БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

Наше ИНТЕРВЈУ со “ПРВ РЕД”: Ветуваме енергија, адреналин и посветеност на сцената на Рудар Рок Фест на 25 август во Пробиштип

Пренеси го гласот

За да бидеш како креативец активен во два музички бендови е особено напорна работа која бара многу жртви. Во минатото дел од членовите на бендот “Прв Ред” биле дел и од бендот “Крпен Живот” во рамки на рок сцената која што успева да одолева на секакви закани од шунд и кич некултурата повеќе од една деценија наназад. Современиот живот овозможил на четворката од “Прв Ред” да изнајдат своја музичка дефиниција како дел од глобалниот рокендрол феномен, но сепак со своја лична специфика и доем. Нивните песни се искрени, директни, бескомпромисни. И веројатно затоа будат чувство на припадност кон една повисока цел во едно поголемо семејство кое стои на маргините од меинстрим културата, но сепак е тука и клоца.

Добрата забава, која ја нуди нивниот рокенрол содржи своја додадена вредност на фузија со повеќе влијанија кои што можат да се наслушнат во песните од нивниот прв музички албум “Само најсилните преживуваат”, така што звучи интересно нивната музичка приказна за секој фан на суровиот панк-рок звук пренесен во денешницата.

Доминантно место во процесот на создавање на нивната музика имаат нивните внатрешни чувства, околината во која егзистираат како и друштвото, најблиските, така што во целина нивната музика е реплика на поедини сегменти од секојдневниот живот на членовите од “Прв Ред”.

Како лојални пробиштипјани тие ќе ја бранат бендовската чест на помалите градови пред публиката на мултинаменското игралиште на деветиот Рудар Рок Фест кој ќе се одржи на 25 август во Пробиштип, а она што го ветуваат (иако не се политичари) се енергија, адреналин и посветеност.

Во продолжение го пренесуваме нашето ексклузивно интервју со членовите на бендот “Прв Ред”:

1. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Каде завршува приказната за “Крпен живот” а каде започнува онаа за “Прв ред”? Како се случи да го промените својот музички бренд? Кажете ни нешто повеќе за почетоците на “Прв ред”

<<ПРВ РЕД>> Прв Ред постои уште од септември 2010 година, кога се уште беа активни и Крпен Живот. На почетокот бевме само 2/3 од Крпен Живот во Прв Ред, со уште тројца други членови. Не станува збор за промена на музички бренд, двата бендови се посебни и беа активни неколку години истовремено.

2. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Како би ја оквалификувале вашата музика? Влијанија, инспирација, жанровска припадност?

<<ПРВ РЕД>> Нашата музика ја нарекуваме „хулигански рокенрол“, бидејќи  имаме секаква мешавина на разни правци, иако позадината е панк-рок. Влијанијата се исто така од разни бендови и правци во рокенролот: панк-рок, ои!, хард рок, хеви метал, хардкор.

3. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Колку песните на “Прв ред” имаат уметност а колку идеологија? Што е она што е ваша движечка сила при креирање на песните?

<<ПРВ РЕД>> Движечка сила при креирање на песните ни е нашето секојдневите што го живееме, и луѓето околу нас, нашите најблиски, фамилиите и екипата.

4. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Како изгледа еден процес за создавање на една песна или цел албум на вашиот бенд?

<<ПРВ РЕД>> Прв Ред моментално има издадено само еден албум со 12 песни, додека уште пред 10 години имавме речиси готов материјал за втор албум на кој се уште работиме, значи тоа се 12 нови песни. На страна од овие 24 готови песни веќе имаме и најнови 12 текстови кои чекаат да ги склопиме со музика.

5. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Дали според вас музиката има капацитет да може да го промени општеството?

bregalnickimarketing

<<ПРВ РЕД>> Секако дека има, само за жал погрешни музички правци влијаат на денешната младина и затоа сме во таква ситуација. Неквалитетни пејачи, пејачки, диџеи, бендови итн. На оваа денешница и младина им треба многу повеќе рокенрол.

6. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Ваш став во однос на состојбите со Македонската андерграунд сцена, низ минатото и денес? Што е она што треба да се случи за да работите се сменат на подобро?

<<ПРВ РЕД>> Од македонска андерграунд сцена сме следеле и ја следиме само рокенрол сцената, која во минатото беше многу поголема. Како што реков младината се упатува во погрешен правец, и она што треба е што повеќе рокенрол бендови и концерти или фестивали.

7. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Што може публиката на 25 август во Пробиштип на 9-то издание на Рудар Рок Фест да очекува од вас?

<<ПРВ РЕД>> Најдоброто од нас! Eнергија, адреналин, посветеност.

8. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Каде се гледате себеси после 5-10 години?

<<ПРВ РЕД>> На ова може да одговорам само каде би сакале да се гледаме, а тоа е со неколку нови албуми, и солиден број концерти во Македонија. За надвор од Македонија моментално немаме време, не пак за 5-10 години.

9. БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ: Ваша порака за нашите читатели?

<<ПРВ РЕД>> Да слушаат вистинска музика, да слушаат РОКЕНРОЛ.

Креирано од:


Пренеси го гласот