БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Наше интервју со Беседа: “Слушајте искрена музика со здрави вредности”

Пренеси го гласот

“Беседа” се постпандемиски бенд на кој што не му фали музичко искуство судејки според звукот и музичкиот израз. Нивните нумери се одлика на зачмаеноста на ова збунето и дезориентирано општество, каде поединецот е исправен пред неговиот најголем непријател- неговото сопствено ЈАС. Психолошките моменти на воспоставување на контакт и општење на човекот со општеството е со нарушена врска на нормала во односи кои што мутираат во нешто досега невидено и во најмала рака чудно. Tокму тој момент во музиката на “Беседа” се чини е пресуден за да им даде шмек кој што досега не е слушнат на Македонското музичко небо во звучна нарација која буди љубопитство на прв поглед, но и отвара чакри за посуштински дилеми.

“Беседа” е олицетворение на новото време во музичка смисла која дефинира своевидна база за понатамошен уметнички развој за самите нив но и наредни музички генерации. Не многу бендoви од Балканот имале потенцијал да бидат основоположници на идниот развој на музичките парадиgми во околината во која егзистираат. А “Беседа” е токму таков бенд.

Во пресрет на нивниот настап на претстојниот Рудар Рок Фестивал кој што ќе се одржи во Пробиштип на 25 Август, остваривме контакт со членовите на овој кумановски рок состав и им поставивме неколку прашања за “инает” на споменатата зачмаеност и безидејност на ова наша чудна реалност. Нивните одговори во продолжение:

1. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Претставете се на пошироката публика. Кои се луѓето кои стојат зад “Беседа”, колку време постоите, кој беше мотивот да ја започнете оваа музичка приказна?

>>Беседа<< БЕСЕДА е формирана во периодот кога настана светската пандемија во 2020 година, значи до сега тоа се 3 години постоење. Создавањето на екипата ни одеше многу лесно, зашто практично свириме цел наш живот по различни бендови и сме веќе со одредено музичко пред-искуство што би се рекло, и решивме да отпочнеме нешто што нема да е налик ниеден друг бенд што го знаеме или пратиме во нашите секојдневни додири  со музиката. Бендот го сочинуваат Андреј Мициќ на тапани и пратечки вокали, Мирослав Јаневски главен вокал и бас гитара, Немања Златановски и Гордон Величковски на гитари.

2.БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Негувате специфичен музички израз би рекле различен од се досега што го има видено Македонската андерграунд музичка сцена. Кои се вашите влијанија и инспирација кои се дел од вашиот личен музички ген? Како што би ја дефинирале вашата музика?

>>Беседа<< Музиката, за нас пред се, е форма на изразување и искажување на емоции. Процесот на отпочнување на некое парче музика секогаш започнува од одредени наши, внатрешни инспирации, кои ги доживуваме и кои ни се наметнати од овоа наше чудно општество. Генерално, преку музиката го опишуваме човекот како единка, со сите негови позитивни и негативни страни и целта ни е да допреме до секое живо суштество и на некој начин да го подучиме човекот за тие негови светли и темни страни преку БЕСЕДА(рење) во музички израз. Некои конкретни музички примери со кои би се поистоветиле би биле, Kyuss, Monolord, Mastodon, но кога би почнале вака да ги набројуваме би немало крај. Така да претежно имаме влијаниа од многу различни музички правци и сите тие музички бранови гледаме да ги преточиме во нешто ново, во нешто наше, кое не би можело да се сврсти во некој  конкретен жанр, но ако веќе зборуваме за жанр, може слободно да кажеме дека би се сврстиле во некој си Stoner/Desert Rock, Progressive/Doom Metal.

3.БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Кажете ни нешто повеќе за вашето досегашно музичко творештво: синглови, албуми, изданија, видео записи?

>>Беседа<< Моментално работиме на истражување на звук во едно студио во Скопје каде што сме во план да го наснимаме нашиот прв албум, но тоа за сега е во почетна фаза и не би имал некој дополнителен коментар околу тоа. Бидејќи е многу тешко да се дојде до некој свој уникатен звук ние сме спремни да го посветиме нашето време максимално како би дошле до нешто приближно ново, нечуено на овие наши простори. Во меѓувреме додека се работи на звукот има голема шанса да се издаде некој сингл како некоја мала најава за тоа што би се нашло во самиот албум. Имаме еден Live Session што го снимивме во Скопје со соработка со Даме Јовановски од Minstrel’s Gallery и тој практично креира видео записи од живи изведби на бендови од цела Македонија, каналот се вика Nana Sessions, таму сите заинтересирани можат да го погледнат тој видео запис од нашиот настап.

4. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Кажете ни нешто повеќе за вашите досегашни живи настапи. Какво е чувството да се свири во клубска атмосфера пред неколку десетици публика а какво е искуството да се настапува на отворен простор пред повеќе стотици/илјади публика?

>>Беседа<< Досега имаме настапувано претежно по клубови пред 100тици луѓе, но исто така имаме настапувано и на Д-Фестивалот во Дојран две години по ред, каде што беше малку побројна публиката, но чувството да се настапува е секаде исто, дали било тоа пред 10, 50, 100 или 10000 луѓе, сензацијата е секогаш иста, целта ни е да пружиме иста енергија каде и да настапуваме. Мислам дека најбитно е, ние како музичари да имаме ист енергичен однос со публиката каде и да се наоѓаме, на какво и да било место да се настапува. Целта е таа, да се одржи богата и успешна БЕСЕДА.

5. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Има ли во Македонија развиена андерграунд музичка сцена? Има ли интерес од страна на специјализирани продукциски/промоторски екипи за работа со бендови како вашиот во Македонија.

>>Беседа<< Андерграунд сцената постои тука е, ја има, демнее.. но секогаш го има тој момент на “AMA”. Под “AMA” се подразбира токму тоа, не доволната поддршка од специјализираните продукциски/промоторски екипи, кои секогаш гледаат да се во тек со случувањата на светската музичката сцена, и воопшто да не обрнуваат внимание на тие некои скриени таленти кои само чекаат да бидат откриени и да блеснат. Во моментов можам да кажам дека има некоја иницијатива од некои помали издавачи и луѓе индивидуалци односно екипа на луѓе кои функционираат во организирање на настани во сферата на андерграунд музиката. Тоа е сепак многу спор процес, бидејќи тие луѓе се препуштени на самите себе и вадат од својот сопствен џеб, за да пробат нешто да направат за андерграунд сцената. Голема почит до тие луѓе, секоја чест на нивниот подвиг и им посакувам многу успех и среќа во тоа што го работат. Има надеж и за нас обичните андерграунд уметници, само ние треба да продолжиме да се држиме заедно и да работиме, и никако не смееме да се откажуваме од својата мисија, затоа што секогаш ќе има млади луѓе кои ќе сакаат да го продолжат овој бран на независна слободно-умна музичка движечка сила.

6. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Какви ви се амбициите за излез на странски пазар?

>>Беседа<< Тоа е многу тешко прашање, но ние сме спремни да вложиме многу за да пробаме да се пласираме на странскиот пазар. Пред све идејата е да се промовира албумот во најдобро светло, за почеток во Македонија, а потоа можеби и некаде на страна. Тоа е многу релативно, бидејќи можностите кои ги имаме тука се добри само за внатре во Македонија, и евентуално кај нашите соседи, ако би сакале малку повеќе да за заангажираме на странскиот пазар тука ќе мора малку поозбилни планови да се кројат и малку по сериозен буџет да создаде бендот.

7. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Како стоите со соработката со други бендови од Македонија или странство?

>>Беседа<< Имаме супер соработка со бендот од Врање, Србија Cardinal Point, тие се наши долгогодишни пријатели и имаме заеднички свирки како во Србија така и во Македонија. Конкретно соработка немаме некоја во смисла на колаборација или снимање заедно, но имаме делено сцена со доста наши музички имиња од андерграунд сцената.

8. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Каде го гледате бендот “Беседа” во наредните 5 или 10 години?

>>Беседа<< Се разбира, се гледаме со веќе издаден и трет албум и 5 спотови здравје, се надевам дека тоа би можеле да го оствариме, зошто да не. А за некои 15 години највероватно се гледаме на некој престижен светски фестивал.

9. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Ваша лична порака до читателите на нашиот интернет портал.

>>Беседа<< Слушајте искрена музика, не слушајте глупости од тип на модерната светска музика, тоа е се лоша пропаганда која го труе и заразува човечкиот мозок и го прави игнорантен и рамнодушен на вистинската музика со прави и здрави вредности. Останете живи, здрави, сакајте се, и не дозволувајте веле-силите на музичката индустрија да ви наметнуваат нереални слики и звуци за нивна така наречена модерна идеологија.

Креирано од:


Пренеси го гласот