзани со целиот општествен систем и функционирање, се обидуваме да имаме што поразлични гости и мислења кои имаат право да се слушнат. Би било неблагодарно да именувам поединечно личности кои кои ми оставиле впечаток, но генерално можам да кажам дека тоа се дел од аналитичарите, политичарите од „стариот ков“, доктори, професори и интелектуалци кои не зависат од партиска агенда.

13. Брегалнички Портал: Дали постои криза во т.н. меинстрим класични медиуми (ТВ, радио и печатени весници)? Дали Македонските класични медиуми успешно се снаоѓаат во напливот на новите трендови на пласирање на вестите и информациите преку социјалните мрежи и интернет порталите? Што е тоа што според тебе би можеле да го направат дополнително телевизиите, радијата, весниците за да успешно парираат на медиумското влијание на социјалните мрежи?

ЈЈ: Да, социјалните мрежи се де факто голем предизвик за меинстрим медиумите. Особено за придобивање на младата популација, која речиси воопшто не гледа ТВ или други класични медиуми или многу ретко тоа и е извор за информирање. Но знаете како, еден мој професор на факултет често велеше: „Кога се појави телевизијата луѓето мислеле дека радиото ќе исчезне, но се покажа дека не е така“. Иако порталите и мрежите имаат далеку побрз начин на пренесување вести, сепак според некои анкети граѓаните барем еднаш во денот сакаат да изгледаат ТВ дневник или дебатна емисија, им веруваат на вака пренесените и разработени вести. Во однос на парирањето, мислам дека и класичните медиуми веќе сфатија дека мора да ги има и на социјалните платформи, па се повеќе се застапени со објавување на информациите преку нивните веб портали, стримови на вестите и емисиите во живо, исечоци и најави за нив…

14. Брегалнички Портал: Што ќе им порачаш на своите колеги од твојата редакција, на сите заедно или на секој посебно?

ЈЈ: Тоа што имам да го кажам, секогаш им го кажувам лично и на сите заедно и на секој посебно и обратно, претендирам и тие мене. Но ако треба да испратам порака и од тука: колегијалност и професионалност пред се, да се борат за вистината и правичноста, да се справат со притисокот од работата и да останат луѓе пред се, со принципи и вредности. Не ги гледам колегите како ривали туку како соработници. Новинарството е пред се тимска работа, успехот на еден е успех за сите.

15. Брегалнички Портал: Што мислите за последните измени на Законот за медиуми кои беа донесени во првиот квартал од 2025 година, особено за третманот што интернет порталите го добија со овие измени? Дали тие измени ќе допринесат за развој на професионалното новинарство и квалитетот на новинарската професија во Македонија?

ЈЈ: Па, секој чекор напред кон професионализација е добар, но прашање е дали е доволен. Во државава имате интернет портали кои се сериозни, професионални и се фактор во општеството. Од друга страна имате портали кои само препишуваат и „крадат“  текстови од други медиуми, домашни и странски. Колку пати само сум видела мој текст на некој непознат портал, без наведен извор на информација. Или пак уште полошо, оние што се креирани само за ширење на партиска пропаганда. Мислам дека освен регулирањето на бројот на вработени во порталите, мора да се воведе некаков законски ред за професионални критериуми и новинарски стандарди. Не може да се исто оние кои продуцираат сопствени вести, теми, следат настани и работат професионално и оние кои само копираат и пропагираат.

16. Брегалнички Портал: Дали еден ден можеме да ја видиме Јана како главен и одговорен уредник на свој независен медиум?

ЈЈ:  Ако сме реални,  многу е тешко кај нас од корен да се основа и да заживее сериозен и независен медиум. Да бидам искрена, тоа е огромен предизвик и треба голема решителност и истрајност. Во моментов не се гледам таму, но здравје, секогаш се водам од пораката „Никогаш не вели никогаш“.

17. Брегалнички Портал: Која е твојата порака до помладите новинари или оние кои се одлучуваат во моментот дека во иднина ќе се занимаваат со новинарство?

ЈЈ: Да веруваат во своите идеали, но и да научат да се адаптираат на предизвиците кои ги носи оваа професија, а не секогаш се лесни. Професионални и независни, да се обидуваат да се подобра верзија од себе, да се надоградуваат со новинарски принципи, морални вредности и интегритет. Новинарството е борба и љубов, а не его и себепромоција. Многу луѓе, притисоци, подеми и падови ќе дојдат и ќе заминат, чистиот образ останува.

Креирано од:


Пренеси го гласот
HTML Image as link Интернет портал за афирмација на земјоделието
An image from Squarespace