БРЕГАЛНИЧКИ ПОРТАЛ

ИДЕНТИТЕТ НА РЕГИОНОТ

“Несекојдневна” желба да живеам дома

Пренеси го гласот

Пред да пораснам (иако не сум баш сигурен за идното свршено време во оваа констатација), сакав да бидам многу нешта… Сите тие професии од денешна перспектива, најверојатно подразбираа номадски живот, по белосветските хоризонти, преднабрегнати од ќирајџиски навики и љубопитност (по делчевски радозналост). Не сакав уште тогаш многу да патувам….Релативно возрасен, некогашното претпријатие Полет Делчево, стана мој втор дом во чии што “простории” поминував дел од мојот живот.

Браната “Калиманци” тогаш ми се чинеше море…. Кочанско поле-прерија со чудна вегетација за која после узнав дека била ориз…. Од Штип надолу….Limp Bizkit-ти….Далеку зад мене се чинеше тогаш неповратно останаа планините, тешката провинција која не ги задоволуваше моите идеали за живот. Што да правиш, желба за себе-афирмација, во околина која недоволно ја познаваш….


Поглед кон гимназијата која го носи името на Методи Митевски Брицо во Делчево.

Фотографијата е снимена 1999 година

Денови, недели, месеци…..години.

Револуција на мислата, еволуција на ставот….Арно ми велеше татко ми:

“Каменот си тежи на местото….Помести го секој ке го тркала…”

Ама кој да слуша, Јас-никако…не иде во обзир…Јас во тоа село (мислејки на Делчево) не се враќам, Скопје е мојот дом сега…. Тука имам другари, друштво, интересно до мерка на воспаление на кортекс, забревтано турбо живеење, со кул шмек и нишан. Па ова е за мене си велев….Се чувствувам како дома…Со секое излегување по СКопје-то се уморував само од поздравување по улиците. Тогаш за првпат ја прочитав Библијата…Целата…Барав нешто повеќе, нешто нерационално, во мојот универзум на математичка хармонија (на градежен факултет се учи многу математика, физика, динамика и сл.), детерминирана од законие на природата, предефинирано од формули и бројки.Во Скопјето сите ги знаев, а и тие ме знаеја…. И тоа не само Скопјани, туку и сите новопечени придојденци, со секоја нова учебна година. Тогаш почна и Скопјето да ми станува мало…Па почнав по планините и реките, околни да денгубам (ова не го велам во негативен контекст).

Е сега овие планини и реки си имаа свои убавини, не дека немаа, ама нешто недостигаше….


Разгледница за Делчево и планината Голак од крајот на 80-те години на минатиот век

Во меѓувреме почнав да цртам, да сликам, да пишувам, да пеам….И се некако инспирација ми идеше од мојата река покрај која пораснав, од моите планини каде со дедо ми пасевме говеда, од моите ливади каде собирав глуварчиња, од моите шуми каде се криевме со маалските другарчиња, од моето небо под кое пораснав а никако не го достигнав….Моето небо кое никако не го достигнав….Толку убаво небо, толку високо, широко, чисто, прозрачно, со мирис…на небо.Неостварен завет на моите предци….Соништата ми беа исполнети со магла, санти мраз кои пловеа по река…по мојата река. Овие соништа не успевав никако да ги заборавам, ме печеа на потсвеста, која се напрегаше да исплови на површина…Мојата потсвест сакаше да ме превземе, окупира, да станам нов човек….Во битката за превласт, по широките полиња на вечниот парадокс на човековото постоење во манир да се биде или не, и што ако се биде или не, паѓаа безброј жртви….а најголема жртва ми се чини беше времето….Моето време кое јас го потрошив….И покрај тоа што тоа беше квалитетно потрошено време, сепак тоа беше време на номадот во мене….Човек чиј дом беше илузорно претставен во сјајот на очите на некаква топлина, на нечие друго-туѓо огниште, кое пламтеше со сјајот на раскошот и можностите…Се она што можев да бидам, се она што не станав, и што ме одмина….

Патем стекнав познанства, стекнав знаење, стекнав искуство, стекнав поинаков поглед на мојот свет. Патем тогаш за првпат (морам да спомнам) сам си купив и компјутер (овој ситен факт во огромна мера ке ми го детерминира мојот живот во иднина).

Почна избезумено да ме фаќа страв, да ме фаќа паника….Буџава, тежок воздух, недостиг на небо (особено ноке), премногу лица кои веќе не ги познавав, премногу залудни чекори по улиците по кои некогаш (не така одамна) сите ме знаеја, а и јас ги знаев, премногу, премногу, премногу….


Фотографија од старата училишна зграда на денес Општинското Основно Училиште Св. Климент Охридски во Делчево. Фотографијата е направена во 60-тите години на минатиот век

Во недостиг на брендот “Полет Делчево”, се качив на розовиот “Пинк Транс”, со најдобриот шофер кој го познавав до тогаш (поздрав за чичко Мите), и правец назад….Во тоа “село” кое го бев напуштил пред 7 години…. Каменот се врати! (секаков обид за дискредитација по однос на изборот на термините во последната реченица ке го сметам за злонамерна атака, врз моите верувања, или така некако).


Авторот на текстот е  мрзлив аналитичар, за еднократна употреба, кој не сака да шета, цел ден седи по дома, и зјапа во реката во неговиот двор.

Пишува: Reevolucioner

Текстот е напишан 2012-06-22 15:01:06

Креирано од:


Пренеси го гласот