Не постои човек а ни пушач кој не знае дека пушењето е штетно за здравјето, но и за околината. Некои поради тоа избираат да се држат подалеку од овој порок, но често луѓето продолжуваат да уживаат во секој дим.
Фрапантни се податоците дека Македонија се наоѓа на второ место во Европа по бројот на пушачи и дека скоро половина од населението е зависно од пушењето.
Од друга страна, денес сè повеќе пушачи се обидуваат да се откажат од цигарите. Дел од нив заради финансиите, а дел поради тоа што сакаат да го заштитат своето и здравјето на своите најблиски.
Одберете една или пробајте ги и двете вежби ако сакате да се откажете од овој порок и да се посветите на вашето здравје:

Прва вежба
Кога ќе почувствувате потреба за цигара, излезете на свеж воздух.
- Исправете се и опуштете се.
- Вдишете длабоко, задржете го воздухот 3 до 5 секунди.
- Бавно издишете.
- По издишувањето почекајте 3 до 5 секунди и вдишете повторно.
- Повторете 10 пати.
По завршувањето на вежбата можете да почувствувате мала вртоглавица поради заситеност на мозокот со кислород. Резултатот е намалена желба за пушење која ќе трае подолго време.
Втора вежба
Правете ја оваа вежба секогаш кога ќе почувствувате желба за пушење.
- Бавно вдишете го воздухот, а издишете побрзо.
- Почнете ја вежбата бавно и постепено забрзувајте го темпото.
- Во еден циклус направете 30 вдишувања и издишувања.
- По секој циклус направете одмор од 1 минута.
- За најдобри резултати, направете 5 до 6 циклуси.
Со текот на времето ќе забележите дека не размислувате толку често за цигари.
Кога ги правите овие едноставни вежби, вашите бели дробови го добиваат потребното количество кислород. Нивната недоволна вентилација го намалува бројот на респираторни движења во минута. Покрај тоа, абдоминалните органи добиваат нежна масажа благодарение на ритмичките движења на дијафрагмата.